Александар предвреме го умреле, не па нас

Ќе испадне дека има зрно вистина во оној блесав стих „чеда сме на Александар“. Според последната теза околу неговата смрт, кога бил прогласен за мртов, Александар сè уште бил жив само што не можел да даде никаков знак за тоа. Ни со рака да мрдне, ни со глас да се јави. Ко нас да нè гледаш.

Воениот гениј на Александар Македонски (во оваа заграда некој владин софтвер во иднина ќе допишува дека тој е дел од хеленската култура) му има обезбедено улога во светската историја за само 32 години колку што живеел дечкото.

Гнералиите за неговата смрт велат дека се случила во Вавилон, во 323 година пред нашата ера. Ацика цела ноќ пиел со својот морнарички офицер Неаркус а утредента продолжил со пајташот од Лариса, Медиус. Едно време го фаќа треска и остри болки во грбот „како копје да го има прободено“. Како што треската станувала посилна, тој почнал да ја губи способноста да зборува и да го движи телото. Продолжил да пие вино но жедта само станувала поголема.

Судејќи по првата биографија за него, откако починал, неговото тело немало никакви знаци на распаѓање цели 6 дена. Така пишува Плутарх, ама речиси половина милениум подоцна, во вториот век од нашата ера. За едни, ова нераспаѓање на телото е знак дека тој не бил отруен, други го имаат толкувано како знак за божествената природа на Александар Македонски.

Според Катерина Хол од еден медицински универзитет во Нов Зеланд, симптомите на Александар потсетуваат на невролошкото пореметување наречено Жулаин - Баре синдром (GBS) во кое имунолошкиот систем на телото почнува да ги напаѓа нервите што води кон парализа. Хол смета дека инфекцијата ја има добиено од бактеријата кампилобактер која и денес е најчеста причина за GBS.

Според неа, Александар ги имал сите симптоми на GBS: парализа која се шири, моментот дека свеста му останала бистра дури и кога веќе не можел да зборува, а во наративот пасува и оној  највознемирувачки детал за нераспаѓање на телото цели 6 дена: не се распаѓало бидејќи кога бил прогласен за мртов, тој сè уште бил жив.

„За преживувањето се важни две детерминанти: кислородот кој му е потребен на телото и способноста на телото да апсорбира кислород без мускулен напор,“ објаснува Хол.

Откако бил сериозно парализиран, тоа би му ги намалиле потребите за кислород, неговите зеници би се фиксирале а телото не би можело да ја регулира температурата па се ладело. Бидејќи лекарите во античко време се потпирале на дишењето а не на пулсот, тој веројатно предвреме бил прогласен за мртов.

******

Инаку, денес Република Македонија го губи своето име кое го имаше од прогласување на независноста и кое го признаа 140 земји во светот и почнува да ги менува знаците и таблите за сама да се прекрсти, како што Грците посакуваа едно 30 години наназад.

Фото: К. Попов, sdk.mk

„Ни со рака да мрдне, ни со глас да се јави. Ко нас да нè гледаш....“

 

 

11 февруари 2019 - 08:53