Чарлс Дикенс, Анри Поенкаре, Ингмар Бергман, Дарвин...сите работеле во различни историски периоди и контексти, но делат нешто заедничко - не се претргнувале од работа. Кога не пишувале или не читале се качувале по планини, дремеле, се дружеле со пријатели или едноставно се повлекувале во осама и размислувале. Со други зборови, нивната креативност и продуктивност не биле резултат на бескрајни саати напорна работа.
Како успевале во сето ова? Дали генерациите кои се воспитувани да веруваат дека без 80-часовна работа неделно не можеш да успееш можaт да научат нешто од животите на луѓето кои ја напишале „Големите очекувања“, или ги поставиле основните на теоријата на хаос?
Можеби клучното за откривањето на нивната тајна не е разбирањето на тоа како тие работеле, туку како се одмарале, и како обете нешта се поврзани.
Да ги разгледаме животите на две фигури кои биле успешни во нивните области. За споредбата да биде посоодветна, тие се соседи и пријатели кои живееле во исто село југоисточно од Лондон. Првиот е тивок човек кој наутро има обичај да шета по правливиот пат близу неговата куќа, со наведната глава, од време на време застанувајќи за да ги слушне звуците на шумата околу него. Навиката ја стекнал во тропските шуми на Бразил, каде работел како природонаучник за кралската морнарица, истражувајќи ја географијата и геологијата на Јужна Америка, што ги поставила основите на неговата кариера која ќе кулминира со објавувањето на „Потеклото на видовите“ во 1859. Човекот - Чарлс Дарвин - бил толку тивок во движењата кога размислувал, што при прошетките често наидувал на диви животни кои не се вознемирувале од неговиот чекор. Целиот негов работен ден изгледал отприлика вака:
- По појадокот, во 8 часот, влегувал во работната соба и работел час и половина
- Во 9,30 ја читал поштата и одговарал на неа
- Во 10,30 продолжувал со работата, понекогаш во ботаничката градина
- Во 12 објавувал дека си ја завршил работата за денот и почнувал да шета по Сендвок, патчето кое го направил самиот откако ја купил куќата во Даун.
- По прошетката ручал и потоа си легнувал, дремел саат време, па пак шетал
- Се враќал да поработи уште малку во работната соба до 5:30, кога ѝ се придружувал на жена му Ема и семејството за вечера.
Работејќи според овој распоред тој успеал да напише 19 книги, меѓу кои и една од најзначајните во историјата на науката. Практично целото работно време му се состоело од три 90-минутни периоди. Да требало денес да работи во компанија, па дури и на некој од појаките Универзитети, сигурно ќе го отпуштеле. Неговата тајна е што бил крајно свесен за времето и чувствувал дека не смее да го троши. Додека патувал низ светот со Бигл, ѝ напишал на сестра си дека „човек кој се осудува залудно да потроши макар и еден час не ја има откриено вредноста на животот“. Кога се мислел дали да се жени или не, главната грижа му било губењето време. Во дневниците си водел статистика за деновите кои ги загубил заради хронични болести.
Џон Лубок, пак, комшијата на Дарвин, не станал толку славен како него, но до својата смрт во 1913 бил еден од најпознатите аматери во науката, плоден автор, социјален реформатор и еден од најуспешните креатори на закони во Парламентот. Неговите текстови од областа на науката ги популаризирале термините „палеолитски“ и „неолитски“ кои се користат и денес. Напишал 29 книги, голем број од нив бестселери. Но она што е парадоксално е што неговата слава како политичар се засновала на промовирање - одмор. Националните празници за сите (четири на број) биле негова измислица, и тие му ја запечатиле репутацијата кога биле воведени во 1871. Народот толку го засакал, што овие празници биле наречени „Денови на св. Лубок“.
И тој, слично како и Дарвин, си го делел денот на „слотови“ од по половина час, скокајќи од тема на тема со голема леснотија. Во еден момент решавал некој финансиски проблем, а веќе следниот пишувал за партеногенеза. Попладнињата ги минувал играјќи крикет, одејќи на лов, јавајќи коњи или правејќи што и да е друго што не е работа.
И Дарвин и Лубок успеале во нешто што денес изгледа невозможно - нивните животи биле исполнети, нивните дела останале славни, а сепак не се отепувале од работа. Тие не биле успешни И ПОКРАЈ слободното време, туку ПОРАДИ него. И ова не се единствените примери. Истражувањата на врската помеѓу должината на работните часови и ефикасноста покажува дека оптимумот се 10-20 часови неделно. Потоа кривата на ефикасност опаѓа. Научниците кои работат 30 часа неделно се напола продуктивни од нивните колеги кои работат по 20. Слично е и со изведувачките уметности - најдобрите студенти следат шема на напорно и подолго вежбање наутро, па малку дремат, па потоа имаат пократок попладневен период на работа. Пократките а поинтензивни сесии (80-90 минути) се покажуваат како многу поефикасни отколку постојаното дремење во лабораторија или салата за вежбање.
Она што е поважно од количеството работа е фокусираноста, способноста да се следи сопствениот напредок, но и овозможувањето на потсвеста да го стори своето, одмарајќи го умот. Обидете се ова да му го продадете на шефот пост-празнично.