Програмата за економско разузнавање сè уште е во фаза на планирање и не е оперативна. Не е информиран ни Конгресот, тврдат шест извори на Вашингтон пост.
За лидер на програмата е назначен Том Ракусан, ветеран со 39-годишно искуство во Централната разузнавачка агенција. По пензионирањето во 2021 година, Ракусан се вработил во фирма на милијардерот Стив Фанјберг, а лани заедно беа ангажирани во Пентагон. Фајнберг сега е заменик-секретар за одбрана, а Ракусан му е висок советник.
Реакцијата во ЦИА за иницијативата на Пентагон била „прилично студена“. Ленгли традиционално е против други агенции да навлегуваат во шпионажа преку човечки извори и инсистира таквите активности да бидат координирани од шефот на станицата на ЦИА во соодветната земја.
Планот за зајакнување на капацитетите на Пентагон доаѓа во момент кога е ослабена програмата на ЦИА за оперативци без официјално покритие. Тоа е особено ризично, бидејќи агентите не можат да работат од амбасади и не можат да се повикаат на дипломатски имунитет ако бидат приведени, укажуваат поранешни офицери.
Внатрешен извештај на ЦИА од ерата на пандемијата откри дека околу 75% од сите тајни агенти ќе имаат право на пензионирање до средината на оваа деценија, а не се обучуваат нови за да ги заменат.
Ова е еден вид тивка смрт. На терен останаа многу мал број вистински длабоко прикриени агенти на ЦИА, велат изворите.
За разлика од ЦИА, која е претпазлива со преземањето агресивни шпионски операции, Пентагон е спремен да преземе поголеми ризици, а има на располагање и значително повисок буџет и поддршка од Белата куќа.
Администрацијата на Доналд Трамп го прифати економското војување како клучна алатка на надворешната политика. Воведува царини и контроли на извозот, инвестира во критични ресурси и технологии, соработува со приватниот капитал за да ја зајакне поддршката за клучните компоненти на одбранбено-индустриската база и му даде приоритет на економското разузнавање.
Иако американските служби долго време шпионираат кинески фирми, за невообичаен потег се смета изјавата на заменик-директорот на ЦИА, Мајкл Елис, кој отворено призна дека САД ја прошируваат својата шпионска активност кон Кина, фокусирајќи се на компании од вештачката интелигенција, биотехнологијата и напредните полупроводници.