Nvidia продавала чипови на фантомски кинески фирми

САД имале основа да се сомневаат во активности на Nvidia на пазарот во Кина уште пред Јенсен Хуанг да признае дека имал вонбрачна афера со жена ангажирана да шпионира за Пекинг. Чипови на Nvidia за вештачка интелигенција биле доставувани до десетици фантомски компании поврзани со фондови кои биле под санкции како ризик за националната безбедност на САД.

Кон крајот на минатата година, претседателот Доналд Трамп одобри продажба на напредни чипови H200 во, но под услов Министерството за трговија да провери дали вклучените компании претставуваат ризик за националната безбедност на САД.

Една од фирмите што добила дозвола да ги купува напредните чипови и да ги вградува во компјутери за развој на вештачка интелигенција била „Њу Матрикс“ од Пекинг. Независно истражување на „Њујорк тајмс“ не открило докази дека таква фирма воопшто постои.

На интернет може да се најдат само оскудни информации за „Њу матрикс“, која била основана пред 17 месеци. на веб-страницата на „Њу матрикс“ нема наведено вработени, нема огласи за работа, ниту пак информации за историјатот на компанијата. Името на фирмата го нема во списокот на компании на наведената адреса. Рецепционерот и директорот на индустрискиот парк во предградието на Пекинг изјавиле дека немаат никаква евиденција за таква фирма.

Според кинеските деловни регистри, сопствениците на „Њу матрикс“ се поврзани со истакнат кинески фонд за приватен капитал, кој американската влада во 2024 година го стави на „црна листа“ за тргување. Анализа на документацијата укажува дека „Њу матрикс“ е параван за фирми поврзани со санкционираниот фонд.

Корпоративните документи покажуваат дека неколку други кинески компании, кои добиле одобрение за купување чипови H200 или за нивно вградување во сервери, имаат врски со фирми што се наоѓаат на „црната листа“ на владата на САД, или пак работат како воени добавувачи во Кина.

Имам сериозни сомнежи дека ниту Министерството за трговија, ниту Nvidia не спроведуваат соодветна проверка за да се осигурат дека условите за лиценцирање се почитуваат, изјави Лајза Тобин, директорка за Кина во Советот за национална безбедност на Белата куќа за време на првата администрација на Трамп.

Претседателот Трамп олабави некои од ограничувањата за продажба на чипови на Кина по лобирање од извршниот директор на Nvidia, Џенсен Хуанг, со кого се зближи во својот втор мандат. Во декември, Трамп ѝ даде дозвола на Nvidia да го продава моделот H200 на Кина, под услов американската влада да добие дел од приходот од продажбата. Според необичен аранжман, Трамп побара овие чипови, кои се склопуваат во Тајван, на патот кон Кина да минуваат низ САД, со цел владата да може да наплати царина од 25% од нивната вредност.

Nvidia денес ѝ продава на Кина мали количини од своите чиповите H200. Пекинг инсистира кинеските компании да се преориентираат на чипови од домашно производство.

Министерството за трговија на САД одобрило околу дваесетина кинески фирми да купуваат или да ракуваат со чиповите H200 на Nvidia. Меѓу нив се наоѓаат големи кинески компании како Baidu, BYD и Tesla Shanghai. Иако овие фирми добиле дозвола да набават десетици илјади чипови, тие сè уште ја немаат исполнето таа квота. Во кварталот што заврши во јули, испораките на чипови H200 за клиенти во Кина учествуваа со помалку од 1% во приходите на Nvidia.

******
Види и: Шефот на Nvidia призна афера со осомничена кинеска шпионка

11 ноември 2026 - 09:43