Еден ден, од невакцинирање, јас фатив

Китки

Сега сме 2014, но, не бадијала на увид ви го ставам мојот картон за вакцинација. Не за да убедувам да ги вакцинирате или не вашите дечиња, туку да ви докажам дека без тоа, болеста за пол и возраст не прашува. За компликациите уште помалку. Како јас скрцав, не знам, но...

Тоа се случи далечната 1980 година. Живеевме во општествен стан на трети кат. Јас тогаш имав четири години. Моите после го вратија станот на државата, оти не сакаше стариот аферата ''Имаш куќа - врати стан'', да не изеде нас чесните и на системот лојалните.

Нека звучи чудно, речиси и неверно, но, како вчера да сум излегла од таму, се сеќавам на секој минорен детал од тие пеесет квадрати. Често ме тепаат реминисценции од славната и никогаш нечепната, и за гости исклучиво наменета комбинована соба, на нафташот до кој ни беше забранет приодот на мене и на брат ми, на црната витрина со стакло која ја покажуваше секоја честичка прав, на кујната со обавезен шпајз, на сликата на Тито и на саатот во ходникот кој лупаше сто пеесе пати на секој обележан час што проклето ја означуваше минливоста на едно доба и едно време по кое ќе пекам дур бие срце во овие тесни гради. Во оние исти гради во кои едвај преживеа едно детско срце од болеста тогаш викана китки, а денес популарно морбили.

И како што приказната за морбилите повторно се враќа на сцена, така навираат во мозокот оние тешки сеќавања кои како сенка ќе ме пратат додека сум гост на овој свет, докрај необјаснет. Се мешаат емоции, го гледам докторското огледало на чело закачено, и со секоја помисла на тие денови, почнува да чеша снагата со ситни, црвени сипаници облеана.

Никнуваа ко печурки после дожд. Тогаш такво време беше, па, а детето китки ќе фати, одма во бело ќе го облечат, и со денови нит вода, нит капење ќе види болниот. Изолација одма. Братчето да не се зарази. Ми купија се сеќавам некоја мини машина за шиење за да не досаѓам. А што да шиеш, кога телото гори од температури бетер од вулканска магма. Со денови така. Гори - гаси, гори - гаси... Не стивнува.

И гори телото кое тогаш можеби тешко било едвај 20 кила, и како што мама на телефон во ходникот расправа, почна да ми тече крв од нос. Тече - не сопира. И пак тече, и пак не сопира. Де главата нагоре, де вака, де онака... Почнав да врескам. Мамоооо.. Маммоооо... Не сопираше крвта црвена, социјалистичка. Тече, од двете ноздрви, лие...

Влезе мајка пуста, и што да види. Пекол. Облеана во крв, лежев, а тоа тече. Таа почна да вреска, и на сè што се сеќавам е дека ми донесе крпа од оние прашоци за перење во кои се продаваше Факс Хелизим, а крвта и понатаму не сопираше. Ме замота во ќебе, излезе на тераса сосе мене и почна да довикува имиња на луѓе кои во тој момент се најдоа под терасата.

Учителке, учителке... И сега го слушам тој уплашен глас. Мама после кажува дека од стрес, на ниедно име на своите комшии не можела да се сети. По скалите надоле, крвта тече, во кола и правец болница. Ме дофати еден лекар, ме прегледа и рече: Мора да тампонираме.

Мама ја избркаа надвор, а јас сама. Го гледам докторот кој како рудар имаше јали огледало, јали светилка - не знам, но тогаш почна пеколот. Ме гореа со некои долги пинцети на кои имаше нешто од што и малиот мозок печеше, и памтам, носот за кратко ми беше полн со гази од кои не можев да дишам.

Така со денови. Голтај крвови засирени, диши на шкрги. Мама до мене, братчето и тато во другата соба, а јас, изолирана оти уште сум со китки ко со бисери бели наредена.

Стивнаа болките после некое време. И китките се повлекоа, а јас и денес го слушам гласот на лошиот доктор дека заради компликации од морбилите, дошло до пукање на капиларите и добро е што така завршило, оти морбилите знаат и кобни да бидат.

Тогаш имав четири години, а денес сум мајка на две чеда. Не се моите криви што така со мене се стори, оти тогаш државата не вакцинирала од морбили. Барав да прочитам од кога почнала вакцинацијата за тие лоши заразни болести, но не најдов. Ќе да е негде од 1980, но веќе е небитно. Во мојот картон, тие графи празни се. Не верувам дека родителите ескивирале. Нема ништо скриено и непримено, освен една сурова вистина, а тоа е дека јас сум една од оние кои морбилите сакаа да ја уништат.

Сега сме 2014, но, не бадијала на увид ви го ставам мојот картон за вакцинација. Не за да убедувам да ги вакцинирате или не вашите дечиња, туку да ви докажам дека без тоа, болеста за пол и возраст не прашува. За компликациите уште помалку. Како јас скрцав, не знам, но...

Во целата дебата дали да се вакцинираат децата, не сакам да учествувам. Не сакам воопшто и да читам цитати на лаици версус медицински докази дека некои болести со самото вакцинирање се речиси искоренети. Се појавувал аутизам, се појавувало не знам што, па со триесет случаи не било епидемија, па треба цела држава да се зарази, па тогаш да се прогласи епидемија од немерливи размери. Булшит. Јас по мене си знам, оти, уште си ги памтам пижамките во крв облеани, гласот на Мечето Ушко пред болното заспивање и гласот на докторот кој додека болката во нос риеше, се што слушав е: - Уште малку, уште малку... Готово е Сандра, готово

Најдете ми еден медицински доказ дека заради вакцина се јавил аутизам, траен инвалидитет или церебрална парализа, а тоа да не е доказ од гугл или некое америчко срање и ќе одам да се извакцинирам од илјада болести одеднаш. 

Еве ви погоре доказ од Македонка што се случува ако не се вакцинирате, па вие сами одберете, дали преку фејк страни ќе верувате на оние што претпоставуваат дека од тоа се станува аутистичен или не знам што, или сепак ќе верувате на морбилен паталец  а не на гаталец. 

Ве поздравуваме јас, мојата маленкост Сандра tomovska.sandra@gmail.com и Мечето Ушко кој во оваа епизода ќе говори за влечење поука.

 

 

 

31 март 2014 - 00:30