Немој веќе да ме испраќаш таму да сликам, оти, црева истурив денес, ми се пожали Никола лани летоска кога го пратив да направи фото - сторија од руинираната зграда на поранешниот Основен Суд во Куманово.
Сандра, ти не знаеш, и подобро да не знаеш што видов таму.
Беше невозможно да се влезе. На импровизираниот влез во куќата има купиште ѓубре. Не може да се влезе со чекори. Само ако скокаш, може да пријдеш во таа една единствена соба која мириса на измет и урина. Тоа во живот не сум видел такво нешто. Страшно. Како ли живеат тие семејства во тоа дувло, а ги има две на број?
Ај, престани, со глумење во гласот му се обратив на Никола. Тоа ти е работа. Да сликаш и сиромаштија, а не само приеми и досадни состаноци.
Но... следеше момент на соочување со вистината.
На ул. 11 Октомври, живее петчлено семејство, кое очајно бараше помош некој да се погрижи за нивните чеда.
Направивме фото - сторија, ја објавивме на нашиот локален портал, но...
Молк.
Никој од надлежните институции не се јави ниту да праша нешто, ниту да каже збор, ниту пак да искритикува, ако ништо друго во обид да се огради од одговорност. Тоа беше само еден од многуте обиди на локалните портали и дописници, гласот да допре до надлежните.
Бадијала. Семејството си остана кај што го најдовме.
Во таа руина, живееше и малата Ива Мирковиќ.
Мама е просторно дезориентирана личност. Се гледа дека има ментални нарушувања. Тато е некој си ништо, собира старо железо, а дома ги направил четири. Петтото е во стомак.
Се будам на 20 декември, а веќе во инбокс ме чека кобна вест.
Колешките ме информираат дека во руинираната куќа на ул. 11 Октомври, на Детската клиника во Скопје, починало едно децата на семејството Мирковиќ.
Телефонот во рака, но беше тешко да се дознае било што, бидејќи мајката не знае да објасни, таткото бара пари да го погребе чедото.
Сè што слушнавме од нив беше: Не сме ја малтретирале, не ја тепавме.
Смртта дошла неповикана.
Ива не можеше да зборува, но беше здрава, велат родителите. Наводно, кога ја бањале, одеднаш ѝ се слошило. Ива се вкочанила во коритито.
Почнале да ја масираат, но немало никаво подобрување. Ја извадиле од водата и ја легнале на кревет. Кога таткото се прибрал од работа, ја завиткале во ќебе и ја однеле во болница. Лекарите ѝ дале Прва помош, но, ништо. Правец Скопје. Некаде во Арачиново, Ива почнала да издишува и да умира, но со масажа на срцето, ја вратиле.
Кога стигнале на Клиниката, несреќното девојче било сè уште живо, но телото ѝ било толку ладно што лекарите ги прашувале дали детето го чувале во фрижидер. Се обиделе да ја реанимираат, но немало спас. Околу 1 часот по полноќ, ја загубиле битката за животот на Ива.
Хемоглобин 22, еритроцити 0,9. Детето тешко едвај 13 килограми. Неухрането. Вошките и биле најдобри пријатели, не само во косата, туку и по телото. Вода не видело, било запоставено, а за да има таква крвна слика, според здравствените работници прашање е дали воопшто добивало храна и дали некогаш видело месо, пишуваа медиумите.
Три дена стои телото во капела во Скопје, а ние немаме пари да отидеме по него. Немаме 3600 денари да купиме ковчег и да платиме превоз. Страв ми е дека ќе ја погребаат во Скопје и нема да ни ја дадат. Затоа апелирам до луѓето кои можат да ни помогнат, во очај раскажуваше тие денови таткото Драган.
Ива Мирковиќ почина. Во тешки маки, македонски.
Живееше во собичка од десетина квадрати, без струја и вода, во невидена сиромаштија и нечистотија, во напуштената зграда на поранешниот Основен Суд - Куманово.
Родителите на Ива во момент на смртта, немаа ништо. Ниту документи, ниту изводи, ниту лични карти и живеалишта.
Ива почина, а Обвинителството се огласи дека по допрен глас ќе истражува.
Што ќе истражувате сега кога детето почина?
Малку ли пишувавме за тоа сирото семејство?
Кај ви беа службите, да дојдат, да ги посетат? Да ги тргнат оттука? Децата ако живеат во пет квадрата со болна мајка, на друго место да ги одведете?
Сега ли ви текна да истражувате?
Одете Македонци, и сега таму ќе ги најдете.
А вие по допрени гласови, ако веќе истраживте, дајте јавно да видиме и да прочитаме.
Одговорете веќе еднаш на прашањето: Од што и од кого почина Ива Мирковиќ?
P.S
Ако сакате да донирате за семејството, пишете на
* Секој друг коментар, а тоа да не е од Центар за социјални работи, ќе го бришам, оти, и така све ми е уз Калемегдан.