- Иран формира нова дигитална платформа за осигурување „Ормуз сејф“, како ново владино тело за управување со бродскиот сообраќај низ Ормускиот проток. Платформата ќе се потпира на плаќања со криптовалути.
- Според планот на Министерството за економија, управувањето со теснецот преку рамка за осигурување би овозможило издавање на разни полиси за поморско осигурување, како и сертификати за финансиска одговорност, наместо да се наплаќа „патарина“. При идеални околности, ова би можело да генерира до 10 милијарди долари приходи за Техеран.
- Планот ќе почне со осигурување кое покрива инспекција, задржување и конфискација на бродови. Штетата од воени напади нема да биде покриена.
- „Овој модел би бил прифатлив за другите земји во мирно време, а сепак би му дозволил на Иран да врши контрола врз теснецот“, објави државната новинска агенција Фарс.
- Холандија побарала пауза на процесите за интеграција на Црна Гора во Европската Унија укажувајќи на потребата од „дополнителна анализа и поконзистентна примена на сите утврдени стандарди“.
- На ова барање се придружиле и Хрватска, Естонија, Литванија и Летонија. Инсистираат на темелна проверка на исполнетоста на клучните критериуми пред да се донесат какви било нови одлуки на европско ниво.
- „Она што сега изгледа сигурно е дека нема да се затворат поглавја на маргините на состанокот на Советот на ЕУ овој месец, спротивно на претходните очекувања и најави“, заклучува подгоричкиот весник „Дан“.
- Црна Гора досега има затворено 18 од 33-те преговарачки поглавја. Хрватска го блокираше Поглавјето 14, кое се однесува на транспортната политика. Веќе две години е блокирано Поглавјето 31 – кое ја опфаќа надворешната, безбедносната и одбранбената политика.
- Поради преполнетост на затворските капацитети, Финска бара правна рамка за да префрла осудени криминалци да ја отслужуваат казната во странство. Тоа подразбира и странските затвореници да бидат префрлени во ќелии во нивните матични земји.
- Хелсинки ги разгледува опциите на Шведска - која од август почна да префрла свои осуденици во затвор во естонскиот град Тарту, или на Данска - која во десетогишен договор од 210 милиони со Косово изнајми 300 ќелии во затворот во Гњилане.
- Според податоци на Службата за затвори и условна слобода, во Финска има околу 3.900 затвореници, од кои 950 се странски државјани.
- Бројот на странски затвореници е зголемен за 76% изминатата деценија, а бројот на фински затвореници во истиот период е намален.
- Најголем дел од странските затвореници отслужуваат казни за кривични дела поврзани со дрога (49%), за сексуални престапи (21%) и за убиства (10%).