Бирање добра садница

Мислам дека на сите љубители на убави дворови сега во главата им се вртат доста идеи за садење. Зборувавме како да се избере гарден-центар или расадник. А како да се избере добра садница?  

Во двор можете да засадите многу работи - едногодишни или повеќегодишни цвеќиња, зеленчук, зачини, луковици, , итн. Но, најважно е да пазите со изборот на грмушки и дрвца (посебно од генетски предодредени големи дрвја). Тие се костурот на вашиот двор, ги дефинираат трајните црти и постојаноста, носат мир, но може да бидат и извор на грижи и проблеми кога не се пази со нив. Затоа, следниов текст е за начелата кои треба да ве водат при изборот токму на грмушки и дрвца.

Можете да смените многу работи во сликава,

но дрвјата и грмушките се костурот кој ретко се менува

Еве неколку прашања што треба да си ги поставите сами на себе (добро е да си го запишете одговорите):

  • Какво дрво/грмушка сакам?

Има зимзелени со широки листови, листопадни со широки листови, иглолисни зимзелени а и неколку иглолисни листопадни. Збунува, нели? :) 

  • За што ми треба дрвото/грмушката?

За убавина, за визуелна заштита, за сенка?

Јапонските цреши се садат заради убавината

  • Каква форма би сакал?

Конусна (дури и свеќаста), широко разгранета, топчеста, жалосна?

  • Кои посебни црти ми се допаѓаат а би сакал да ги има?

Цвет, плод, есенски бои, интересна кора?

  • Како е со сонце?

Сонце – сенка – полусенка?

  • Има ли ветар? (некои се нежни)
  • Каква е земјата?

Која pH („пе-Ха“) е?

Дали е леплива? (глината може да биде проблем за вода - слабо прима, а после слабо испушта)

Песокливата е сува...

На Земјоделски или Шумарски факултет можете да си направите анализа.

  • Каква е климата?

Тетово и Скопје се два различни поима (зимата во Тетово доаѓа месец дена порано, а си оди месец дена покасно).

Палми и медитерански видови треба да бидат на јужна страна и во заклон, а можеби и во затворено преку зима.

Планински дрвја во град не ги бива...

Во суви долини (какви што се повеќето градови) не бива ни дрвја што бараат воздушна влага.

  • Какви се микроклимата и микролокацијата?

Тоа е поспецифично за вашето место и од климата, а обично и поважно

На која страна на светот „гледа“ локацијата?

Колкав е наклонот на теренот?

Држи ли мраз?

Дали е покрај пат кај што фрлаат сол?

Дали воздухот е загаден?

Елките (род Abies) не се баш за град.

(Не сме ни ние, но стравот е посилен)

Со одговорите на овие прашања, може да почнете успешна потрага по нова грмушка или дрвце за вашиот двор!

Пишува,

Дејан – дрвосечач и градинар