За „хепи“ растенија и градинари

Бирање добра садница (дел 2)

Во претходната статија кажав нешто за избор на садница (дрвца и грмушки, костурот на дворот), како да се анализираат сопствените желби и потреби, како и ограничувањата на местото за садење. Овој пат ќе додадам неколку реченици за изборот на самата садница, сезоната за садење и макро и микропозицијата.

Во расадник или гарден-центар има стотици, па и илјадници садници. Тоа може некого да вознемири и да разочара – како да одбере? Сите ли се исти или има некоја разлика? На што да пази? Што да бара? Всушност, поголем избор е добро, но ако знаеш што бараш, нели? ;)

  1. Пожелна садница

Корења

Ако е во саксија или топка завиткана со јута, прочепкај со жица или штрафцигер малку во земјата. Има ли неколку поголеми корења во секој правец? Ако нема во горните 10цм, не ја купувај. Не ја купувај ни ако се клати или ако стеблото се двои од земјата.

Крошна

Дали гранките се приближно еднакво распоредени околу една вертикална оска? Има ли посилни гранки на секоја страна и на различна висина по оската? Добра садница има распоред на гранки како спирални скали (или барем можеш да добиеш таков распоред по зимското кроење во втората година по садењето).

Не земај садница со гранки кои избиваат од една точка, особено под остар агол една во однос на друга (освен ако не си сигурен дека тоа е нормално за конкретниот вид).

Здравје

Како ти стои растението на око – дали е “happy”? (Сува садница, особено при крај на летото, прашање е дали ќе ја преживее зимата). 

Големина

Пази, окото лаже. Поголема не значи автоматски и подобра. Освен тоа, ќе платиш и повеќе за неа (се разбира, не очекувај во гарден-центар да ти го кажат ова). Треба да е здрава и полна со живот, но не големо дрво во мала саксија (т.н.„контејнер“, само за да збуни уште повеќе). Помало дрвце подобро се „фаќа“ и побрзо напредува (види на слика 5 од оваа брошура).                               

Поголема не значи и подобра

  1. Сезона на садење

Пролет

                              Идеален период за повеќето (секој дел од растенијата расте и не се троши непотребно „сила“ на други работи)

                Крај на лето и рана есен

                   Многу добро, посебно кај што има проблем со суши и високи температури. Не се губи „сила“ на правење нови гранчиња и листови, па затоа има повеќе за нови коренчиња (подобро се „зафаќа“).

                Зима

                  Сè додека земјата дозволува, Ок е. Во последно време и сè повеќе зими се без опасно минусни температури. Кај нас и главниот период на врнежите е токму зимата. Затоа, зимата треба да се користи за садење многу повеќе.

  1. Макро и микропозиција

Ова е уште еден специфичен поим како оние „микроклима“ и „микролокација“ од претходниот текст.

Под „макропозиција“ мислам на тоа што постои во поширокото опкружување, на пример во целата населба или во целиот град. Начелото за разнообразност вели дека не би требало да се сади повеќе од 10% од ист вид (некои велат ни 5%!) ниту повеќе од 20% од ист род (за ова „вид“ и „род“ ќе зборувам во некоја идна статија). Исклучок од ова се природните еднообразни шуми во понегостољубивите предели, како тајгите на поголемите географски ширини во Евроазија.

Под „микропозиција“ мислам на односот на новото растението со другите растенија (било постоечки, било планирани), а особено односот со инсталациите и објектите. Кого го интересира ова второво посебно, брошурката "The Right Tree Book" (Seattle City Light Publication, 1988) ќе му биде од непроценлива помош. Погрешно избрано дрво за локацијата или погрешна локација за конкретно дрво е причина бр.1 за краток спој во струјата и сечење дрва во некои градови. Запомни: Големи зафати на возрасни дрвја се последица на лоши одлуки.

Една слика, илјада збора

Како општо правило, ако на садницата ù оди добро 2-3 лета после садењето, ќе ù се радувате и многу долго потоа.

За крај. Ако се обрне поголемо внимание при изборот на садници, многу поголемо отколку што се обрнува сега, поголемиот дел од работата и грижите ќе ги имате на почетокот. Ова особено важи за грмушките, а најмногу за дрвјата, костурот на вашиот двор. Најновите препораки за одржување големи дрвја се сведуваат на сечење мртви, скршени или оштетени гранки. Тоа е во ваш интерес, за ваш мир и, на крај, за ваш џеб.

Дејан, дрвосечач и градинар на ФБ