Жирафа или ној?

Ако...

Ако наведнеш глава кога ова ќе го прочиташ, нема да ме чуди дереџето кое нė снашло.

Ако наведнеш глава, и ако е пролет, очи зеленило од тревата ќе наполниш и ќе ги одмориш, ама нема да видиш дека и лисјата се зелени.

Ако наведнеш глава, и ако е лето, можеш од змија да куртулиш, бидејќи нема да ја нагазиш и таа нема да те касне, ама нема да забележиш дека има и други птици освен кокошките кои за разлика од нив и летаат.

Ако наведнеш глава, и ако е есен, ќе видиш шарен тепих од лисја исткаен, но не ќе знаеш дека има зимзелени дрвја на кои не им паѓаат лисјата.

Ако наведнеш глава, и ако е зима, ем снегот ќе го видиш, ем нема да се лизнеш нит да паднеш и скршиш рака или нога, но ќе го пропуштиш танцот на снегулките.

Ако наведнеш глава, и ако е сончев ден, сенката ќе си ја видиш и ќе знаеш дали си се поправил или си ослабел, ама не ќе приметиш дека благодарение на Сонцето си ја гледаш сенката.

Ако наведнеш глава, и ако е ноќ, може да го видиш бледиот отсјај на месечината, но не ќе ги научиш месечевите мени.

Ако наведнеш глава кога се разминуваш со луѓе, нема да им прочиташ од очите дека те мразат, но нема да видиш ни очи кои те сакаат.

Ако наведнеш глава кога одиш надолу, лесно ќе го видиш крајот на патот.

Ако наведнеш глава кога одиш нагоре додека не стигнеш до врвот, нема да го видиш крајот на патот.

Ако наведнеш глава кога си среќен, ќе нема со кого да ја споделиш среќата.

Ако наведнеш глава кога си тажен, нема никој да ти одмали од тагата.

Ако наведнеш глава кога ти се закануваат, ќе покажеш страв.

Ако наведнеш глава кога сакаш на животно да заличиш, на ној ќе заличиш.

Ако наведнеш глава кога на ној сакаш да заличиш, ако си на асфалт глава ќе си скршиш.

Ако наведнеш глава кога некој гроб копа, нема да видиш дека твојот гроб го копа.

Ако наведнуваш глава кога мислиш дека сè е црно и бело, нема да го видиш плавилото на небото.

Ако наведнеш глава кога некој те вика по име, тој нема да ти го види лицето.

Ако наведнеш глава кога некој сака да ти го види лицето, тој никогаш нема да те есапи за личност.

Ако наведнеш глава покрај река, ќе видиш како реката тече, ама нема да видиш дека и животот ти тече.

Ако наведнуваш глава постојано, никогаш нема да го видиш твојот иден дом - небесата.

Ако наведнеш глава кога ова ќе го прочиташ, нема да ме чуди дереџето кое нė снашло.

Ако наведнеш глава и кога не се согласуваш со напишаново, не ќе можеш ни да ми плукнеш во лице, туку сам ќе си плукнеш на чевлите свои.

Ако наведнеш глава за да видиш како си ги плукнал чевлите, немам намера да ти објаснувам Закон на гравитација и нејзината поврзаност со плукнатите чевли.

Ако наведнеш глава кога некој вади сабја, а ти имаш кубура за не дај Боже, ќе си ја зачуваш главата од сечење, но и кубурата ќе ја зачуваш неупотребена цел живот, оти со наведната глава никогаш не ќе видиш што ти дава Бог.

Ако наведнеш глава на Велика Среда, ќе ги видиш само нозете на оној кој го предаде Христа.

Ако наведнеш глава на Велики Четврток, нема да ја видиш разликата меѓу Варава и Христа.

Ако наведнеш глава на Велики Петок, нема да видиш дека Христот на Крстот ги рашири рацете и за тебе.

Ако наведнеш глава на Велигден, ќе ги видиш гробните повои во празниот гроб.

Ако наведнеш глава на Велигден, нема да го видиш Воскреснатиот од гробот.

Ако дигнеш глава, ќе видиш многу луѓе кои ќе ти кажат дека Христос воскресна.

Ако дигнеш глава, на многу луѓе ќе им кажеш дека Христос воскресна.

Ако дигнеш глава, и сам ќе почувствуваш дека Христос воскресна.

Ако чекориш со дигната глава, светот ќе е поубав, и за тебе, и со тебе.

А ти како сакаш носи си ја главата. Твоја си е. Твоја си е и одговорноста.

Христос воскреснува, и за наведнатите, и за дигнатите глави.

Е сега дали исто ќе погледне на сите глави е друго. Бидејќи едните ќе ги гледа во очи, а другите во темето.

Отец Пимен

27 април 2016 - 22:23