Т'га од Централна Европа

Бавча на Дунав

Покрај остварувањата од продукцијата Прајват голд, крајно несреќните судбини на докторот Семелвајс и композиторот Реже Шереш, Будимпешта секогаш ме асоцирала на фестивалот Сигет. По неопходниот одмор после "мачните" 8 дена, ќе се обидам да го пренесам личното искуство од фестивалот, вреден... хмм, многу пари.

Најдобриот голем европски фестивал за 2011-та годинава пречека околу 400.000 луѓе од преку 60 земји. Во 7 дена, од кои 5 беа резервирани за главната програма, на островот Обуда на Дунав можеа да се посетат околу 60 сцени на кои настапија артисти од 43 држави.

Будимпешта самата по себе мириса на оставштина од империја но повеќе од видлив е и советскиот печат. Убавината на градбите не ретко може да биде вознемирена од источен блок кошулчињата на повозрасните пешаци. Сеедно, централниот дел на унгарската престолнина блеска од убавина а на помош доаѓа и масивната река која го цепи градот. Неизбежна забелешка на дел од екипата која патуваше на фестивалот беше оти нашето Скопје кога ќе порасне сака да заличи на некоја мини Будимпешта за сиромашни.

По мешањето со купот туристи со кренати бели чорапи и сандали, се пуштивме кон фестивалот чии организатори гордо се фалат дека во последните 20 години пречекале повеќе од 6 милиони луѓе кои испиле речиси 14 милиони пинти пиво. Епа ај да почнеме со пивото. На годинашниот Сигет покрај локалното се точеше и чешко и германско пиво а цените се движеа од нешто над 2 евра до 5 евра.

Сигет во основа не е ефтин, напротив, иако има огромен избор на храна и пијалоци, цените се далеку од скромни. За мал тост можат да ве изгорат и повеќе од 4 евра, не многу вкусна порција тестенини ќе ве чини речиси 6 евра и горе долу еден оброк се движи во овие рамки. Генерално, за комотно 7-дневно аздисување на овој настан, во камперска варијанта, со превоз од Скопје и назад, би ви биле потребни околу 700 евра. Во нив вклучен и билетот секако.

Оваа замислена цифра е оправдана до секој цент, доколку предвид се земе беспрекорната организација, совршениот платежен систем [наполни ја официјалната картичка на фестивалот и не се замарај со кеш и бонови,] одличната санитарна инфраструктура, просторната координација и програмската понуда.

Публиката претежно во своите рани дваесети, жените [по Унгарките најбројни беа Холанѓанките] лични, чисти, најчесто руси, како од една мајка родени, подготвени и за мерак дотерани.

На Сигет 2012 имаше музичка понуда за секакви вкусови и генерациски афинитети. Снуп Дог размрда десетици илјади фанови и додека он си пафкаше на сцена, ние климавме со главите на моќниот сет придружен со оригиналниот сценски настап и пар емсија што ја крепеа екстра талентираната фацка. Рутс? Рутс соодветно растурија и понудија електрицитет за неколку чекори близу до Џејмс Брауновиот фанк, а само за вашиот пишувач отсвиреа и преработка на кантри/фолк херојот Таунс Ван Зант. Стоун Роузис ја почастија публиката со теми во кои некои слушаат култ, Деус понудија одлично спакуван настап, Сам фортиуан испанкаа со сета сила, Министри изрокааа...

Широк избор од кој субјективно ви ги одделувам артистите кои ми лежат повеќе од останатите. Лично не ни помислив да ја проследам онаа повраќаницата ЛМФАО и ним слични, а за континуираниот мир се погрижија редицита виртуози од циганскиот шатор. На сцената се качија мештани Роми музиканти, романски "акробати" на виолина, словачки ѓупки танчерки... се за да не бидеме оставени на цедило и без подиум по наша мерка.

Сцената за музика од светот и втора по големина бина на Сигет шекна по балканските артисти па овдешната програма зовре со Горан Бреговиќ и неговиот оркестар. Бреговиќ уште ги онесвестува странците со бајатите фори и рециклираните аранжнами на ромската музика. Како за споредба, романците Фанфаре Чиокарлија жежеа со автентичност стотици пати повеќе од "белците," како Ноу смоукинг оркестарот со Емир Кустурица. Првото накршување беше отсуството на Неле на сцената за потоа да ми се одмили од србштината и трите прсти во воздухот кои Немања ги прошверцува во својот настап. Впечатокот за настапот на големиот режисер ќе го завршам со забелешката на мојот компањон на Сигет. Вели.... "ако овој е Србин, јас сум од Норвешка."

Сметајќи се за пребирлив кога се во прашање звуците, морам да сумирам дека Сигет ги части своите гости со квалитетно мени каде има избор и за најтерсене карактерите. Ако сакате ѕенѕајте на африканско, уживајте во развратот на арената за електроника, скокајте со копиљаците на дабстеп, што ви душа сака. Мојата сака циганско.

На Сигет повторно? Да!

Алал на Унгарецот за целокупната организација, професионалноста на полицијата, прецизниот градски превоз и "Маџариците." Минус за општиот слаб англиски. Најспремни во поглед на јазикот беа Ганците што се обидуваа да ни тутнат некоја дрога. На девојките од Ода конексио едно благодарам за разгалувањето а на нашата гранична полиција за речиси двочасовното чекање за влез во Македонија по мрцварењето од 12 саати едно "што ви е!?"

В.Л.Адо

lazoroskivladimir@gmail.com

@adoohoho 

17 август 2012 - 13:14