Другарите се познаваат во голема нужда

Цело Скопје да е Луна парк!

Чим ситна роса заросит, Плитвички езера се слушаат од Синѓелич до Ѓорчета. Чаре?

Дождот кој паѓат во Македонија имат чудесна моќ. Некако успеват да пробијат преку хаубата од колата, да дојт до главата на шоферот, понират према мозокот, идат до центрите за сообраќај, логика, контрола на агресивноста при шо идат и до ерозија на мозочната почва.

Чим заврнит дожд сите инстантно отупуваме. И тука се нашите пет денари по темата. Рестото од парите е во рацете на урбанистите (кои рака на срце последниве години работет на ширење на улици), сообраќајците (кои шо се ефикасни помалку или појќе, во зависност од сведоштвата на шоферите со различно ниво на дождовно-сообраќајна ерозија во глава), системите за паметно следење на гужвите на крстосниците (за кои исто не е исклучено да оглупуваат на дожд) и атмосферската канализација која последниве месеци во Скопје е нерешливо судоку за градските умни глави.

Чим ситна роса заросит, Плитвички езера се слушаат од Синѓелич до Ѓорчета. Чаре?

Според граѓаните, убо е градот да градит панорамско тркало кое ќе го подобрит квалитетот на забавен живот на граѓаните во Скопје.

Уште понајубаво е градот прво да придонесит за намалување на нивото на нервоза од чекањето во гужва 3 саати на дожд, за да би се намалил редот за душевно умирување пред панорамското тркало во кое веднаш после гњаважата низ град во кој нема трамвај и метро би влегле скопските шофери, ни криви ни должни совозачи, мали деца кои на задно седиште од градинка патуваат дома со саати и какаат во пелени на семафори, стари баби и дедовци кои се затекнале во автобус не-дај-боже простум и на смени потседнуваат за да не им кврцнат нозе и нај-не-дај-боже оние кои се во возило на итна помош среде таква гужва.

Ама да не го дрвиме сега за секоја една градска мака со нелогичноста на приоритетите и панорамското тркало од 18 милиони евра пред преземање на други покрупни зафати, добро? Стварно е лешперски од наша страна при секој помал или поголем хроничен проблем да галамиме за немањето приоритети и фасадирање на отежнувачите на нормалниот градски живот со градежни целофани и покривање на дупките во улиците со темели за панорамски тркала кои ќе не' веселат.

Има решение проблемот. А кој ќе ти се најде во мака, ако не твојата Влада.

„Владата ќе одвои пари за изградба на современ забавен парк во Скопје. Постои начелна согласност изградбата на луна-паркот да биде реализирана и финансирана во соработка меѓу Градот Скопје и Владата, потврди вчера владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев. "

Одлично. Сега граѓаните нема да имаат само едно тркало за пцуење кога ќе оставаат лагери на дупки по патиштата или возилото ќе им запливат во градските езерца после секој дожд, туку ќе прошират лепеза на канализација на нервоза и на еден луна парк, со што нивото на негативна енергија ќе биде помалку фокусирана на еден од новите забавни објекти туку дисперзирана и нема да ги фаќа лоша карма од пречесто споменување во периодите во кои црвеното светло на семафорот ти стои пред очи подолго од потребното време за дипломирање на приватен универзитет, па побрзо ќе бидат изградени. А тоа е преубаво.
Во информацијата која го соопштува забавниот парк уште се вели и дека:

„Во јавноста, на интернет-форуми и на социјалните мрежи се разви дискусија колку е потребно да се дадат 18,2 милиони евра за да се изгради Панорамското тркало на Вардар, а Скопје да нема современ детски забавен парк. Граѓаните аргументираат дека и луна-паркот е атрактивна и економски исплатлива содржина која ќе привлече туристи во главниот град и предлагаат прво да се изгради забавен парк, на местото на постојниот, а потоа тркалото. "

Јебеш ти таков град без современ детски забавен парк. Сериозен сум, не се заебавам. Секој кој имал најмерак „обврска" да помине некое време со мало дете низ град ќе сфати дека освен ашкање по парк и посета на фино дотераната зоолошка градина, баш и нема премногу анимација за најмалечките во нашата единствена метропола. За другите градови, не ни помислувам какво е нивото на незабава.

Е сега, добро е јавноста на интернет форуми и социјални мрежи да развие дискусија и за тоа што е понеопходно да се направи за да се олесни патот до забавните содржини кои се сложивме дека е одлично секој град да ги има. Дали патот до луна паркот треба да е поплочен со крпен асфалт? Дали сите езерца на булеварите водат до панорамското тркало?

Солуција има. Една е комбинација на градските желби и граѓанските потреби: „Цело Скопје забавен парк!" . Се укинуваат сите возила, автобуси, планови за трамвај. Може кој сака да врти по некој точак, пешки уште подобро, а сообраќајот ќе се одвива на луди железници наместо во автобуси, големи рингишпили (пример, кружен тек со рингишпил кој ќе врти во огромен лак и со падобран ќе ги фрла патниците на станиците на кои нормално би оделе со кола или бус), а може да се искористат и езерцата после дожд по кои сообраќајот би се одвивал со луна-парк амфибии и за копно и за вода. Или излегуваш на тераса, скокаш на трамполина која те фрла до маалското гранапче. Купуваш јогурт, јајца и цигари, па се сместуваш на општинскиот катапулт кој те враќа на тераса дома. Епилог: ем сите доволно развеселени, ем непречена циркулација во сообраќај и комуникација на сите делови од градот во пристојна временска рамка.

Втората солуција е прво да ги си купиме гаќи, маица, фармерки и патики, а потоа чанта од Луј Витон и Рејбан цвикери.

Ама дождот кој паѓат во Македонија имат чудесна моќ. Некако успеват да пробијат преку сите препреки на неговиот пат, да дојт до главата на оној кој не чекат на црвено никогаш бидејќи се вози во возило со предност на минување, понират према мозокот, идат до центрите за сообраќај, логика, контрола на креативноста при шо идат и до појава на генијални идеи: „ако немаат нерви луѓево да чекаат пола саат на еден семафор, нека си се возат во Луна парк."

Кога ќе се качиш на Луна паркот, немаш гужва во сообраќај.

Ќе се осеќаш како оној кому цело време семафорот му е зелен.
betmenvelit@gmail.com / @BatmanSaysT

 

3 септември 2014 - 13:36