Алка со QR код ги испразни грчките болнички чекални

Со едноставен и евтин систем Грција најде решение како да ја смири нервозата во болничките чекални и да им овозможи побрза услуга на пациентите. Им дава алки на кои е втиснат дигитален QR код со информации за сериозноста на медицинскиот проблем. Лекарите имаат увид кој има приоритет, а пациентите знаат колку време и каде треба да чекаат. Ете како за два месеци можело да се воведе ред.

Министерство за здравство на Грција го прогласи за голем успех новиот систем за тријажа, кој го намалил времето на чекање на пациентите во службите за итна медицинска помош.

Електронскиот систем за следење на пациентите со користење на алки ја подобрил состојбата во сите десет болници во кои е тестиран и до февруари ќе биде проширен на 100.

Кога пациентите ќе пристигнат на одделенијата за итни случаи, тие добиваат билет во форма на алка на кој е втиснат QR код што ќе го користат во сите фази од медицинската услуга. Податоците на алката содржат информации за сериозноста на медицинскиот проблем, со соодветно приоритизирање на итните случаи. Пациентите, пак, со скенирање на кодот добиваат информации колку луѓе се пред нив за интервенција и да го проценат времето на чекање.

Атинската општа болница „Евангелизмос“ во мај прва почна да ги користи алките во своето одделение за итни случаи. Времето на чекање е намалено од девет часа на нешто повеќе од пет часа. Пациентите со животозагрозувачки проблеми воопшто не морале да чекаат. Примената на системот во детската болница „Агиа Софија“ го скратила времето на чекање на помалку од два часа.

Просечното време на услуга во десетте болници вклучени во проектот е четири часа. Повеќе од 44.000 пациенти биле лекувани во овие установи помеѓу средината на мај и средината на јули. Најкратко се чекало на одделението за радиологија (15 минути), на хирургија и кардиологија (по околу еден час) и на патологија (помалку од два часа).

Во болниците каде што е имплементиран новиот систем, владее мир и ред, бидејќи пациентите знаат кога им доаѓа редот и каде треба да одат, објаснува министерот за здравство Адонис Георгиадес.

Алките летово ќе бидат воведени во уште четири болници, а до крајот на септември во уште десет. До февруари 2026 година планирано е на овој начин да биде заведен ред во 100 болници низ Грција. 

Во ноември електронскиот систем за следење на пациентите ќе премине во друга фаза. Ќе има платформа за следење на реалното време на чекање во болничките одделенија за итни случаи, што ќе им овозможи на службениците да интервенираат во случаи на прекумерно доцнење.

Алките не ги решиле сите проблеми. Околу 17.000 пациенти опфатени од новата програма воопшто не требало да бидат упатени на одделенија за итни случаи.

Ако се среди системот за примарна здравствена заштита, итните служби би се растовариле за околу 30% од пациентите кои непотребно создаваат метеж, наведуваат службениците.

1 август 2025 - 17:23