Азербејџан повеќе не сака да биде „малиот брат“ на Турција

Анкара и Баку нагло го загрозија договорот за сојузништво со „братски“ меѓусебни обвинувања поради забраната за носење шамии во азербејџанските училишта. Причините за судирот ги надминуваат идеолошките рамки. Баку ги продлабочува односите со Израел и не сака повеќе да биде третиран од Анкара како „помалиот брат“.

Турција и Азербејџан на крајот на септември го поздравија договорот за купување оружје во вредност од половина милијарди долари како сведоштво за стабилноста на партнерството согласно формулата „две држави – еден народ“, од декларацијата од 2021 година. Само две недели подоцна, Анкара го обвини Баку за предавство, а азербејџански медиуми го обвинија шефот на турската дипломатија Хакан Фидан дека планирал државен удар против претседателот Илхам Алиев.

Наглото влошување на односите е поради одлуката на Азербејџан да забрани носење шамии во училиштата, заради одбрана на секуларниот карактер на земјата и за да спречи ширење на „арапско и персиско влијание“. Првите отстранувања на девојчиња со хиџаб од настава поттикнаа протести на родители и ученици.

Ова предизвика бурни реакции од Анкара, бидејќи политичкиот подем на претседателот Реџеп Таип Ердоган и на неговата Партија на правдата и развојот почна токму со барањето за укинување на забраната за шамии во турските секуларни државни институции и универзитетите.

Шамијата не е пречка, таа е верска заповед! Очекуваме Азербејџан да ја поправи оваа грешка што е можно поскоро, објави неговиот главен советник Октај Сарал.

Баку ги отфрли критиките како „неодговорни и популистички“,  и ја потсети Анкара дека и Турција според Уставот е секуларна држава.

Принципот „две држави, еден народ“ не дава никаква основа една држава да се меша во работите на друга, ниту пак да ѝ го наметнува својот политички и идеолошки пристап, соопшти партијата на Алиев.

Владата во Баку побара од Анкара да го разреши советникот Сарал, и ѝ достави список со профили на социјалните мрежи што треба да бидат блокирани. Спорот уште повеќе го ескалираа провладините медиуми. Порталот Кавказинфо ја поврза посетата на Хакан Фидан на Баку со „заговор за државен удар“. „Публика“ ја обвини партијата на Ердоган за „извоз на исламистички идеи и на идеологијата на Муслиманско братство“. Global Info објави дека Анкара спроведува „неоотоманска политика“. 

Идеолошкиот спор се надоврзува на дипломатскиот од Генералното собрание на ОН во септември. Делегацијата на Азербејџан не им се придружи на Турците во демонстративното напуштање на салата за време на говорот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Турски медиуми тогаш го обвинија Баку за „предавство на сојузништвото во корист на ционистите“.

Азербејџан одржува добри односи со Израел, од кого доби 69% од оружјето што го користеше во војната за Нагорно-Карабах во 2020 година. Азербејџан го плати оружјето со нафта, која тече кон Израел преку турска територија.

Новиот конфликт е одраз на стратешко преориентирање на Баку. Со децении, Азербејџан одржуваше рамнотежа помеѓу Русија, Иран и Турција. Анкара служеше како противтежа на Москва и како заштитничка сила во борбата за Карабах. По целосното заземање на Карабах во 2023 година, Баку се чувствува доволно силен за да го следи сопствениот пат.

22 октомври 2026 - 14:08