Водата околу Иран сега вреди повеќе од нафта

Светот е во паника откако блокадата на Ормускиот теснец ја крена цената на нафтата на рекордно ниво. Но, милионите луѓе во пустинските држави од Заливот не пијат нафта и жедни се за вода. Уште пред да почне војната тие веќе беа погодени од повеќегодишна суша, а сега почнаа меѓусебно да си ги гаѓаат центрите за десалинизација на морска вода.

Бахреин вчера го обвини Иран за неселективно напаѓање цивилни цели и оштетување на една од неговите постројки за десалинизација. Сепак, не е прекинато снабдувањето со вода во островската земја, која е домаќин на Петтата флота на американската морнарица. На 2 март ирански проектили истрелани кон пристаништето Џебел Али во Дубаи експлодираа близу една од најголемите постројки за десалинизација во светот. Штети има и во комплексот за вода Фуџаира Ф1 во Обединетите Арапски Емирати и во постројката Доха Вест во Кувајт. 

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи претходно истакна дека преседанот го поставиле САД, со нападот врз островот Кешм во Ормускиот теснец, кој го прекинал снабдувањето со вода за 30 населби.

Ги нарекуваат „петродржави“, но тие всушност се „кралства на солената вода“. Десалинизацијата беше монументален технолошки подвиг на 20-от век, но носи и голема ранливост, вели Мајкл Кристофер Лоу, директор на Блискоисточниот центар на Универзитетот во Јута. 

Десетици милиони жители во овие земји добиваат вода од стотици постројки за десалинизација поставени по должината на брегот на Персискиот Залив. Во земјите во пустинскиот регион ова се главните извори на чиста вода. Во Кувајт, околу 90% од водата за пиење доаѓа од десалинизација, заедно со приближно 86% во Оман и околу 70% во Саудиска Арабија, која нема ниту една река, иако со површина од 2,2 милиони квадратни километри е 14-та најголема земја во светот.

Во овие комбинати морската вода се пречистува со технолошки процес на обратна осмоза. Морската вода поминува низ ултрафини мембрани, кои ја задржуваат солта и пропуштаат слатка вода, која се користи во градовите, за индустријата и за наводнување на земјоделските површини. Постројките имаат повеќе системи – пумпи, погони за филтрирање и за снабдување со енергија. Оштетување на кој било дел од синџирот го запира производството.

Тоа е асиметрична воена тактика. Иран нема ист капацитет за да возврати на САД и Израел. Но, има можност да им наметне трошоци на земјите од Заливот за да ги натера да интервенираат или да повикаат на крај на војната, вели Дејвид Мишел од Центарот за стратешки и меѓународни студии.

Анализа на ЦИА од 2010 година предупреди дека нападите врз постројките за десалинизација би можеле да предизвикаат национални кризи во неколку земји од Заливот. 

Повеќе од 90% од десалинизираната вода во Заливот доаѓа од само 56 постројки и секоја од нив е исклучително ранлива на саботажа или воена акција. Ако се уништи критична опрема, прекините би можеле да траат со месеци, се предупредува во извештајот.

Во протечен американски дипломатски допис од 2008 година се предупредува дека саудискиот главен град Ријад „ќе мора да се евакуира во рок од една недела“ ако биде сериозно оштетена инфраструктурата на постројката за десалинизација Џубаил на брегот на Заливот. По ова предупредување, Саудиска Арабија оттогаш инвестираше во нови цевководни мрежи, резервоари за складирање и други капацитети. Но, помалите држави како Бахреин, Катар и Кувајт имаат помалку резерви.

За време на Заливската војна во 1990-91 година, ирачките сили ги саботираа електраните и центрите за десалинизација додека се повлекуваа од Кувајт. Во исто време, милиони барели сурова нафта беа намерно испуштени во Персискиот Залив, што беше едно од најголемите излевања на нафта во историјата. Огромната дамка дополнително ја контаминираше морската вода што навлегува во цевководот на постројките. Кувајт остана со години без свежа вода.

Иран, пак, и пред војната беше погоден од екстремна суша, каква што немало со децении. Нивото на акумулациите околу Техеран падна на околу 10%, поради што претседателот Масуд Пезешкијан во ноември предупреди дека ако не заврне дожд ќе мора да бидат евакуирани милиони луѓе од главниот град. Според метеоролошките служби, во Техеран паднал дожд само еднаш во декември и во јануари, а во февруари имало четири врнежливи денови. Нападите од САД и Израел врз Техеран на 28 февруари само го забрзаа тивкиот егзодус од главниот град кон внатрешноста.

Иран, сепак, за разлика од повеќето земји што излегуваат на Персискиот залив, сè уште добива поголем дел од својата чиста вода од реки, резервоари и бунари. Земјата има релативно мал број постројки за десалинизација.

******
Види и: Иран си бара нов главен град
Гламурозниот Дубаи не ќе може да се прехрани

9 март 2026 - 11:26