- Европската комисија индиректно потврдува дека се уништени текстуалните пораки што шефицата Урсула фон дер Лајен ги разменила со директорот на Фајзер, Алберт Бурла, во 2021 година, кога ЕУ преговараше да купи 1,8 милион дози вакцини против ковид-19 за цена 15 пати повисока од производната.
- Наспроти обврската од законите за транспарентност, ЕУ тогаш ги одби барањата од новинарите да ги објави пораките, сметајќи дека „не се од интерес за јавноста“. Врховниот суд на ЕУ во мај пресуди дека „Комисијата не може без веродостојно објаснување да тврди дека не ги поседува документите“. Поради аферата Фајзергејт во Европскиот парламент се гласаше и за недоверба на претседателката на ЕК.
- На новото барање од Њујорк тајмс дали се чуваат пораки меѓу Фон дер Лајен и Бурла, Комисијата на 28 јули потврдила дека таква комуникација постоела, но објаснува дека Фон дер Лајен лично била одговорна да процени дали текстуалните пораки се документи од интерес и дали имаат вредност за да се објавуваат и да се чуваат.
- ЕК наведува дека сега не може да пронајде такви текстови и индиректно укажува дека не ги поседува. Фон дер Лајен неколку пати го сменила телефонот по комуникацијата со Бурла. Старите телефони биле форматирани и рециклирани - што значи дека сите информации во нив се уништени.
- Првиот човек на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, го обвини Брисел дека го поткопува европското воздухопловство преку нееднакви давачки за јаглеродни емисии. Повисоко ги оданочува летовите во рамките на ЕУ, а ги ослободува американските и кинеските авиопревозници, иако тие испуштаат повеќе штетни гасови.
- Според Евроконтрол, летовите на долги релации претставуваат само 6% од вкупниот број во Европа, но создаваат 53% од емисиите на јаглерод. Сепак, спаѓаат под поевтината категорија на ОН за компензација, а не во внатрешниот систем на на ЕУ.
- Европската комисија предложи од 2029 година да ги прошири мерките врз одредени летови што поаѓаат од Европа, но тоа нема да важи за подолгите рути и летовите што пристигнуваат од САД и Кина.
- „Урсула фон дер Лајен се плаши да направи нешто освен да зборува. Таа е бескорисна. Европа има патоказ за поголема конкурентност – тоа е Извештајот на Драги. Две години подоцна, ниту една од неговите препораки не е спроведена, а Урсула фон дер Лајен се крие во зградата 'Берлемон' и не прави ништо, освен што држи говори“, изјави О'Лири за Еуроњуз.
- Фирми за кибернетска безбедност регистрирале милиони напади врз веб-страници откако беа објавени критични пукнатини во програмскиот јазик PHP на кој се потпира интернетот.
- „Десет часа пред објавувањето на ранливоста, забележавме илјадници обиди за злоупотребување на мрежата. Таа бројка се зголеми на десетици илјади во 45-те минути по објавувањето, на стотици илјади во рок од 2 часа, а сега достигна милиони“, изјави Метју Принс, директорот на Cloudflare.
- Додека се надградува заштитата на серверите, во прекин се многу владини, даночни, банкарски, авионски и железнички услуги од Финска до Јапонија.
- „Тоа беше долг ден и долга ноќ, за сите што работат во информатичкиот и безбедносниот сектор. Вакво нешто не сум видел многу, многу долго време“, изјави Сатја Надела, извршниот директор на Микрософт.