Неколку блиц-факти за новогодишната елка:
- Првите елки се наоѓаат исклесани на карпи во Скандинавија и датираат помеѓу 1.800 и 500 год. п.н.е., значи исто толку години ПРЕД раѓањето на Исус. Како тоа денес главно се користат за одбележување на тоа раѓање?
- Разни дрва биле обожавани од разни народи, но изгледа со слична цел. За скандинавските племиња елката имала слично значење како и дабот за племињата на нашите простори – симбол за вечен животен циклус, плодност, смрт и повторно раѓање.
Скандинавија, неколку стотини години пред Христос
- Елката како симбол бавно добивала популарност низ Европа; најпрво со векови се задржала само во Германија.
1796
- Германските протестански принцови и принцези биле нејзини главни промотори низ светот. Дури по 1841 год., кога британското кралско семејство накитило една елка за Божиќ, овој обичај почнал да добива светска популарност.
- Дали сте знаеле дека кога Русија била царство елката влегла во мода кај богатите, но не и кај сиромашните, а за време на социјализмот прво била забранета (нормално, бидејќи е религиозен симбол), а подоцна само преименувана во „новогодишна“? Иако целата прослава добила повеќе државна форма, содржината на прославата е речиси идентична со Западот.
- Уште еден куриозитет – „елката“ ретко кога е вистинска елка (род Abies на латински). По светот се користат најразлични зимзелени дрва: смрчи, (прави) елки, борови , чемпреси, и.т.н. Но, што вреди да се знае ова кога за повеќето луѓе сите зимзелени дрвја се „борче“ и „елка“? Новогодишната „елка“ ќе си остане елка!
Да се вратиме на прашањата од воведот. Во светот се водат дебати за тоа колку е оправдано да се користи секоја година ново, вистинско растение кога може да се користи трајна, пластична елка. Проблемот со пластичните е што не се баш трајни – повеќето се користат само 5-6 години. Потоа завршуваат на депонија, каде нема да скапат стотици години. Во Шведска пресметале и колку енергија се троши за да се добие жива а колку за пластична елка. Споредувајќи вистинско дрво за еднократна употреба, високо 2м и тешко 10кг, добиено од расадник за елки, префрлено со камион до Стокхолм, наспроти пластична елка тешка 20кг префрлена од Хонг Конг со брод и користена 10 години (што е многу ретко), излегло дека за вистинското дрво било потребно само 1/5 од енергијата потрошена за пластичното.
Друга еколошка грижа е тоа што вештачките елки главно се од ПВЦ пластична маса (поливинил хлорид), добиен од нафта. Со години Гринпис и други групи лобираат против ПВЦ заради гасовите кои се испуштаат при добивањето ПВЦ а и кога се уништува ПВЦ во печките за спалување отпад.
Главен поборник за користење вистински елки, секако, се производителите. Тие аргументираат дека секој хектар елки апсорбира CO2 од 45 луѓе. Но, и вистинските дрва, од друга страна, си имаат маани. Екологистите посочуваат на проблемот со монокултурите (садење само еден вид растение на голема површина). Во такви насади лесно се шират разни штетници и болести. Затоа мора да се користат тони и тони хемиски препарати за заштита. Здравјето на работниците е загрозено бидејќи се изложени на толку хемија. Еден пример. Тоталниот хербицид глифосат по статистика е најчестата причина за разни тегоби и труења кај расадничарите, а некои истражувања покажуваат дека е и канцероген. Идентификуван е во урината и дури и во домовите на работниците. Постојат и органски расадници за новогодишни елки, кои гарантираат дека не користат хемија. Но, ретко кој се замара со тоа од каде е елката што сака да ја купи, нели? Дури и кај органското производство, останува проблемот со еднообразното садење. Тоа е противприродно, штетно по биодиверзитетот и не е баш пожелен дом за разните животни и птици.
Расадник на новогодишни елки (монокултура)
Отсечените елки се приказна за себе. Бидејќи се без корен, за кратко време мора да се фрлат, и завршуваат како дел од празничното неурамнотежено трошење и фрлање кое се мери со милиони тони по цел свет (а во исто време стотици милиони луѓе и деца умираат во недостаток на основните работи за живот...).
Некои велат дека, од еколошка гледна точка, најдобра опција е да се купи засадена елка во саксија и по празниците да се засади во двор (познавам луѓе кои засадиле повеќе од една таква елка во својот двор). Други сугерираат дека уште подобра опција е да се определи едно дрво од дворот за китење и да се користи секоја година.
Ако читаше внимателно досега, сигурно забележа колку многу еколошки и морални дилеми (за некого и религиозни и идеолошки) се поврзани со новогодишните елки. Еве уште еден совет. Ако планирате да ја засадите во двор вашата „елка“ по празниците, пазете каде ќе ја засадите. Зимзелени дрвја се садат воглавно таму кај што ви треба заштита од ветар а не сенка. Иако летно време прават сенка, прават и преку зима. Држат студ и влага. „Елките“ се и големи шумски дрвја кои за кратко ќе ви побегнат од контрола. Нека бидат подалеку од куќата најмалку уште 50% повеќе од максималната висина, отприлика едно 50 метра. Тоа значи плус исто толку и од комшиите. (Среќен е тој што има толкав двор, и комшии толку далеку од него!..) Така нема да имате проблем со „елките“, нема да се плашите од нив кога ќе дува ветар или ќе паѓа снег, и нема да мора да размислувате како да ги ликвидирате. Ќе си умрат во длабока старост, а дотогаш веројатно ќе им се радуваат и внуци и правнуци. Во тој правец треба да се стремиме сите ние ако мислиме на нешто повеќе од нашите задоволства.