Пред да започнам ми изгледа ферски да направиме една битна разлика: крос дресери не се трансексуалци. И не се хомосексуалци. Напротив, според сите истражувања и анализи на овој феномен, крос дресери се мажи, главно женети и со деца. По дефиниција, крос дресинг е акт на облекување на алишта кои според општествени пишани и непишани правила припаѓаат на спротивниот пол. Како за многу термини за кои не се знае точно на што се однесуваат, крос дресингoт во секојдневниот говор е главно врзан со сексуални фетиши, со хомосексуалност, латентна или не, со бисексуалност или со трансексуалност. И најчудно е што во ера на најголем промискуитет како нашава, крос дресингот заплашува, личи на болест, личи на некаква болна перверзија. Еве зашто не е баш толку страшен.
Цела историја е полна со крос дресери: од грчка, до викиншка и хиндуистичка митологија. Присутен е во многу театрални елементи, во литературата и нормално, во фолклорот. Историски гледано многу пати во различни општества и различно време, за да се избегне или за да се постигне нешто, луѓето (од двата пола) се преправаaт и се облекуваат во алишта од спротивниот пол. "Заљубениот Шекспир", класичен пример за крос дресинг. Во театарските групи неретко се наоѓаат крос облеки кои се наменети за игра на улогите на спротивниот пол. Многу често се употребува, (посебно мажи во женска улога) за да се засили комичниот ефект на сцена.
Често прикривањето на сопствениот пол било од потреба или пак заради социјален или политички протест. Земјоделци и сточари кои го употребуваат женскиот идентитет во Вејлс во средина на деветнаесетиот век, за време на протестите против зголемување на даноците се познати како Ребека Риотс. За жените од Албанија, нашироко, тука.
Војската од двете страни е причина и последица: често, во различни земји, мажите се преправаат во жени за да ја избегнат. И често жени кои работат војска симптоматично личат на мажи. Eд Вуд, за критиката познат како најлошиот режисер на сите времиња, признал дека во Втората Светска Војна, под војничкото одело носел женска долна облека.
Во рамки на нашиот фолклор, маскирањето на млади и постари мажи од двасетина до шеесетина години кои ги превземале женските улоги е застапено кај македонските христијани за време на обредите со маски. Најголем дел од овие обреди се одржувале во време на Коледе. Па не е чума тоа крос дресингот. Во василичарските обичаи, за да бидам поактуелна, пошто Коледе ни помина, главната улога ја имаат баба и дедо. Само што и бабата е дедо. Мажот е преправен во баба и сите му се качуваат. И ние не сме покуси со кросери.
Кросери, колку ти душа сака.
Ај моден осврт.
Во изминатиов век, повеќе од очигледно е дека по моден диктат ние жените сме скроз крос дресери започнувајќи од панталоните, машки кошули, сакоа, смокинг јакни и фракови завршувајќи со машки англиски чевли и триумфирајќи со лептир машни и кравати.
Од друга страна на цела оваа наша еластичност, мажите од нас не попримиле скоро ништо. Иако Марк Џејкобс одамна се обидува да промовира машки сукњи, не верувам дека во скоро време ќе му успее. Можеби еден ден и ќе му успее, ама ние сигурно нема да бидеме живи за да сведочиме.
За крај ќе ја напуштам и модата. Зашто она во воведот, не беше никаква заебанција.
Приватно, нетеатрално, надвор од фолклорните елементи, крос дресингот се однесува на мажи кои немаат никакви хомо склоности и кои како што споменав се најчесто во зрели години, женети со деца и цел пакет. Со ете таква сепак малку чудна манија: да застанат пред огледало и да ги крадат облеките на сопствените жени. Тоа го прават, се чини, од најразлични причини: заради забава со еротски тон, фетишизам, за игра со сопствената мажественсот или женственост или едноставно за да видат како е да си во кожата на другиот.
Дали крос дресер е еднакво на травестит?
Не.
Травестит е човек кој се облекува со алишта од спортивниот пол, но постои разлика помеѓу травестити кои тоа го прават зашто сакаат да бидат припадници на спротивниот пол - (по операција) трансексуалци или или оние кои едноставно уживаат од секакви причини да се облакаат како спротивниот пол- крос дресери. Верувам, латински корен.
На италијански: вестирси- се облекува;
травестирси- се маскира, се камуфлира;
Заклучок: Травестит не е автоматски еднакво на Трансексуалец и терминот крос дресинг не се однесува на трансексуалци зашто во моментот кога ги менуваат гениталите тие технички не облакаат алишта од спротивниот пол. Така да, да не тропаме зелени.
За крај, ова чудна игра на мажите да се маскираат во жени за време на викенди или патувања е сигурно сензитивна тема. Не е класифицирана како болест од која човекот треба да биде излечен. Чаре, нема. Сигурно е многу тешко да најдеш пријател на кој ќе му кажеш дека за време на викенди наместо утакмица и пиво, ти се пикаш во гардеробата на жена ти и си играш со нејзини шминки и гаќички. Верувам исто дека и на жена не би и било веднаш лесно и едноставно да прифати нешто што во контекст на спалната соба, сепак, џабе вртам одоклу, мене не ми е нормално. Исто ми е многу тешко скоро хистерично да замислам балкански маж крос дресер, малку заради неграциозната конституција, висината, големината и пивскиот стомак. И многу заради менталитетот. Јас веројатно нема да имам глас да писнам ако еден ден сум сведок на ваква сцена. Ќе треснам како круша на земја.
Нормално, освен ако не е дел од вашите сексуални фантазии, не ви посакувам да се најдете во имагинарното сценарио од воведот. Ама и фантазијата е заебано животно.
Дур се мислам како да завршам, ми текна на Достоевски кој некаде пишал: "Тоа што за разумот е срамно, на срцето често му е мило и драго." А ја подобро од него, ова истово, не знам да ви го кажам.
Толку од мене за денес.
Емили, Италија