Исповед 14

Писмо

Едно време, пред дваесет години, кога немаше имејл, интернет, социјални мрежи и такви работи - комунициравме и преку писма. Писма од хартија испишани со пенкало. Поштенските сандачиња не беа само местенца за оставање сметки, флаери и покани за суд, туку во нив пристигнуваа разгледници и писма од познати луѓе. Ова писмо е вистинска исповед. 

Во оваа прилика, објавувам едно писмо што ми стигна додека бев во Лондон, далечната 1993. Приказната во него е горе-долу вистинита, со минимални исправки и прикривања на вистинскиот идентитет на протагонистите.  Писмово е и исто така и подолго, па не е за мрзливи читачи, умствено дембели твитерџии и фејсбуковци кои немаат трпение да читаат ништо подолго од пола страничка.  Инаку, приказната е гастарбајтерска, и како таква - дури малку и тажна.                     

ПИСМО

Од: Spiro Tasevski           До: Tihomir Jancovski
       % Johann  Walter               Top Flat
       Katzestr. 9                           28 Broughton Road
       8953 Dietikon                      West Ealing London
       Switzerland                           U.K.

На печатот од поштенската марка стои датумот: 11-3-1993

Здраво бате,

По добивањето на твоето писмо, веднаш ти одговарам. Помина долго време откако јас заминав од дома и отидов во странство. За неколку дена поминаа веќе две години како не сум бил дома, но тоа мене не ме обеспокојува. Јас прво како што знаеш отидов во Полска пред две години и таму поседев два месеца. А после, баш на мојот роденеден, ја напуштив Полска на први мај и заминав за Швајцарија – таму отидов кај еден братучед на мама, он е тука во Швајцарија 25 години ама многу лош човек. Уште кога пристигнав кај него ми вика што си дошол тука е многу тешко за работа, не може да се најде, ама јас се заинаeтив и викам ќе седам и ќе најдам ќе ти докажам. После тој вујкото ме истеруваше сабајле надвор да бегам во пет саатот и да не се враќам до 11 вечер за да не ме видат газдите и ќе ми дадеше малку леб и едно ќесе и јас тргнував пешки накај Цирих, а Цирих е оддалечен 25 километри од местото каде живеев.

Така одев неколку дена во Цирих да барам работа ама не најдов оти тука во Швајцарија сите прашуваат за работна дозвола и никој не те зема ако немаш дозвола за престој и работна дозвола. Тоа тој вујкото го правеше со мене, да ме истерува од дома 25 дена, а после еден Албанец откај Косово што го запознав рече дека 3-4 дена ќе може да поработам да товарам намештај на едно место и јас поработев 4 дена и земав 400 франака. Јас сега за првпат имав малку пари, а кога дојдов од Полска за Швајцарија имав само 70 долара. Со тие пари што ги земав за товарањето најдов прилика да бегам од оној лошиот вујко и да отидам да живеам кај едни азиланти. Кај азилантите живеев еден месец и со тие пари некако истерав тие месец дена, ама после полиција дојде таму и морав да си одам и од таму со не знам дали ми останаа 50 франака и така останав на улица. Една вечер спиев покрај еден парк со торбата под глава а другата вечер ја оставив торбата на железничка а јас спиев во центарот на градот во едни грмушки, имаше многу лисја и неколку џбуна шипки па никој не ме виде. После другата вечер тргнав да одам пак кај тој вујкото ама он работеше ноќна смена и не го најдов, а он живее во една зградичка и во поткровјето има една соба. Собата никој не ми ја отвори и јас спиев во ходникот, спиев неколку вечери четири или пет, а сабајлето бегав во пет вонка и се враќав во единаесет вечер. После втората вечер јас го видов вујкото и му реков да ми ја отвори собата да спијам нема врска дека е ноќна смена, ама он викаше поарно е така во ходникот и му викав да ми остави покривка и корка леб за кога ќе се вратам ама кога се вратив немаше ни леб ни завивка.

Имав среќа еден ден сретнав една женска, Еврејка беше, имаше име Беба и се спријателивме со неа и ми позајми 400 франака и таа имаше една пријателка жена Швајцарка и ја замоли таа Швајцарката да ме земе да седам на стан кај неа неколку време. Она се согласи и ме зема на стан, станот не го плаќав ама јадење таа жена не ми даваше јас сам се снаоѓав. А јас ѝ помагав на Швајцарката околу тревата во дворот ја косев и џамови  ѝ миев. И за тоа време имав среќа да најдам работа да работам кај еден Швајцарец приватник кој прави за вентилација канали, конуси и казани и триста други работи од ламарина. Јас првиот пат не знаев да работам, да монтирам, да швајсувам, затоа работев да изолирам со стаклена волна ама стаклото многу ми влегуваше во мене. Кај него поработив два и пол месеца, од септември до 8-ми ноември ама многу лош човек, нервозен, сè те бутка со раце и треба сè да трчаш и ... многу нервозен човек. Да беше друг ќе избегаше одма, некој ми кажуваше од него пред мене да ме земе избегале десет работника ама јас морав да седам кај него два и пол месеца за да земам некој динар. А работев по 12 саата - од сабајлето од седум до седум вечер; кога ќе се вратев дома беше девет саатот а утрото требаше да станам во пет за да сум таму во седум на работа одев со воз. После прекинав со работа а таа жена каде седев вика да си најдам друга соба јас и викам да ѝ плаќам ама она вика на друго место да барам: јас најдов соба за 500 франака и дојде Гражина, мојата девојка од Полска кај мене па поседовме заедно во Швајцарија. Јас барав работа и не најдов и со парите малку што ни останаа отидовме назад во Полска ја напуштивме Швајцарија на 16. декември, Гражинка остана само месец дена.

