Инспириран (и испровоциран) од водителка на омиленото ми радио 103... (за ова гарант добива две-три палати во рајот) што рече „од одамна"...
Да почнеме од почеток.
Во почетокот (во искони) Бог ги создаде небото и земјата... и сѐ на нив, и тоа со и преку Словото, илити Речта, илити Зборот, илити Логосот, илити Смислата. Значи, кога зборуваме, ја опишуваме и осмислуваме стварноста, следствено мојата потреба да интервенирам како протест против општата дислексија (лексија = зборовност, па ако е „дис-лексија", тогаш е „незборовност", т.е. не „разборност", туку неразборност, неразборитост) или дисномија (од македонски тип... „како се викаше онаквоно, де... што го онадив онаму“). Во некои кругови познато и како младешки Алцхајмер.
Повод за јазичнава бавча беше еден напис на Оф.нет насловен со „Човекот КОЈ ја продаде Земјата" (не беше тоа насловот, туку не ми текнува пошизичка аналогија). Правилно, се разбира, е „Човекот ШТО ја продаде Земјата", од следниве причини:
Литературниот македонски, како што е дефиниран во втората половина на XX век, користи „сложени релативни сврзници добиени од кој, чиј и што" во слеана форма - „којшто, којашто, коешто, коишто; чијшто, чијашто, чиешто, чиишто" (одделно се пишуваат „кај што" и „каде што".... тоа се најчестите, за повеќе видете во Правописот).
Значи, најправилно би било насловот да биде „Човекот КОЈШТО ја продаде Земјата", но бидејќи македонскиот е многу практичен јазик (крати лево-десно и горе-доле, односно кај стигне), се користи „Човекот ШТО ја продаде Земјата".
Причината за грешката со КОЈ е проста. Озлогласеното влијание на српскиот. Имено, во српскохрватскиот ШТО значи „зошто", па во него КОЈ (и изведениците) е апсолутен релативен сврзник, нема сложеници со „што". Пошто пола Македонија живее у Скопје, ова е најчеста грешка - влезена дури и во учебниците (се убив од шкртање во тоа новите учебници што мора да се враќаат). Да ја користиме бугарската варијанта „като" (и изведениците) не ни лежи. Следствено - писмен човек ќе познаеш по тоа како ги слева, одлева и крати сложениците. (Без увлекуење на уредникот, моето јазично сетило е многу благодарно што протестот во врска со ова беше експресно усвоен и се применува на Оф.нет - дури ко лектор да има). Мене ме просветли еден доајен во МРТВ, кога му титлував некое интервју со американски амбасадор... и јас користев „кој“ наместо „којшто“ или „што“. Човекот ми рече... Извини, како се вика? Човекот КОЈ го сретнав вчера или Човекот ШТО го сретнав вчера? Толку требаше.
Морам да додадам и ограда - „кој“ и „чие“ се користат како релативни (односни) заменки во разни случаи - Човекот од кој(што) купив грав... Човекот чиј(што) беше гравот и сл.
Е, сега, да се вратам на провокацијата. Зошто не може да се каже „од одамна"? Многу просто. „Одамна" е добиено од „од дамна", т.е. „од дамнина". Да биде појасно на нашите англофилски генерации, „од одамна" би било „from from ancient times" (да, дупло „фром"). „Од дамно минато" се вика „одамна" и толку. Македонецот го мрзи да збори - главно правило е - крати што можеш и не тупи.
А и јас да не тупам веќе, на крај еден од бисерите на мојата омилена дисномичарка дома (прваче со дарба да ги испреврти зборовите на неверојатни начини).
Се будиме некни, цел двор побелен од слана. Тато, што е ова? Слана. А, што е тоа слана? Па, роса што смрзнала на тревата. А, зошто ова снегот на лисјава не се рони кога ги тресам? Тоа е „иње", сине, роса што смрзнала на лисјата. Аха... А, тато, зошто „сеното" е бело? (и сега тука јас у прашалници целиот, какво сено сега?... додека ми клекне - слана/слама... слама/сено). Среќа што не ме праша што е „роса", ќе морав цел учебник физика да го објаснувам.
Ај...