Еден типичен Италијанец е во принцип неамбициозен тип. Дипломира на едно 26-27 години. Живее со мама и тато до кај 35-40. Мајка му го мази и пази и не му дозволува да направи ништо дома, така што најчесто не знае да си спржи јајце, не знае сам да си направи еден тањир шпагети и да си го намести креветот од сабајле.
Типичен италијанец најчесто е "Мамоне", мамин син кој дури и кога станува 40-годишно магаре тешко, ама многу тешко се кандисува да замине од дома. Нема муда да ја напуши комотната лулка каде секогаш е сè под конец. Затоа битката со италијанската свекрва е изгубена од старт: ако се омажите за италијан ќе се омажите и за мајка му која ќе стане ваша верна сенка, и дење и ноќе.
Кога бев средношколка, проблемот најчесто беа нашите татковци заради кои измислувавме дека спиеме кај другарка, кога одевме на одмор во Охрид раскажувавме дека сме со другарки и дека се враќаме дома на полноќ. Гледавме дечковците да не се сретнат пред влез со татковцте, а дома зборот дечко не се спомнуваше со голема слобода. Само денес имаме скоро триесет. И проблемот во Италија не се татковците, туку мајките на нашите дечковци.
Џорџо, бившиот дечко и на Иларија, е исклучок за ова поднебје: на 29 години е веќе оториноларинголог. Мајка му секој ден пред работа му спрема што да облече, му купува кифла, му прави кафе и му цеди сок, а кога е момент за излегување за да не губи време и свикува "Маааааама". Ова е аларм за мајка му да му го повика лифтот. Денес Џорџо и Иларија не се веќе заедно.
Мара летоска оди кај Габриеле во Сицилија во неговата летна куќа заедно со неговата фамилија. Цел одмор спие во соба со Габриеле и брат му. Па што има чудно во тоа, ќе си речете? Додека Мара спие на полско креветче, двајцата браќа спијат на брачен кревет, зошто ако случајно влезе мајка му и ги види од сабајле како спијат, нема да биде баш " добро видено". Како мајка му да не знае што прават млади луѓе и како таа да била млада пред еден век.
Секоја од моите другарки имала барем еднаш една тажна приказна со типичен Италијанец. На Елена еднаш и се деси филм ситуација. Оди кај Лука дома и после десет минути доаѓаат мајка му и татко му.
Лука: Елена мораш да скокнеш од прозор!
Елена: Па добро, ти личам ли јас на Супермен?
После држ не дај, доѓаат до компромис: нема да скокне ама ќе ги соблече штиклите и ќе излезе на прсти како крадец од задниот влез. Многу честа појава е делбата на цехот во ресторан. Кјара, на пример, не знае како е маж да те однесе на вечера. Таа и Федерико секогаш делат "ала романа" - секој си плаќа за себе. Секогаш делат до последно евро.
Бети е магнет за идиоти. Има многу да се раскажува за Бети, ама јас имам едно омилено поглавје: Марко. Излегува Бети со него една вечер: ја носи во кино и плаќа со попуст-купони купени на интернет. После ја носи на пица. Кога Бети сака да си нарача пивце, не може затоа што во купонот (ова не е истиот од прееска) не е вклучено пиво, туку само пица, кафе и вода. Не знам дали излезе со него уште еднаш, ама мислам не.
Митот за италијанските мажи одамна ми се демистифицираше. Не се убави како во списанијата и не се толку среќни како на рекламите на Барила. Не се ни толку згодни, ни толку високи ни толку секси. Немаат стомак, тоа е вистина, ама немаат ни рамења. Не се романтични и заводливи како Бењини во "Животот е убав". Не знаат дека доцна навечер девојката треба да биде испратена дома, дека кога се влегува во ресторан, прв влегува мажот, не знаат дека не може да поканиш некого дома и да му кажеш "Скокни од прозор", не знаат дека не може да поканиш некоја девојка на состанок и да бараш да си го плати делот. Денес џентлмените се аут. Понекогаш ми изгледа како бон тонот да не наминал во овие краишта. Или можеби тоа е случај во мојата генерација. Денес во Италија во мода се мали мажи. Мажи без манири. А јас таквите не можам да ги поднесам.
Во последно време кога излегуваме на женска суши-вечера со моите другарки, сè почесто си одам дома малку изненадена, малку разочарана, малку зачудена и многу среќна што не сум на нивно место. Имаат и балканските мажи еден милион мани. Јас со нив не знам да излезам на крај ама признавам, некои работи Балканец не ги прави. Па кога моите другарки во Скопје ќе почнат муабети од типот " Абе знаеш какви се кај нас мажите..." јас си ќутам зошто не знам што е подобро. Уствари не знам што е полошо: балканштина или италијанштина. Дефицит на мажи, насекаде.
Па добро постојат ли се уште мажи кои девојката ја покануваат на состанок, онака мушки, во четири очи? Олд скул, на кино. И ја частат пуканки. И после ја носат на пијчка. На крај ја испраќаат дома. Кој е маж нека крене рака!