Во Америка факултет се завршува и за три месеци

Многу американски факултети нудат експресни курсеви, како алтернатива на класичните семестри, но со еднакво вреднување на дипломата. Професори се загрижени дека трендот на забрзување на наставата на колеџите ги поткопува квалификациите на студентите и ги обезвреднува дипломите на нивните колеги кои со години посетуваат предавања и вежби.

На повеќето студенти во Америка им се потребни најмалку четири години за да стекнат диплома.

Кристи Вилијамс ја добила за три месеци.

Во 2024 година таа два месеци собрала доволно „кредити“ преку онлајн обуки на Универзитетот во Преск Ајл во Мејн, а потоа за четири недели имала уште 11 часа, исто така без да посетува настава. До крајот на годината успеала и да магистрира, за само пет недели. Двете дипломи заедно ја чинеле нешто повеќе од 4.000 долари.

Таа сега подучува илјадници други студенти како експресно да го завршат државниот колеџ, скратувајќи им години од времето и трошоци од илјадници долари.

Ако има таква можност, зошто не би го направиле тоа? вели Вилијамс.

Многу американски универзитети експериментираат со начини да ги забрзаат традиционалните колеџ програми за да ги намалат зголемените трошоци и да им помогнат на студентите побрзо да настапат на пазарот на трудот. Некои нудат тригодишни додипломски програми, намалувајќи го за една четвртина бројот на кредити потребни за диплома. Други им дозволуваат на средношколци да следат настава на колеџ уште пред да матурираат.

Феноменот - понекогаш наречен хакирани дипломи, брз колеџ или хипер-забрзани студии – уште повеќе го шират студенти како Вилијамс, кои брзо дипломирале. Ги промовираат како „прифатлив и удобен начин за стекнување на квалификации што се потребни за кариери“.

Но, вртоглавото темпо на најбрзите онлајн програми загрижува некои академици, кои велат дека постои голема разлика во она што студентите можат да го научат за неколку недели или месеци во споредба со оние што учат и соработуваат три или повеќе години.

Сакаме дипломите да значат нешто. Би сакала некои од овие сертификати да имаат друго име, а не дипломи, вели Марџори Хас, претседателка на Советот на независни колеџи, кој претставува повеќе од 600 факултети и универзитети за либерални уметности.

На национално ниво, тешко е да се открие колку точно студенти дипломираат толку брзо. Националниот центар за статистика во образованието проценува дека 44% од студентите стигнуваат до диплома во рок од четири години, но не нуди бројки за пократки временски периоди.

Кампусот Преск Ајл на Универзитетот во Мејн има повеќе од 3.000 студенти во онлајн програмата YourPace, дизајнирана „да им помогне на постарите брзо да добијат прифатлива диплома заради покачување на платата, унапредување или нова работа“. Програмата е отворена само за студенти на возраст над 20 години, делумно за да се избегне конкуренција со традиционална четиригодишна програма на кампусот.

На овие студенти не им е потребно традиционалното долго искуство на кампусот. Ним буквално им треба само сертификат за да им помогне во кариерата, вели Рејмонд Рајс, претседател на Преск Ајл.

Од речиси 300 студенти што добиле диплома преку програмата YourPace во 2024 година, огромното мнозинство завршиле за помалку од една година. Повеќе од 25% дипломирале за една осумнеделна сесија, половина од должината на традиционалниот академски семестар.

Студентите по филозофија што ги подучува Рајс, на пример, мора преку интернет да покажат дека го научиле материјалот со пишување на пет есеи од пет страници и еден подолг труд до 10 страници.

Нема консултации по часовите. Нема групни дискусии. Нема неделни задачи. Ништо што би ги забавило студентите, додава Рајс.

29 април 2026 - 16:16