Имаат тие автори и еден искупувачки квалитет: релативно се неписмени, па нивната среќа во несреќа е што не можеш баш да им го припишеш скроз текстот – го преведуваат фушерајски. А сепак, можно ли е некој толку да си ги потценува читателките, за да ги части со наслови од типот: „Романтични гестови кои жените ги обожуваат”? Или поголемата трагедија е дека не ги потценува, туку напротив – точно знае на кого се обраќа и точно знае дека таа публика не е мала?
Да почнеме едно итро, умешно генерализирање, за да најавиш колку најмрзливо ќе пристапиш кон безсуштинските информации што ќе ги понудиш:
Речиси и да не постои жена која не ја обожува романтиката, а на мажите тоа не секогаш им оди од рака.
Ах, тие глупи мажи што сега вие ќе ги посоветувате како до саканата дестинација.
Продолжуваш со една прилично точна изјава, која никако не се трудиш да ја поткрепиш со уште малце муабет:
Имено, мажите сметаат дека изненадувањето за својата сакана треба да е комплицирано, но тоа не е така.
Жените сакаат едноставни романтични гестови.
Зошто на пример, да се потрудиш да наведеш колку е тоа индивидуално и колку многу слоеви може да има таа желба за романтика кај двата пола, зошто не сакаат само жените романтика, туку често и мажите, и зошто си сељак да ја негуваш идејата дека жените треба да чекаат на прозор, а мажите да бидат дежурни со смислување роматнични гестови во 2017?
Прв совет (и наградно прашање: пронајди го романтичниот гест):
На пример, кога одите да ја земете вашата сакана немојте да ѝ се јавувате дека сте стигнале туку качете се до нејзиниот стан или одете пред вратата на нејзината куќа.
М?
Ќе сака некој да објасни каква врска има што е дојден пред врата и зошто им давате идеи што не ги разбираат? Ако ја зима од Дебар маало, кај да паркира за да биде романтичен и да се пентари до горе? Ако има домофон и е заклучена вратата од влез, како ќе ја изненади? Где је романтика?
Мистерија.
Втор совет, симпатичен, води кон третиот, кој пак, води кон кулминацијата и исходот на целиот овој труд:
Не би било лошо да имате и цвеќе со вас. Не мора тоа да биде букет рози, може да биде и едно цветче кое сте го скинале на пат натака.
Не за друго. Ова може да ве извади ако кажувате сељачки шали на дејтот, ако во иднина очекувате да ви се принесува пиво пред телевизор и да ви се раѓаат деца додека вие „нешто имате работа”.
Трет:
Потоа вашата сакана однесете ја на вечера. Нормално отворете и ја вратата од ресторанот, а на изглегување помогнете и да ја облече јакната или капутот.
Овде имам едно нејасно. Неколку, поточно: Толку ли сме (сè уште) глупи, што обичен бонтон и фини манири кај еден маж одеднаш се класифицираат во романтика? Дали тоа значи дека кога некој рандом чичко ќе ни ја задржи вратата од лифт уствари нè освојува? Со какви ли црепови живее авторот на статијата што помагање со капут и отварање на врата од ресторан му е вложен труд за тинтрање жена?
НО!
Кога ќе го прочитаме и заклучокот на оваа композиција од совети, доживуваме откровение за тоа како постојат луѓе што изгледа никогаш нема да ги запознаеме, од проста причина што живееме во различни светови:
По оваа вечера, верувајте дека ќе знае да ви се одолжи и тоа во кревет.
ЈЕС!
Ааааа, кучиња еднииии, тоа ли била работата! Толку било лесно, што генерации и генерации глупи мажи џабе се труделе со муабет, со почит, со хумор и искрени романтични гестови, кога еден ашљак ќе отвори врата од кафана и ќе заврши работа!
Остај ти тоа, цветче-метче по пат, па идење до врата, па облекување капути. До оддолжувањето во кревет е!
Ти само помачи се со овие глупи ситници (пошто, нели скраја да е да ти доаѓаат природно, да си воспитан и да ти е ќеиф), она одма легнуе.
За врата.
И за капут.
Него шо праиме и кога ќе се претргнеш од работа (истоштувачкиот список составен од качување по скали за пред врата, кинење цветче, помагање при облекување јакна и држење врата), она некако… не го враќа долгот?
Кој ти е крив кога читаш совети за љубов и секс на македонски сајт.