После, како што знаеш, во Полска, поседев таму четири и пол месеца за на 24. април да тргнам за Германија - отидов кај братучетката Станка Кокотова. Она кога ме виде не се зарадува оти Џоџе љубовникот ѝ беше таму. Првата вечер ме даде да спијам кај една фамилија од Босна а другата вечер јас отидов кај едни познати за два дена да истерам кај нив. Парите што ги имав со мене 150 ДМ ги дадов за одење и враќање. После се вратив од таму и пак отидов кај Станка. Имав среќа дека Џоџе си беше заминал истиот ден цурик Македонија, а јас поседов во собата кај неа ама толку циција не сум знаел дека била и секој ден ме истеруваше, ми викаше да сум тргнал поарно да си одам дома. Меѓувремено, таа пријателката од Швајцарија Еврејката ми пишуваше писма и јас сè некако ѝ викав на Станка ќе одам од Германија за Швајцарија а без виза не можеше да се оди, ама после месец дена дојдоа некои нејзини пријатели Швајцарци на пазар во Германија и требаше да се враќаат назад и јас се договорив со пријателите на Станка поарно да ме земат со колата за Швајцарија, а на граница ако ме вратат - вратат. Станка ми даде само 100 марки што значи ако ме вратеа ќе немав пари ни да се вратам до неа во Германија но имав среќа и не ме сопреа на граница и поминав. Пријателите на Станка ме оставија после граница и јас фатив воз и стигнав во Цирих. После тоа ѝ телефонирав на таа пријателката Беба и она ми рече оти седи со еден Турчин љубовник во станот, треба да го опита дали ќе ме земе да поседам додека да се снајдам. Се договориме да ѝ телефонирам по половина саат, и имав среќа да Турчинот беше се согласил да ме земат за кратко време да поседам додека се снајдам. И така бате, јас отидов таму да седам кај пријателката Беба и за тоа време му телефонирав на тој будалата каде работев пред година и го опитав дали има работа и он ми рече може да ме земе пак да поработам неколку месеци и ме зема, не беше проблем изгледа оти ја имав научено работата. Ама пред да отидам таму ја сретнав во поштата Хрисула од Грција жена од 49 години која е тука во Швајцарија 25 години. Ми кажа дека е разведена со мажот 7 години, живее тука во Диетикон со ќерка ѝ и има љубовник, ама љубовникот е Грк и е во Грција и ќе дојде после месец дена.

Јас фатив да ја посетувам неа и имав среќа тој љубовникот беше си ја удрил лошо ногата и требаше да седи во Грција во болница и јас ѝ викам земи ме да седам со тебе а он кога ќе дојде ќе си одам. После јас кога почнав да земам пари ѝ плаќав 400 франака кирија и после гледав дека почна да ме пофаќа за брадата и по две недели фатив и ја докачив – била многу темпераментна за таа работа. Значи преспавме. Имаше проблем со ќерка ѝ, она кога ќе си легнеше ние ја правевме работата. По кратко време ја прашав колку години е тој љубовникот и она вика 59-60 а јас ѝ викам ти си 48-49 што ќе ти работи овој после а ти уште си млада ти за млад убава жена си и стварно остави што е стар тој љубовникот туку и многу грозен бил како жаба и јас и викам срамота е толку убава жена со таков дебил да го чуваш. А он бате имал 60 години и ни динар немал она го чувала и работела 5 години од нејзините пари пил и јал и јас ѝ реков тоа е срамота 60 години да е а ништо да нема. Она ме виде јас како работев по 12 саата и сигурно си рече овој е млад, ќе работи, во кревет маж и пол, ќе го оставам тој стариот, и така го заеба и се договоривме да се жениме. А тој Гркот кога бил тука не работел, прво имал виза да седи после одел за Грција и изгубил виза за Швајцарија и оставил работа и така натака. Ама имав среќа оваа се заљуби во мене и му напиша писмо дека го остава, не ѝ треба и дека си ја нашла среќата. Документите за женидба ги средивме и околу 1. април ќе се жениме а после ќе ги дадеме на полицијата да ми направат виза па после ќе нема проблем, ќе може да изглегувам насекаде и да се враќам во Швајцарија.

Заборавив да ти кажам, јас не работев сето време кај тој нервозниот газда и сега сум без работа. Работев од 1. јули до септември и за сето време таа ме гледаше. Сега бате бидејќи не можам да излегувам уште не можам да дојдам да те посетам. Кога ќе се средам сигруно ќе дојдам а и ти можеш да дојдеш кога сакаш за да ме посетиш. За Грција ме прашуваш ќе одам ли – сигруно ќе одам ама ова лето не верувам оти ќе треба да работам. Немој да мислиш се женам од љубов, се женам за да можам да седам во Швајцарија па после ако треба ќе се оставам - што ќе правам со жена толку стара ни дете да роди ни ништо. На тебе ако ти дадат дозвола седи во Англија спечали пари оти Грција нема многу пари сиромашка е ако е богата и мојата Хрисула ќе седеше таму а не во Швајцарија. И јас ќе одам натаму ама на одмор само. Она има куќа во Атина и една куќа на еден остров Тасос па ќе одиме таму на одмор. Не се секирај за ништо носталгија да не те влече дома отсега гледај на млади години да се средиш и многу ми е драго дека си ми напишал, пиши ми повторно да бидеме во контакт и прими многу поздрави од братучед ти Спиро.

P.S. Јас германски поднаучив а грчкиот го зборувам перфект оти со неа и ќерка ѝ дома само грчки зборуваме.

Спиро 

6 септември 2013 - 15:21