Ерго, си лежам јас така... си лежам така дома... и се нервирам. Оти дента ми се беше смачило од два збора: 1) споменик и 2) рингишпил. Милион пати ги чув или прочитав, и ми изгубија секаква смисла. Да можев некако да ги избришам, или да ги најдам и изгорам... зборовите мислам... па никој да не ги изговори повеќе... ете, со такви мисли си лежев јас тогаш. А надвор, пролет. И кога... се сепнав мигновено и контраздодевно вчас - ми текна на една песна од Бојс многу смешна што ми беше, каде стануваше збор за некаква трка со ајкули... така нешто. И, и, и... веднаш скокам јас од летаргијата мачна сопствена и сурфам по „јутјуб"... ја барам песната за ајкулата од Бојс, Драган Каранфиловски. Арно ама... не оди. Впишувам јас „Бојс, ајкула“, ми излегува „Гојко Ајкула Фани Тизер“. О, нонен. Пробувам пак – ништо пак. Што да се прави? Тоа е. И тргнувам пешки. Впишувам Д.К. Бојс, и ги слушам сите песни по ред. Пуштам една, ми звучи познато, беше Тука да си тука – срцето што чука. Пуштам втора, да не е таму ајкулата – а лаптопот ми пее „Опасно.. сум вљубен во тебе“ – Не е ни таа... види го Јутјуб, педер... не ми ја наоѓа песната. Па трета, четврта... и најпосле... петтата... Валерија... и ете ми ја ајкулата, таму е. Добро е, си викам... Ми дојде срцето на место. Срцето мое напатено од споменици и рингишпил дента.
И ја слушам јас Валерија нате-нане... и уживам. Кога, песната да ти била уште похит одошто мислев. Не била ајкула туку ајку-La. Тоа прекрасно „L“, тоLку застапено во македонските шлагери од седумдесеттите. И ми навира буица од спомени, за песни испеани, песни со фамозното „L“, тоLку „шик“ и „шизички“ гLас, впрочем. И веднаш правам листа. И се составува листата. И барам помош од пријатели. И пријателите помагаат. И листата составена изгледа вака:
1) Крунослав СLабинац: „Летај ми летај гуLабе...соLзи нека има само во песните...“
2) Мики Јевремовиќ: „БеLа, беLа хризантема“
3) Хелена БLагне: „Кога те нема, наокоLу те барам“
4) Киќо СLабинац втор пат, со ПLачам, кога „пLaче ли пLаче... што туѓа си ти“
5) Поп Дизајн, кога „kе запеат пак, на сет гLас... ве моLам бидете дом... kе пратам гуLаби 100 да носат љубов и мир... “
И на ова место, многупочитуваниот Перо Јанков ми праќа помош од непроценлива вредност. Цитирам: "Кој на овој гLас, љубов би му даL" ни пее Сенка Велетанлиќ во "Нан нуни нан"... А Бисера (сестра му на Сенка, по битоLски) порачува: "Да си сLавеј пиле да те натпејам, да си зумбуL цвеќе да те изникнам, да си аLтан сонце ... " завршен цитат. Ц,ц,ц... Ама Lуѓе мои, Ви се моLам, какви се тоа само L-а, какви L-овци, каква убавина...
Сепак, сите овие кандидати до сега... па и некако, па што? Македонскиот баш и не им е мајчин туку комшиски, ерго и не е тоLку чудно ни чудесно, нивното шармантно и преубаво „L“. А од ова место натаму, т.е. отсега, да се задржиме поподробно на шLагеристите со македонско етничко потекLо, а со прекрасен пој, со толку миLото ми „L“.
1) Верица Ристевска – во Лондонска средба, кога наидува на „англичанец висок, а косата пLава“... Кога пошла „во Lондон да се вљуби Ludo“, всушност. Страшна песна.
2) Маја ОџакLиевска - кога „во обLaк гледа сонце“... или кога пее за „ШиLа (што) опасно игра, ШиLа - се врти ко чигра"... Нејзиното „L" е стварно оригинал...беLградско. Иако може да си каже и обично „л“, како во „толку дни (што) ќе останат во спомени ко лебеди нездомени". Да, да. И вака и така. Цела песна со многу Л и L испеа таа, Лиду-лиду ду... „на постела мека беLа“. Никој како Маја.
3) Па доајенот, СLаве Димитров, во „Чија си“, кога ни пее: „на кого радост ти му носиш, ѕвезда си, во некој обLак како пLам...“
И најпосле, во овој кус но суштински избор, оној со кого започнавме:
4) Драган KаранфиLовски Бојс, со прекрасните стихови од Валерија:
За тебе јас ќе запливам,
на морско дно ќе допливам
и АЈКУLА ќе победам
и бисер ќе ти донесам...
И има уште многу, ама не ми се истражува понатаму. Да. А горнаведените песни ги обожавам. Без зафрканција. Многу ме расположуваат. Мене фаворит ми е Бојс, а Вие изберете си свој.
Видете, не се само тие и не се само тука. Оти има многумина наши, од СФРЈ времето, што најчесто ќе отидеа до БеLград, и таму го стекнуваа тоа „L“ и тоа стануваше неотповиклив и неотуѓив деL од самите нив. Секакви - од шофери до академици. Ете на пример, од вторите, МиLан Џурчинов, или ВLада Урошевиќ, си имаат таков изговор, а умни Lуѓе се, гарантирам... ми предаваа човече. Не би требаLо да ми замерат. Ама од академиците наши, најшампион не е еден од нив двајцата, не е ни Ферид Мухиќ, ни КириL Темков... туку е - Митко Ма'џунkов - кој освен беLградското „L“ има и беLградско „k“ и аkцент беLградски совршен, впрочем. Да не го цитираме академик М.М., оти ќе нема крај приказнава.
Најпосле, да завршам со една реченица од капѝтенот поранешен на нашата ракометна дамска репрезентација, почитуваната и неповторлива Индира Кастратовиќ. Еј, што играчиште беше таа... каква ракометарка... и што убаво коментираше З. Михајловски кога играше Индира: РадуLовиќ... ВеLкова... Кастратовиќ – гоL! Ерго, кога во Скопје се играше Европското жени, 2008 чинам, по една победа на нашите МК девојчиња, таа, тогаш гледач, по натпреварот изјави: „Што да Ви кажам... девојки се Lавовски бореа. Го оставија срце на терен". И јас се Lавовски борев, да ви ја приближам убавината на мекото "L". Кажете ми фаLа! Eдно маLo бLагодарам. –Moже? Е, така. –Ништо, нема проблем.