Анти-социјални медиуми

Рациновите копачки и копачи денес се на LinkedIn

На една таква конкурентска платформа ориентирана кон вработување, веќе не е доволно да ги имаш најдобрите вештини и знаења потребни за некое работно место. Бидејќи конкурентот за тоа место е подготвен да понуди и да не спие.

Социјалните медиуми се вродено компетитивни. Не можеш да чмаеш на Инстаграм а да го избегнеш чувството дека твојот живот никогаш нема да биде толку полн со патувања, убави облеки и убави јадења како некоја кој има 300К следачи (таа веројатно е фрустрирана од она што го има Ким Кардашијан). На Твитер трката е колку те следат, фејваат и ретвитаат, на Фејсбук кој ќе покаже поажурна будност кон некоја општествена аномалија (трае претпладне, попладне друга аномалија е на ред) или барем кој има поубаво маче.

Линкдин пак, најпознатата социјална мрежа ориентирана на вработување и бизнис, во меѓувреме е претворена во сурова гладијаторска арена која промовира и глорифицира патолошки воркохолизам. Веќе не е доволно да имаш знаење и вештини за одредена работа, важно е да покажеш колку си спремен да се жртвуваш за да успееш. А жртвувањата се некои стари аналогни навики како што е спиење, јадење, имање пријатели, имање живот. Тоа станува толкав проблем што некои психијатри сметаат дека е време лекарите „да препишуваат спиење“ како лекарство и терапија. Ако само си ја работиш работата најдобро што се може, почнуваш да заостануваш зад конкуренцијата  која е подготвена на екстра запнување.

Таквите себе се нарекуваат „Нинџи на продуктивноста“ и за нив интернетот е полн со совети како човек да се хакне, да се наштима за да биде „машина за додавање вредност“.

Мариса Мајер од Јаху, и самата воркохолик кој не зеде ни ден породолно отсуство, во едно интервју од пред две години процени дека успехот на Гугл во голема мерка се должи на такви луѓе. Оние кои ќе скокнат јадење, ќе преспијат во канцеларија (и самата го правела тоа, најмалку еднаш неделно), оние кои на прашањето „Дали можете да работите 130 часа неделно (преку 18 часа на ден, седум дена во неделата), одговараат: „Можам!“. А таквите патем ќе размислат и дали баш секое одење во веце им е неопходно.

Се разбира, воркохолизмот постоел многу пред Силициумската долина. Макс Вебер во својот социолошки класик, зошто капитализмот успеал на Запад а не, на пример, во Кина (кадешто уште порано отколку на Запад имало зачетоци на таквиот систем) го поврзува со протестантската етика која ја обоготворува трудољубивоста.

А во САД една од најчитаните лектири во средно им е „Алманахот“ на Бенџамин Френклин кој бил опседнат со тоа како човек постојано да се усовршува. Самиот Бен Френклин станувал секое сабајле во 5 со прашањето „Што добро ќе направам денес?“ а легнувал во 10 навечер, со рекапитуларното прашање “Што добро направив денес?“.

Линкдин сега го глобализира овој американски начин на живот во кој конкурентноста поставува нови таргети.

„Како '4 сабајле' да го направам 'новото 5 сабајле'“, се прашува еден нинџа на продуктивноста на LinkedIn.

Дури и кога се предлага отштекување и исклучување од работата, тоа се прави со стратешка цел: да се зголеми вкупната продуктивност кога човек ќе се врати на работа. Тоа одамна го знаеле и македонските селани, дека магарето мора да одмори и да биде најадено, не затоа што некому му е жал за него туку за да може и утре да биде товарано.

****

Види и:

Капитализмот сега бара од вас да бидете (малку) мрзливи

Што потрефија Германците околу продуктивноста

Дарвин не се утепувал од работа (па не мора ни ние)

Тоа е само работа, не мора да запнувате

22 ноември 2017 - 12:08