Скопје, денес

Нешто во последно време почесто гледам статии за Скопје. Луѓето почнаа да се обидуваат да го разберат, да пишуваат зошто го сакаат, зошто не го сакаат, како ги расположува, како ги нервира.

Нешто во последно време почесто гледам статии за Скопје. Луѓето почнаа да се обидуваат да го разберат, да пишуваат зошто го сакаат, зошто не го сакаат, како ги расположува, како ги нервира.

Воодушевена сум. И кога е глупа статијата, му се радувам. Единствениот проблем е што често има некоја тенденција да живееме во некое старо Скопје, некое Скопје за кое сме чуле од мајки, татковци, баби и дедовци. Дури и мојата генерација се обидува да се соживува со некое време што е одамна завршено. И факт е дека се работело за убаво време, дел од нас биле и сведоци на по некоја легендарна декада,
но сепак, и покрај почитта кон градот, како да забораваме да го живееме Скопје денес.

Веројатно коментарот што следува е дека Скопје денес не е ништо во споредба со Скопје пред 10, 20 или 30 години. Меѓутоа, Скопје денес и Скопје утре е единственото Скопје што го имаме, без разлика дали имаме 15 или 55 години. Или 75, ако сакате. Особено идиотски момент е кога ќе чујам како некој со едвај наполнети 30 години, милува да дискутира со некој повозрасен за ноќниот живот или градските фаци што се случувале кога уште мочал во гаќи. И тоа со доза на носталгија. Како да му се другари од војска. А во тој момент, соговорникот кој стварно ги доживеал тие работи, го гледаш како му е некако незгодно, малце нејасно, ама си одговара.

Вакво на телевизија имаше некој ден. Водител и гостин. Водителот 20 и кусур, гостинот 40 и кусур. И водителот вика „а што правиме со (insert период пред осамостојување) и со фаците што ги гледавме тогаш низ град, (insert актуелни фаци од '89-та). Каде бе, дечко? Да не беше малце второ одделение ти тогаш?
И такви кај и да се свртиш.

Па фрчат слики од Скопје во 30-ти, Скопје во 40-ти години. И најпрекрасни се, секако, додека не наидеш на коментар „е ова е Скопје, а не тоа денес што го гледаме, никакво, гадно, уништено". Е драги мои, ова е Скопје, а тоа таму на сликите е само нешто со кое можеме да се пофалиме и да се гордееме. Земјотрес не можеш да истепаш за одмазда.

И некако, не ми се слуша веќе за изменетиот физички изглед. Ај да се помириме, имавме најмалку пожар, поплава и земјотрес. Иначе ќе изгледаше како некој од градовите со кои милуваме да го споредуваме во негативна конотација. Барем опстанал, некој друг ќе изгледаше како Chernobyl Diaries.

Нема да ги дискутирам новите античко-уметнички пориви, некако не ми се достојни за дискусија.

Не можам да се преправам дека го поминав детството и средношколските денови во Чаршија, кога излегував во МНТ и City Pub. Не бркав дечковци на корзо, туку во Универзум. Не можам да жалам по места каде што излегувале мајка ми и татко ми, затоа што тоа не се мои места. Можеби се уште ги викам Нова железничка, Дом на градежници и ул. Маршал Тито, ама тоа од дома како ќе те навикнат. Али денес Скопје има многу улици, ќошиња и места кои новите генерации ги викаат „дома" и „маало" и мене ми е ќеиф што создаваат своја слика за градот.

Кога би можеле за момент да го видиме низ нивните очи и да се соочиме со фактот дека тоа што тие го имаат, всушност и на нас ни останало, многу повеќе би се воздржувале од нео-југословенизам и непостоечка носталгија, генерацијо.

Јана

nultapozitiv@yahoo.com

твитер

 

23 јули 2012 - 12:52