Државните трезори на САД се полни со шкарт злато

Најголемиот дел од американските златни прачки што се чуваат во Форт Нокс не содржат злато до процент што би ги задоволува меѓународните стандарди. Речиси две третини од златните резерви на САД се неликвидни и ќе бидат одбиени за трансакции на светскиот пазар. И ова е врз основа на претпоставки, бидејќи половина век немало темелна ревизија. 

Сенаторот Мајк Ли бара сеопфатна ревизија на американските златни резерви за да се обезбеди дека прачките ги задоволуваат современите стандарди за чистота, за да може да се користат за меѓународни порамнувања. Отстранувањето на нестандардните прачки може да трае со години.

Француската Централна банка неодамна продаде 129 тони слично нестандардно злато што беше складирано во Њујорк и го замени со прачки со повисок квалитет што ќе останат во трезори во Франција.

Во САД речиси половина век немало веродостојни физички ревизии на златните резерви. Според последните достапни информации, од сведочење пред Комитетот за финансии на Претставничкиот дом, само околу 17% од златните прачки што владата на САД ги чува во трезори во Форт Нокс ги исполнуваат најсовремените стандарди за чистота.

Според Лондонската асоцијација на пазар на злато (LBMA), златните прачки мора да содржат 350 до 430 фини унци и да имаат минимална чистота од 995,0 од 1.000 за да бидат прифатливи за меѓународни порамнувања. Новите стандарди се движат кон чистота од 0,9999.

Златните прачки на САД што се чуваат во Форт Нокс, според достапните податоци се со просечна чистота од 916,7:

  • 64% со чистота помеѓу 899 и 901;
  • 2% со чистота помеѓу 901,1 и 915,4;
  • 17% со чистота помеѓу 915,5 и 0,917 и
  • 17% со чистота повисока од 0,995.

Вкупните резерви со 8.133,5 метрички тони, односно 261,5 милиони унци. Над половина (147,3 милиони унци) се складирани во Форт Нокс, а остатокот е распределен во Ковачницата во Денвер, Депозитарот за злато Вест Поинт и во трезорот на Федералните резерви во Њујорк. Американското злато по закон се проценува на 42,22 долари за унца. Цената не варира со движењата на пазарот.

Дури ни последната проверка во 1974 година, не била темелна ревизија. Министерството за финансии отворило само еден од своите 15 трезорски оддели во Форт Нокс за да можат политичарите и новинарите да го видат златото и да го потврдат неговото постоење. Не била извршена проверка на серискиот број на ниту една прачка, не била анализирана чистотата и не било потврдено дека се дел резервите на САД. Печатите во некои трезори биле скршени, па повторно запечатени, без официјални извештаи.

Златото што моментално се наоѓа во Форт Нокс потекнува од топењето на златните монети од ерата на Големата депресија, од договорите за закуп во Втората светска војна и од владините операции согласно Златниот стандард.

На 5 април 1933 година, претседателот Френклин Д. Рузвелт потпиша Извршна наредба 6102, со што го направи приватното поседување злато нелегално. Иако шемата на Рузвелт ја нарекуваат „конфискација“ службеници не одеа од врата до врата да им го земаат златото на луѓето, туку го собраа од институциите. Многумина Американци доброволно го предадоа своето злато доброволно како чин на лојалност, патриотизам или од страв. Голем дел од собраното злато беше во монети со чистота од 90%. Владата ги претопи во прачки, кои сега се наоѓаат во трезорите во Форт Нокс.

Рајан Мекмејкен, главниот уредник на Институтот Мизес, ги нарече американските златни резерви „наследство од кражба и лаги“.

Како и повеќето други работи што ги „поседува“ американската влада, златото во државните резерви е таму поради долгогодишни лаги, злоупотреби и измами... затоа што американскиот режим не ги отплати своите долгови и не ги исполни своите ветувања да ги поддржи доларите во злато, вели Мекмејкен.

29 април 2026 - 10:36