Тврдењата доаѓаат од извадок од претстојната книга на истражувачкиот новинар Метју Кол „Принцови и крадци“, објавени во „Венити фер“.
Кол тврди дека парите од Саудиска Арабија и Емиратите финансирале сметка од околу 750 милиони долари која Кушнер ја управувал како некнижен фонд за надворешна политика.
Не само тоа; лидерот на ОАЕ Мохамед бин Зајед за Кушнер префрлил уште околу eдна милијарда долари во Израел- пари за кои извор му рекол на Кол дека биле наменети за негова „лична корист“.
Кол е поранешен новинар на „Интерсепт“ кој претходно водеше истраги за ABC и NBC News а за овој извештај му биле потребни четири години.
Кушнер ги негираше обвинувањата кои ги смета за „мешавина од фантазија, фикција и пропаганда“.
„Тврдењата изнесени од овој автор се целосно луди, категорично лажни и никогаш не се случиле“, напиша тој. „Не се дадени никакви банкарски изводи, записи за банкарски трансфери, броеви на сметки, датуми на трансакции или други проверливи детали за да се поткрепат овие вонсериски обвинувања“.
Еве ја приказната.
Кон крајот на 2017 година, холандската воена разузнавачка служба дознала дека руски оперативец на ГРУ - хакер на дарк веб специјализиран за украдени банкарски податоци - се упатува кон Велика Британија. Со помош на британските колеги, Холанѓаните му дале избор: да работи за нив или да се соочи со обвиненија за шпионажа.
Го одбрал првото.
Русинот им дал на Холанѓаните пристап до сервер на ГРУ во Ростов, каде што пронашле снимки од екранот на Ајфонот на Кушнер. Холандските хакери успеале да му пристапат на телефонот - не можеле да го претворат во микрофон но можеле да го видат неговиот екран.
Го гледале како се најавува на банкарска сметка во ОАЕ, која добила стотици милиони долари од банка во Азербејџан.
На почетокот на првиот мандат на Трамп, бин Зајед и Мохамед бин Салман од Саудиска Арабија разговарале за вложување на над 10 милијарди долари во скриен фонд за заштита на нивната надворешна политика кај новата администрација, вклучително и помош за плаќање на граничниот ѕид на Трамп.
Идејата пропаднала. Наместо тоа, двајцата кралски членови ставиле најмалку две милијарди долари на најмалку две сметки за Кушнер, чија семејна компанија во тоа време се соочувала со заем од милијарда долари чие плаќање брзо доспевало (за кулата 666 на Петтата авенија на Менехен).
Првата сметка, која Кол ја нарекува „Алфа“, се чувала во банката „Прва Абу Даби“ која ја води братот на бин Зајед, Тахнун бин Зајед. Почнувајќи од 2017 година, Саудијците и Емиратите наводно префрлиле околу 750 милиони долари на таа сметка преку Азербејџан, каде што одредени банки вршат размена на ријали или дирхами за долари со провизија од 6 до 7 отсто, при што за ревизорите не останува никаква трага.
Сметката ѝ припаѓала на фондацијата „Ватани Ал Емарат“, добротворна организација финансирана од владата, која служела и како параван за тајните воени и разузнавачки операции на Обединетите Арапски Емирати во странство, вклучително и за набавка на оружје.
Кушнер наводно бил овластен потписник и имал пристап до фондот, со кој тој и Бин Зајед делумно управувале додека работеле на „голем договор“ во врска со Израел. Извор запознат со договорот му изјавил на Кол дека Кушнер му ветил на Бин Зајед оти ќе се залага за интересите на ОАЕ пред Трамп, доколку Емиратите се приклучат кон фондот. Според истиот извор, ваквите фондови за тајни плаќања се вообичаена пракса за монархиите во Заливот:
„Една или две милијарди за нив не значат ништо“.
До пролетта 2018 година Бин Зајед префрлил уште околу 1 милијарда долари во Израел, повторно преку Азербејџан. Лице запознаено со аранжманот изјавило дека Бенјамин Нетанјаху го советувал Кушнер средствата да ги чува во Централната банка на Израел – која управува исклучиво со државни пари – со што сметката би изгледала како државна.
Пораките се пренесувале преку тогашниот амбасадор на САД, Дејвид Фридман.
Лице кое му помогнало на Кушнер да ги изнесе парите од Израел му кажало на Кол дека поголемиот дел од нив завршиле на сметки во Кипар.
Како вработен во Белата куќа со пристап до доверливи информации, Кушнер имал обврска да пријави секоја сметка на која тој бил потписник или корисник. Поранешен обвинител вели дека доколку Кушнер им ветил нешто на членовите на кралското семејство за возврат – па макар и само да поразговара со својот свекор, го прекршил федералниот закон за поткуп, како и Законот за регистрација на странски агенти.
Шест месеци откако Кушнер ја напушти Белата куќа, Јавниот инвестициски фонд на Саудиска Арабија вложи две милијарди долари во неговата нова фирма, „Афинити партнерс“ - поништувајќи го заклучокот од сопствениот панел за проверка, кој имал негативна оценка заради „неискуството“ на тимот на Кушнер а неговите операции ги оценил како „незадоволителни од сите аспекти“. Фондот го води бин Салман.
Тајмингот на објавувањето на оваа сторија не може да биде полош за републиканците и Трамп кои на изборите следната недела чиј влог се сите 435 места во Претставничкиот дом, 35 од 100 места во Сенатот и 36 гувернерски позиции.
