Цигара после секс

Денес е понеделник. Туп и облачен. Намуртен и сив. Денес е сè, и секој е сешто, и секој е ништо, а животот отиде, пичка ли му матер лажовска. 

23:53. Седнав да пишувам. Кај се почнува текст у оваа глуво доба, на само неколку часа кога треба да станам и да одам да 'ргам, леб да заработам за оние кои ги создадов. 

Ги создадов, а да не бев ни свесна дека растам заедно со нив. Млада ме излажа оној со кој требаше да тераме век. И го истеравме, си ебало мајката. Разводот ни се чинеше песна у еден глас испеана, за после 14 години, да сфатам дека ја не сум требала воопшто да се мажам пошто јас не сум создадена за брак. За заедничарење. За булшит.

Ја за социјализам сум. Не за демократија. Нит за потчинување, толку многу присутно овде, во барава македонска, жабосана. Сега веќе шарена. Посебно црвената. За нас комуњариве, пичка мајчина.

Не.

Стариот горд и чесен така ме научи. Да си бидам чесна и за почитување на образот создадена. Докрај непоколеблива. Не. Нит за подгазување на моето достоинство да не сум создадена. Нит за ментална машка гимнастика, за лаги и превари, за измислици, декларативни извинувања, за оговарачки, подведување, поткупување, излитени фрази, гомнарии, местенки, за на 40 години да слушам глупости од мажи недоветни, од женети подлизурковци кои ете така се случило, сите дома да немаат добар брак, ама не се разведуваат пошто имале деца, па дај да излеземе. Од кожа да излезете тоа тесна, ај.

Тие дома деца имале, а ние разведените – мајмуни. 

Не знам уствари зошто го пишувам сето ова.

Така нешто ми дојде. Цената на фрустрациите си доаѓа по своето. Наполнив 40 пред некој ден, па сега нешто се опаметувам. Ми доаѓа ли ум, Боже, или мене само тоа ми се чини дека паралелно со мене, и народов надвор се наоѓа во обид да направи хименопластика на своето достоинство. Шарено. Измешано.

Хименот на човековото достоинството како Феникс. Перфорирано како на нимфоманка јумферот меѓу народецот сака за последен пат да се разлее по чаршафот, да пукне ко шамар изеден во детството. Да се расцвета. Меѓу мене. Меѓу тебе. Бидејќи...

И јас и ти одбравме старост во замена за нерешителност. Ништо не му можеме, бил јак тој, па дај барем онака безживотно да старееме. Како само тоа да остана. Набрзина се предадов. И ти се предаде, па двајца без тројца со полускршени раце у вис, урлај викај, пендракот и молк до следната ступидност.

Залудев.

И ти залуде.

Политиканство како опиум за народот. А во меѓувреме, остаре сокот од простата ишприцан у ерекција. Единаесет години. Семето јалово е веќе, не фаќа. А додека шприцаше, и јас, и ти и тој избегавме од суштината за која сме родени. Заменивме класна борба за бугарски пасош, аусвајс за мрш одовде, купени дипломи, затвор пред презумпција, Тамара, смрт на човековото достоинство. На цевче крв пиење. Самољубие. А има овде паметен свет. Невработени во зрели години. Луѓе достојни. На мајка и татко деца воспитани. 

Ајнштајн го дрви дека времето е релативно. Затоа јас наполнив 40, а тој 11. Ја веќе нит баба – нит девојка, нит доволно млада за почеток, нит стара за патерица, а тој нит политичар, нит субвенција за сточарите, нит вкусна цигара после добра ебачина.

Сега сме веќе во друга димензија. Ушите нека црвенеат. Сите можни корективи се исцрпени. Од глад, до молба, до пишување, до бес и страв, бидејќи денес животот помина со евро, утре со пола. Од кебапи до ТНТ, фатиме - пушти ме. 

Јас заменив брчки за младост, сокриени гради наместо деколте со пушап прслуци, омраза за љубов, отупеност наместо страст, бели влакна наместо сјај, руски комунизам наместо демократија, нарачани текстови наместо слобода, странски служби наместо одговорност, заговор наместо храброст, решетки наместо дијалог, Бетмен наместо Супермен, смрт наместо живот со 'рбет исправен.  Замени цела една декада со едно прашање:

Има ли бе јунак во државата да признае дека некогаш и негде, нешто згрешил?

 

 

25 април 2016 - 08:57