Не постои поубав медиум од интернетов, бираш што да прочиташ, да слушнеш или да погледнеш, бираш кога и на каков начин. Kлик, плеј, стоп, рипит, бек, икс!
Во ваквите демократски избори (на содржини и време на нивно конзумирање), интернетот ѝ даде глас и на една категорија на проста раја која во вистинскот живот веројатно или нема муда да каже што има или (најчесто) нема што да каже. Истава проста раја не прави ништо друго освен што плука.
Конструктивна критика? Да, повелете.
Дебати, форуми, мислења, размена на ставови. Сè е добредојдено. Кажете си го слободно вашето кога мислите дека имате аргументи или од нешто се разбирате. На пример: " Текстов Емили ти е содржинско срање бидејќи ти немаш поим која е разликата помеѓу Прада и Миумиу." Ајде да видам. Или пак:" Од сè што кажа за болоњските дипломци, нема ни трошка вистина, jac ќе ви кажам како стојат работите". Баш да чујам.
Коментираш со причина и чекаш фидбек, ако веќе сакаш да учествуваш во било каква виртуелна дебата. А не, како што би рекле Италијанците, "Фрли камен, па скриј си ја раката." Коментари од типот: " Ќенеф", " Срање", "Идам да мијам заби" се прв знак дека домашната култура некого не го поучила дека е глупаво така низ животот, рогато, пиши глупост само затоа што имаш слобода да напишеш!
Ако не се согласувате со нечии ставови, супер, и јас не се согласувам со многу туѓи начини на размислување и на живеење, но не си земам никакво право да испукам само едно мизерно "Срање!".
На една колумна на Јана имаше коментар: "Ќенеф". Точка. Ќенеф зашто сабајлето си се искарал жустро со жена ти, во ходник си налетал на несимпатичниот колега, кафето не ти се погодило... па оди на социјални мрежи и плукај по што ти се нашло пред нос? Или? Зошто ќенеф?
Еве ви друг: " Не знам кај ги наоѓате колумнистиве?" Ееееех, само да знаеш како сме си се нашле...
Еден - два - три! Земете голем здив, мечка страв мене нестрав и пишете му на уредникот: "Текстовите на овие твоиве колумнисти јас можам да ги изџвакам за доручек, јас сум права личност за твојот сајт зашто освен што имам да им пренесеам НЕШТО на твоите читатели, сум и неоткриен авторски талент!"
Патем, Ние од бавчите сакаме колеги.
Друга ситуација. Освен што истрошила време да чита автор(и) кој(и) очигледно не и штима(ат) заради нешто, троши и дополнително време за да пише "Иди дома" . Дома заради што? Кој пристоен некому кажува каде му е дома? Со која арогантност ти некому: "Иди дома"?
Имате на сајтот широк спектар на содржини, за сите умови и за сите расположенија. Прочитајте некоја вест од по светов, ѕирнете прогноза, прочитајте критика на некоја книга, инспирирајте се за неделниот ручек, гледајте голи жени да ви се качи притисокот... Без никој да ви дише во врат одберете си ја содржината и фурајте си го филмот. Кој ви е ѓавол да ја кликате онаа од Итали со кошулите или онаа со штиклите и мажачките за на крај, онака, да сковате велелепна рецензија: срање.
Најлесно е да си земеш слобода да даваш простореченични или еднозборовни коментари без притоа да помислиш дека некој, на некое место од другата страна на зборовите кои ги читаш си има своја приказна. Различна, поинтересна или подосадна, потажна или посложена животна приказна. И неизбежно, во секој текст остава по некое мало интимно делче, по некоја случка или некој став, некоја забелешка или едноставно некоја прошетка, некој фустан или некоја посета на гробишта.
Ако требаше да и одговорам на Јана за мажачката, земајќи го во предвид моето сопствено опкружување и она што јас секојдневно го живеам во Италија, ќе и кажев "А бе што ти е тебе? Во Италија на 27 години не само што не се секираат за возот, туку не сакаат да чујат за мажачки. Италијанките на север шизнуваат само после 35тата".
Ама тоа е мојот одговор кој се контестуализира онаму каде што јас живеам во минативе 9 години. А колумната на Јана е парче од приказната на Јана која не живее во деведесетите во Италија туку денес во Македонија. Не можеш да го откорнеш доживеаното од нечиј контекст со едно кратко и суво "Булшит", не е фер. А за ставовите, можеме да дискутираме или пак поедноставно да прифатиме дека баш заради различните стории, некој има различен поглед од нашиот и истиот не мора да си го однесеме дома ниту пак да си го посвоиме.
На крајот, преплавени во големото онлајнско тенџере, најголемиот ризик е да се удавиме во сопствените повраќаници. За среќа, ние знаме да нуркаме и на подолги стази.
Емили
emabela@yahoo.com