Збогум носталгијо

Не знам од кои причини, секогаш замислував дека првата боенка на син ми ќе биде плава. Како оние нашите на времето. Денес бевме да купиме боици. И првата боенка. Се препираме. Држ-не дај. Знаете кој победи?

Енгри брдс.

Тогаш сфатив дека ова негово време. И моите романтични цртани филмови и романтични боенки со деца и животичиња не го интересираат. И сега да расчистиме две битни дилеми. Првата е дека цртаните во наше време беа поубави. Ова е главна дискусија со многу носталгичари. По која основа? По мене-никако не беа поубави. Напротив. Кога твоите детски очи го гледале Мечето Ушко пред вести секој ден и тоа што тебе Мечето Ушко те потсетува на вкусните питулици на баба ти, не ти дава за право да кажеш: "Тоа беа цртани.". Демек денес, сите деца ce за греота. Да расчистиме со носталгијата, мирисите, ритуалот, топлината и цела слика на твоето детство. И јас сум дека поубав цртан од Снежана нема, но никако не викам дека цртаните во наше време биле поубави.

Прво на две и пол годишно дете не можеш да му дадеш да гледа Петар Пан или пак да гледа Покахонтас. Прво заради времетраењето, а второ заради содржината. Објасни му сега ти дека белите луѓе се лоши и заради злато одат и сакаат да ги покорат доморотците. Можда на пет, не на три. Убавиот дел се денешните канали за деца. Има за секоја возраст и за сите вкусови. И пред се, барем оние кои нас ни се омилени, се сосема во ред. Никој никого не брка, не му удира тави од глава, не го смачкува со кола и слично. Речникот е многу одмерен и на крајот и на крајот на краиштата се поедукативни од Баљум Баљум и можат да послужат и онаму каде што не стигаме ние самите. Кога налетуваме на бара со кал, вика: "Не се скока во бара со кал. Само Пепа Пиг може да скока. Ние не." Па ете како скокањето во кал го решивме како два плус два. Научил по некој збор на англиски, па во итни случаи кога не знае како да се изрази вика:

"Сакам сладолед блек." Македонски, со италијанска структура на реченица (именка па придавка) и во дефицит на речник, кажува како знае и умее.

Порано го имавме Попај за јадење спанаќ, денес имаме други животинчиња како помагала. И супер. Попај и онака беше доста прост лик. Денешните ликови не само што се поубави за гледање, многу често продаваат морални вредности како хуманост, пријателство, почит кон родителите и слично. Секако ги има и оние негативните полни со тепачки и крвојни, но сепак, изборот што и кога ќе му дадеш и како ќе го насочиш е првенствено твоја.

Неодамна гледаме Зу. И гледам татко му го слика моторот зашто колата не работи и му вика на Зу: "Сега ќе го сликаме моторот и после по мејл ќе му ја испратиме сликата на механичарот и тој ќе ни каже каде е проблемот." Мене ми падна малку чудно: дигитален апарат, па слика, па праќа по мејл. Ние сме израснале без овие изрази, но нашето поминало. Сега е нивното и да ги држиме закопани со нашите изрази, нашите игри и нашите цртани филмови кои по никоја докажана основа не се поарни е едноставно глупо.

Втората поддилема ми се сликовниците. Сакаме да им читаме од мали нозе, ги учиме уште од мали да ја сакаат книгата, си имааат свој ритуал. Јадеме, миеме раце и лице и после следи приказната за лека ноќ. Прекрасно.

Не знам за вас, но мене многу често ми се случува да не знам дали бајката е или не е соодветна за неговиот сеуште мал и неизвалкан мозок. Делот кога треба да му кажам дека мама коза ладнокрво отишла и зела ножици и го распарала стомакот на волкот, секогаш го читам набрзинка, за да не ме препраша ништо. Да не збориме за Бамби. Секое читање се прашуваме како да го извадиме ловецот од книгата, зашто ловецот ја убил мајка му на Бамби.

Да не испадне дека хејтам сликовници. Не, пријатели. Само викам дека не се сите сликовници за секоја возраст. Па да викаме дека во наше време и сликовниците беа поубави не е у реду. Денес си има адекватни сликовници, со адекватен речник за секоја возраст. Пред да ги запознае класичните бајки, може да се запознае со некои други сликовници и некои нови ликови. Напишани разбирливо, едноставно и лесно кои нема да го растажат или расплачат. Изборот е пак велам, твој. А разликата меѓу тебе и мајка ти е што ти можеш да бираш многу повеќе од нејзе.

Ние сме израснале со малку телевизија, без смартфони, таблети и со многу играње по улица. Нашиве не растат така. И тоа не е наша вина. Времето ги сменило протагонистите, начините и ликовите. Мечето Ушко е заменет со Хенди Мени, Грашковци со Пепа Пиг, Були Були со Озо. Старите добри цртани со Мики Маус ги гледаме со задоволство (посебно јас, кога не сакам да слушам зборење) но ги гледаме и новите. И ќеиф ми е што може да гледа нешто поквалитетно од Зајац Волк и од Химен. Еднаш од носталгија му пуштив Балтазар. Ме погледна тажно и ме замоли да сменам. И оттогаш сè си мислам дека ова е правиот пат. Ова е природниот тек на неговиот развој. Тој во негово и јас во негово време.

Чао Балтазар, чао Таска Балабанова, чао Попај. А ако не игра: "Сакате ли војна", по мене ништо не испушта.

Збогум носталгијо. Си имаме попаметна работа од носталгичарење.

За да ми кажете дека сум во криво:

Eмили

emabela@yahoo.com

 

31 мај 2013 - 10:09