Париз.

Го гледам насловов и тешко ми мрдаат прстиве по тастатура. Можеби беше пригодно да се вратам и одма да го покријам настанот кога веќе бев таму, можеби тие што ме познаваат очекувале да бидам најгласна во оваа грда ситуација, ама јас си ќутам од саботата наваму.

1.
Париз ме дружи од дете. Јас мала, он многу голем и бескрајно убав. Беше подеднакво дома како дома. Можеби затоа што ме созреа пред време. Можеби затоа што беше полн со одговори што Скопје тогаш не можеше да ги даде. Можеби и затоа мојата прва книга не е за Скопје, туку за Париз. Затоа што му ги знам калдрмите, и зајачето во метро, и секој ден поминував додека се градеше просторот околу Ла Дефанс.
А може и затоа што се работеше за искрена, безрезервна љубов на прв поглед, како за свој град, за кој што се радуваш и за кој што мрчиш, што го обожаваш, а понекогаш успева да те извади од такт. Дали беше природно, на толкава љубов, да бидам таму кога му се случи најлошата работа откако сум јас жива?

2.
Никогаш во животот, никаде не сум си поминала толку прекрасно како минатата недела во Париз. Беше пролет во ноември, со мене беа две од најважните личности во мојот живот, и секоја скала во метро, секој чекор по незанимлива улица, секое погрешно свртување додека ја баравме куќата на Балзак, секое кафе и секоја чаша вино беа уживање. Навечер легнувавме среќни и полумртви, не ги чувствувавме нозете, си ги гледавме сликите и заспивавме пресреќни дека имаме уште еден ден. Насабајле правев кафе, пушевме цигари, се дотерувавме и пак баравме куќи на писатели, клише споменици, непознати улици, го пцуевме Лувр и се кикотевме во метро.

3.
Петок, 13-ти ноември, еден од најубавите датуми во историјата на Скопје, и најтажните во историјата на Париз. Еуфорични и потресени, излеговме од една куќа на стравот, да бараме кафе, вино и храна, и завршивме во Латинскиот кварт. Немавме поима дека за некој саат, Париз ќе стане, како што после ни пишаа – градот на стравот. Кога решивме да се прибираме, помина полиција и брза помош. Е да де, си викаш, голем град е, свашта се дешава. Во метро заглавивме пола саат, ја свиреа Stand By Me, и луѓе се радуваа. Дома стигнавме задишани од едни тешки, вртени скали.

4.
А дома има wi-fi. А кога ќе уклучиш wi-fi, закаснето ти стигаат сите пораки што ти ги праќале додека те немало. И стигнаа милион, од познати и непознати, од заборавени и од важни, „kaaaaaj steeeeeee".
Немавме телевизија, ама имавме интернет. Пуштив едно видео, видов деца и исклучив. Од планот барем малку да поспиеме пред лет не искочи ништо, затоа што ја поминавме ноќта во допишување со дома, дека сме добри, дека страшното е далеку. Со вртење до амбасада пет-шеесет пати, истата таа амбасада од каде што некој ми кажа дека наводно биле среќни што никој не побарал помош, и со пратење на вести дали ќе летаат авиони и дали стварно е воведен полициски час, прв пат после 1942-ра. Ги молевме нашите да спијат и ветувавме дека ако не е безбедно, нема да излеземе, се шалевме дека ќе спиеме утредента цел ден, и во најбезнадежното лудило – ги пробувавме новите чизми и праќавме дома слики, демек „ете, види што правиме, нема ништо страшно". И во пет сабајле, одлучивме дека ќе си ја пробаме среќата до аеродром.

5.
Кога стигнав, кога сфатив дека тие што сме ги оставиле тука не спиеле во една грозна неизвесност, кога гледав што гледале на телевизија додека сме биле таму, видов дека сепак „имало страшно". И ќе пукнев што го оставив Париз така. Ќе пукнев што на местото каде што пред дваесет години сум сликана како мало, глупо и среќно дете, нечии животи се уништени.
Затоа и не ми е гајле дали ќе имам знаме на Фејсбук. Не ми е гајле ни за тие што со цел памет сакаат да бидат дел од овој тажен настан, па под #PrayForParis, случајно објавуваат слика, живи среќни под Ајфелова кула од пред неколку години. Не ме ни интересираат сите тие мизерии што се наоѓаат паметни да коментираат „Да бе, за Париз ви е жал, а не ви беше жал за –вметни немил македонски настан-".

Жал ми е за секого, кога му е нарушен мирот. За некои работи не се расправаш. Ќутиш, држиш свеќа и се молиш, на кој и да е бог или универзум.

И сакам да се вратам во Париз пак. И се надевам дека ќе му биде добро. Викаат дека во сите градови одиш, а само во еден се враќаш.
Јас секогаш ќе се враќам во два.

Јана

nultapozitiv@yahoo.com

17 ноември 2015 - 20:33