Сите патишта водат кон Дунав

Будимпешта, пак

"Владимир! Владимир! Станувај Владимир или ќе ти наплатам како да си преспал уште една ноќ," ме буди прекрасната руса Унгарка и ме турка по рамото. "Проклетство," одговарам и се обидувам да ја одредам својата физичка позиција. "Проклетство, проклетство..." подбивно се смешка убавицата и објаснува оти доаѓаат нови гости во хостелот каде со одјавување доцнам преку еден час.

Здробен во фацата слегувам и успевам да го совладам степениците во Вомбат хостелот. Одлично преноќиште во центарот на Будимпешта каде креветот чини 8 евра. Долу во фоајето вреват млади туристи и ми ја одземаат концентрацијата која сакав да ја инвестирам во воодушевување од високиот таван на зградата. Го мразам ентузијазмот и позитивата на странците, на рецепција добивам поглед попреку и се губам низ вратата.

Каде ли се наоѓам побогу?! Ок, прв чекор. Најди интернет, испиј кафе, избистри ја главата и почни со ретроактивна анализа на првата ноќ мината во градов. "Многу јака, внимавај. Погледни, 61 процент на алкохол Владимире..." ѕвони советот на барменот од претходната ноќ. Ох, Палинка, вкусната унгарска ракија [во случајов од слива] виновната заводничка за смогот во мојата глава. Во ред, барем знам како загинав. Ах, да... се обидов и да преспијам на клупа, да го пречекам утрото и тогаш да кројам планови. Но благиот срам поминува од кафето.

Се разбравме со домаќинот со кого "вршевме" претходната ноќ и кој ме загуби од радар. Фаќам такси и се упатувам кон вториот дистрикт во Будим. Возачот држи одличен англиски за унгарскиот стандард и откако сфаќа од каде доаѓам, раскажува како во својот живот бил во Тетово, Гостивар, Куманово, Охрид... "Знаете каде е проблемот кај вас Македонците," вели. "Просветли ме," саркастично го замолувам. "Во главата момче, во главата..." Ок, си велам, и комплетно наудрен се обидувам да го насочам муабетот кон фасцинацијата од гордите Унгарки што парадираат по центарот на неговиот град.

Непосредно откако ја даде својата скромна анализа на љубовта меѓу нашите премиери, пристигнуваме на вистинското место. Добро е, тука сум и потивко ја славам мојата навигациона среќа со чија помош по брза постапка го најдов мојот дом за следните две ноќи. Домаќинот ме гледа пред неговата зграда и од срце камен му паѓа затоа што сум цел.

Домаќинот (или како мојот прв интернет трол реши да ме гоштева)

Со цел да го испочитувам идентитетот на еден џентлмен горштак и ербап светско дете родум од македонскиот запад, ќе се обидам набрзина да ја сплескам приказната за еден онлајн хејт што по извесно време се претвори во обострано почитување, пристојно поплавено во гореспоменатата Палинка.

Не толку одамна, свежо стасан во САД, сам како кактус во долината на Тенеси и немајќи со кого да проговорам, започнав да го силувам Твитерот и таму да ја цедам маката. Притоа, несвесен оти стотици луѓе го следат моето "тресење," едно пладне ме споменува непознат лик и заклучува: [парафразирам] "Мислев дека си глуп само кога си пијан а ти да си бил глуп цело време." Троа повреден, денот мина во мисла - "зошто некој би ме тролнал а ниту ме знае ниту ме познава!?" Никогаш не сфатив...

Фаст форвард... летово во чаршија го запознавам тролов и во 10 чекори остваруваме разбирачка по кој повод бев поканет да бидам негов гостин во главниот град на Унгарија, каде овој фиљан човек работи и живее.

"Ме извади од памет бе Адо, до 7 сабајле те чекав пред клубот па во очај дури и лутав по улиците и викав 'Адооооо, каде си Адоооо!'"

Мене едно незгодно. Си велам, човеков се нафати да те смести и шета по 2 милионски град а ти... ти Владимире се загуби како селанче на првиот панаѓур. Резил! Извинувањето беше прифатено а анегдотите од ноќта прераскажани со домашна македонска ракија и Јутјуб сесии со домашна македонска музика. Како таму доле? Како живот? Забава? Дупиш ли нешто... и слични елаборации за нашинец во туѓина. Објективен отчет за социјално/општествените околности во Македонија мила, па одмор и подготовки за следната сеанса, со ветување оти ноќва ќе внимавам и нема ненајавено да лутам по сокаците на горе долу дивата Будимпешта.

Но паметта не доаѓа туку така и тинејџерско погубната унија - унгарска ракија/чешко пиво беше обновена и во своевидна сатира, компромисот оти оваа ноќ ќе биде питома се удави во изгрејсонцето и утринскиот уличен оброк. Сепак, без кобни исходи и со доволно ентузијазам за планираната посета на музејот на унгарската медицина, со нагласок на Игнац Семелвајс, истиот лекар кој ви го споменав во бавчата за Сигет, марш во кревет Владимире!

А во музејот? Рај на бизарности. Медицински инструменти од 18 и 19 век чиј замислен начин на употреба ти ја крева косата и врти утробата, мумифицирани стапала од парализирани жени, стоматолошки столчиња стари по неколку века и ред експонати за потрес и морници. Но восхитот од човекот кој заслужено го нарекуваат "спасителот на мајките" е огромен а почитта немерлива. Каква ебена судбина Боже! Каква помрачина, несреќа и грев?! Темна темница е весела кованица за овој научник кој на човека му дарил толку а светот нему како да не можел повеќе да му одземе. Да не заоѓам, се убаво си пишува во ова ремек дело книже.

На домаќинот како да не му е јасно оти од сите музеи, зданија и убавини по Будимпешта, го доведов токму тука. Не крие и најавува повраќање па трк надвор од музејот на воздух и на цигара. Да земеме душа по се што видовме и да се подготвиме за последната дружба во рамките на мојата посета, која ќе биде овековечена од крајно луцидната средба на вашиот раскажувач и унгарска џандарка. Хистеричната смеа на полицајката и репчето во кое ја имаше фатено косата ќе ги задржам за себе, а тебе Будимпешто ти се враќам кога тогаш. Опседнат со слободата и недостигот на пранги по твоите редови, збунет од шармот на дамите, шашардисан од краснотијата на мостовите и маалата. И со длабок наклон за мрачниот и достоинствен табиет на твоите луѓе.

В.Л.Адо

lazoroskivladimir@gmail.com

@adoohoho

6 декември 2012 - 15:47