Абортус

-Докторе, добар ден.
-Добар ден, што треба?
-Ако може ПАП, ехо и еден абортус, ако имате.

Ооо, значи во све да се претерало. Го изигнорирав свештеното лице што реши да го регулира мајчинството, се шалев со онаа една глупост пред неколку години со данок за не-брак, и сега #абортус.

Од кај таа пуста желба да се кажуело како луѓето да си го организираат животот?

Прво попот. Ја одамна се откажав дека на чело на религиозни институции ќе ставаат одмерени, мудри луѓе што ќе знаат да се обратат на широките народни маси и да им ја доловат суштинската мудрост што ја кријат нивните свети писма. Ах, месинџери на Божјата реч. Да се акне човек од ѕид просто кога ќе види колку можат да влијаат на народот, и како го тратат тоа глупо. Да се тресне човек од земја што знае од какви мудри книги учат, а како тоа решаваат да го пренесат. Да, знам уствари зашто се чуди и ц'цка народов. Да имаш пристап до најумните алегории у свет, да ти е у опис и попис на работно место тоа да го правиш, и пак да се ставиш во ситуација луѓето да прават шали на твоја сметка, да се фаќаат за глава од твоите уназадени изјави и да те пљукаат, е многу, многу глупо.
Прво вика еден, парафразирам, да раѓа жената и да создава, зашто така ќе го попраи општеството. Супер. Значи секоја дупка, да ја затнам со по едно дете. Финансиска криза, нема проблем, еве едно од мене, средете таму. Се опраивме? Не? Што е сега? О, пари сме дужеле. Нема гајле, на уште едно, да се покриеме. Што? Спорот со името? Добро, еве ти пет, ама те молам да ме остаиш воздух да земам некој месец. И вака нонстоп, и вака сите, и да видиш, за десет години, мед и млеко ќе тече. Мајчино.

Другиот поп кажува дека жената што абортира е (пази, пази) чедоморка. Чедоморка е затоа што го убива своето чедо поради себичноста и животот што и се свиѓа таков каков што е, комфорен, пун со блуд, разврат и разни пички материни.

И ние се шалиме, се шалиме, се чудиме на поповите, па се јачаме, што ни можат они нас... И оп, предлог-закон.

Многу само ме занима од кај инспирација. Може некако сме ги натерале да мислат дека при еден гинеколошки преглед, разговорот се одвива вака:

-Докторе, добар ден.
-Добар ден, што треба?
-Ако може ПАП, ехо и еден абортус, ако имате.

Така, да. Како иначе би се наљутиле доволно да си речат „Аман више од овие аздисани гуски! Секој месец ли се абортира, не може! Одма состанок!"

Еве нека е и така, верувам дека има случаи каде што се абортира повеќе пати годишно. Еве, можеби пет пати годишно. Ма нека се и десет, ја пак морам да прашам, како од тоа се доаѓа до идеја да се регулира тоа со закон, фасцинантно ми е како им текнува? Еве и да сум до толку идиот, и да се ставам себеси повеќе пати годишно во ситуација да треба да абортирам, каква врска има тоа со било кој друг, освен со мене?

Можда ќе се обидат да прогураат дека се грижат за здравјето на жените. Можда следен предлог-закон ќе биде да не смее депилација на препони повеќе од еднаш годишно, затоа што кожата на гениталиите е нежна (плус, врзани се со репродукција!!!). Можда нема да смееме да се шишаме, затоа што „жена е жена ако има долга коса". И не смее шминкање освен за свадба, затоа што „природно си е природно". А да, можда и нема да биде законски да ставаме силикони во цицки затоа што можат да се десат компликации, плус МЛЕКОТО!

Плус, да не се осеќаме дискриминирано, еве и unisex закони.
Не смее повеќе од 2 тетоважи.
Не смее да се фарба коса (штетно е).
Не смее да се носат фармерки, ги стегаат репродуктивните органи (све некако накај наталитетот).
Смее да се вози само на непарни датуми. Да се движиме и за здравјето да се грижиме!

Да, звучи крајно глупо, ама овие сите се НА ИСТО РАМНИШТЕ со предлог-законот што го регулира абортусот. Ете, толку е глуп.

И на крај краева, ќе мижиме ли пред очигледното, дека баш оние што се финансиски способни да родат и да чуваат дете, ќе најдат начин (ако треба) да абортираат, а со шеснаесто дете ќе бидат заглавени оние што нема да имаат врски у комисија?
Колку ќе ги напуниме со пари клиниките на соседните држави, тоа е чудо.

И најбитно од се, една работа што упорно сите потресени околу наталитетот ја забораваат, а тоа е
НЕ Е СЕКОЈ КАДАРЕН ЗА РОДИТЕЛ.
Не треба секому да се дозволува да има дете.
Не треба да имаш дете само затоа што можеш.
Не се сите способни да пружат нормално детство.
И вакви еден куп.

Али додека е ваква работата, пазете се. Кој ќе фаќа врски за абортус.

Јана

***

mail

twitter

 

29 мај 2013 - 01:50