ПРОТОН ПСЕУДОС на

Едно зошто - илјада затоа

Не дека во Откровението не е споменат крајот на светот, и дека ќе дојде до војни (кои постојано ги имало и ќе ги има, за жал), и до поплави и земјотеси, и поголеми отколку овие кај нас во регионов, ама веројатно некои се убедени дека од кај нас треба да почне. Малку ли ни е злото на денешниот ден?

Па што и ако утре дојде крај на светот, а ти денес умреш?

Зошто?

Колку често го користиме овој збор?

Каде лежи потребата нон - стоп да се прашува? Дали тоа човекот потсвесно водејќи се од премисата дека секое зошто мора да има и затоа, чувствува потреба сал' да испрашува. Се крие ли тука љубопитност, се крие ли потреба од одговор, можеби пополнување на своето знаење преку добиениот одговор. Дали е можно со прашањето, човекот да очекува да ја открие толку посакуваната и недостижна апсолутна вистина, па затоа саде и прашува?

Верувам дека секое зошто има и свое затоа. Верувам и дека секое прашање си има свој одговор. Проблемот се раѓа кога ќе сфатиме дека некои прашања имаат безброј многу одговори, но, по правило, секогаш тие безброј одговори провоцираат уште неколку прашања: зошто има толку одговори, кои од понудените имаат смисла, а колку кријат некоја скриена порака, интерес, стратегија?

Но дали и кажување на вистината е должност сама по себе? Дали спинувањето на одговорите при неоправдана присила, а поради штитење на сопственото мислење како поединец, организација или систем на власт може да спречи некое злодело спрема себе и другите? Дали ширењето страв и паника е можеби најлесниот начин на држење на народот во послушна и покорна состојба?

Еве нѐ назад во поплавите.

Зошто имаше поплави во Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска? Едно прашање, а мал милион одговори и толкувања. Зошто баш таму, зошто баш толку? Понудените одговори - кој од кој поиздржан, кој од кој посодржан.

Да почнеме од оние кои веруваат во масонски завери и стратегии. Тие нѐ убедуваа дека Хаарп-от е крив. Нѐ убедуваа дека масоните им го направиле тоа на соседите, затоа што православните им се трн во око, па од инаeт им сместиле таков современ систем кој ќе произведува дожд без грмотевици и врнежи цели 48 часа, таман толку колку да ги поплави.

Не. Поради поразот од пред петнаесетина години, НАТО алијансата вака им се осветува на Србите. Се огласија и еминентни претставници на српската црква. Едниот тврдеше дека тоа им е казна од Бога поради тоа што, ете, државата дала дозвола во нивната држава да се организира геј парада, но тоа што не го слушнавме е: зошто не се ограничиле поплавите само кај нив, односно зошто и комшиите им страдаа кога кај нив сѐ уште не е закажана таква манифестација. Тука, и јас како православен, сакам одговор, бидејќи не можам да верувам дека Бог остарел па не успеал да локализира поплави согласно државните граници.

Другиот претставник истакна дека климатските промени се последица на настапот на Кончита на Евровизија, а не спомна која е поврзаноста на Србија, Босна и Хрватска со неа (него). Важно кажа дека Господ сѐ уште ги сака, па затоа им испрати поплави.

Непогодите се случија за да се обединат повторно бившите југословенските републики, и да му покажат на светот колкав фактор сме ако се обединиме, па да се вразуми малку тој светот во односот со нас. И тоа проструи во јавноста.  Одводните канали во регионот на поплавите е поради човечка негрижа и лакомост. Каналите не се исчистени,  или се изорани и посеани. И тоа некој го напиша. А и онаа дека градоначалникот не се испаничил во прв момент, и затоа дошло до тоа дереџе...

Кратко потоа земјотрес.  И нас нѐ снајде неколку часовна поплава. Еве го прашањето зошто. Следеа одговори сеизмолошки, па толкувања за поврзаноста помеѓу поплавите на север и земјотресот и поплавчето кај нас. Ете, Хаарп кај нас така делува.

Одмазда на силите на природата е тоа затоа што Амди прави толку скапа и глупава свадба за внукот, и е главна вест во земјава во која до свадбата цветаа рози, велеа некои. Не, тоа е поради нашата желба да бидеме актуелни и ние во сострадањето со комшиите. Дека ние сме папокот на светот...

Кога не ни успеа со поплавчето и земјотресот, и вулканот Попокатекосел го активиравме, па уште поатрактивно пожарникарите го изгасија истиот. А баш убаво се вклопи во апокалиптичната прикаска со поплави од епски размери, земјотреси, вулкани. Фалеа уште рој скакулци за сликата да биде комплетна, ама видов на вести синоќа стигнале и тие во Овчеполието. Толкувања колку сакаш, од стручни до оние кои побиваат теорија, па се до оние апокалиптичните.

А замислете каква комплетна апокалиптична слика ќе имавме да не беше тој пожарникарот за кој сум убеден дека е единствен во светов кој знае да гаси вулкани, и кој тоа стручно го прави. Уништувач на забави.

Војна нема во регионов ама еве кај е Украина.

Војната во Украина исто така е едно прашање со безброј одговори и толкувања. Те Путин е диктатор кој го понела славата, те фашистите сакаат јака Европа, а мразат Руси, те гасот е во прашање па Русија сака само да ги заштити своите сонародници кои по некоја грешка останале надвор од своите граници, па православниот фашизам се активирал, те ревноста на православните е да се заштити верата од антихристите, те поради ''Pussy riot'' се измешале работите. Кличко го плаќал западот за нереди да прави, и особено да се разнебити православието..

И капак на се или причина за почеток на крајот за да држи апокалиптичната приказна, се најде во неодамнешната ерусалимска средба.

Вселенскиот патријарх се сретна во Ерусалим со Папата. Толкувањата нѐ бомбардираа веднаш. Крај на светот, последни времиња, антихристот ја исполни својата мисија, прочитана е стратегијата на волкот во овча кожа, сите климатски промени беа најава за оваа средба, а што допрва нѐ чека, не сакате ни да знаете. Почна прогонот на православните, монаси изгонети од Есфигмен на Света гора.... Мал пожар во црквата на Рождеството Христово како последица на големиот револт на Бога поради средбата на поглаварите. Многумина од нас владиците сме биле екуменисти, не знаеме што е напишано во Светото Писмо, и не знаеме да ги читаме знаците на времето.

Крајот на светот доаѓа...

Не дека во Откровението не е споменат крајот на светот, и дека ќе дојде до војни (кои постојано ги имало и ќе ги има за жал), и до поплави и земјотеси, и поголеми отколку овие кај нас во регионов, ама веројатно некои се убедени дека од кај нас треба да почне. Не дека во многу историски личности како Хитлер, Сталин, Тито, во поново време Обама, па најново папата Франциско не го препознале антихристот и изнапишале куп текстови против нив дури и свети луѓе, ама дајте бре луѓе да олабавиме од апокалиптични сценарија, од црни хроники.

Малку ли ни е злото на денешниот ден?

Па што и ако утре дојде крај на светот, а ти денес умреш?

3 јуни 2014 - 10:09