Посни муабети

Божиќен пост. Морав да се смирам малку по последниот излив на револт против неразумноста за да се склопи приказнава. Всушност, ме смири ситуацијата на теренот, ама за тоа потоа.

Јасно е дека власта има право да собира пари од своите поданици како ќе ѝ се ќејфне, но во демократија (а особено надвор од неа) тоа значи и дека поданиците имаат легитимно право да се противат на аздисувањето во таа насока (еден пример има тука), особено ако е по принципот „некои животни се поеднакви од другите".

Но, да видиме што се случуваше во врска со најновиот (д лејтест анд д грејтест) арач (т.е. намет) врз креативниот дел на популацијата (патем, на 22-ри се тамам 40 дена по моето плукање лево и десно - ваљда нема да биде задушница). Под креативност не подразбирам само уметничко творештво, туку и умешноста да се извади секој можен денар во законски рамки според подготвеноста да се работи 16 саати на ден.

Имајќи искуство со „револуции" (има резиме на англиски на блогер, ама да не се мачите, се сведува на „се маавме со телеком и извлековме нерешено"). Таа р-Еволуција 2005-та заврши со задушница за интернетот на плоштад (монументално празен во тоа време), но во придобивките од неа денес уживаат сите, во смисла на „фер" неограничен интернет со голема брзина со капаче што секој месец го пробивам околу 25-ти, па си се возам на супербрз дајал-ап до први (моите родители со душа чекаа први за плата, моите деца чекаат први за да им пуштат чичковците од Телеком 12 мбпс)... пардон за забегов.

Нејсе, во таа битка тргнавме со легалистички пристап. Единственото оружје на располагање беше „приговор" до телекомот (пошто да извадиш интернетчии од дома за протест отсекогаш било мислена именка) и поделениот урнек за приговор за прекршување на договорот беше поднесен до локалните гранапи на маѓарош телеком во рекордни бројки (и интернетчија мора некогаш да излезе да си купи чипс, па успут може и да поднесе приговор). Доволно да им се измалтретира правната служба два-три месеци, ама и да им направи проблем во односите со јавноста (таков проблем им направивме што уште не можат да се оправат, деновиве дури мораа да го офарбаат Калето розе ;).

И, со тоа искуство под мишка, кога биеш битка против неправеден закон што парафира нееднаквост, единственото оружје ти е да се мааш преку Уставен суд - по кунг-фу/џиу-џицу принципот за користење на залетот на противникот против него. Значи, засукав цвикери и испоотворив закони, упатства и правилници да склопам иницијатива за оспорување на уставноста на аздисаниот ниет на власта. И... трт.

Цело едно саботно претпладне (саботата е инаку свет ден за хонорарците - кога можеш да ја поправиш чешмата што капе или бојлерчето што не работи - значи голема жртва) се обидував да се пробијам низ членовите и алинеите на дополнувањата... за да сфатам дека ништо не ми е јасно и дека е направено да не ми биде јасно и дека нема теорија сам да скоцкам иницијатива што нема да ми ја врати уште приемниот шалтерџија во Уставен.

Епа, добро, си викам, има луѓе што учеле вакви сколии, ќе ми помогнат да го расплеткам јазолот. Видов човек што збореше умно на таа тема на вести, му најдов мејл и го прашав колку ќе ме чини да ми спреми иницијатива. „Не се занимаваме со подготвување иницијативи пред уставен суд, на располагање сме ви за во иднина, ако ви затреба нешто". Хм. Дообро, има и други. Кој е најдобар? Тие и тие. Ај да ги прашам и нив.

Штама. Првиот барем беше пристоен.

Пак си го преброив арсеналот, се сведе на колегите преведувачи, на оф.нет и на еден брат по интернет-револуции (баш тој што излезе со легалистичкиот пристап). Консултации, сѐ во ред, дознав и повеќе одошто ми требаше да знам и ми стана јасно - не требаше да ја к'снам печурката од страната што пишува „к'сни ме". Ама, што си надробил, ќе си сркаш. Фаќај тоа иницијативата.

Во меѓувреме, на Фејсо(т) се направи протестна група, па се угаси, па малку стана чудно, па се појави друга група со исто име, па се запали пак првата и сѐ збунка до збунка. Почна да ме маваат и Кафки и паранои... и кога сме кај Кафка.

Настрана бубашвабата, најпараноична и најдаун книга на светот е „Процес". Гете со Вертер тешко да предизвикал повеќе самоубиства од неа. Ја читаш и му викаш на Јозеф К. - бегај, бе, будала, шо седиш таму! Додека не се најдеш во слична ситуација. Кон крајот на минатиот милениум го имав задоволството да имам фирма и да одам секој месец во „Социјално" (тоа е местото каде што сега ќе треба секој месец да идеме да се клањаме со договорите за дело преведени и нотаризирани за да ни кажат колкаво јаже треба да донесеме кога ќе нѐ бесат по малку) и да чекам пред соба бр. 13, само за трговци поединци, за да ми дадат „плави картони" за да можам да се раздолжам што жена ми се породила, на пример. Мислев дека Франц пишувал за своите искуства по австроунгарските бирократии, ама не - типот да ти имал времеплов и може и да сум го сретнал во тоа ходникот пред соба 13 на трети кат. Социјално буквално ги има истите тесни ходници, шупи и подруми претворени во канцеларии во кои седат типизирани бирократи што ти прават чудни муабети, па дури и внатрешен двор во кој можеш да скокнеш од мака низ тесните прозорчиња што гледаат на него (едно време ме собираше низ нив). Па и некој познат на кој ќе му пружиш рака додека се давиш во бесмислата за да те набие во калта уште повеќе. И ќе те потсети да си го донесеш јажето следниот пат.

Туку, за револуции зборевме. Лека-полека, се искристализираа ставовите. Погодените од законов ги има повеќе групи.
1. Мојата. Вработени (за здравствено и пензиско) со хонорарни тезги за кои НЕ им се плаќа плус за здравство и пензија.
2. Невработени со хонорарни тезги што НЕ сакаат да плаќаат придонеси.
3. Невработени со само една работа на која се со договор и им одговара да плаќаат здравствено и пензиско.
4. Невработени со хонорарни тезги што им одговара да си плаќаат сами здравствено и пензиско.

Тие се што ги знам. Веројатно има уште. Но, главно е - не е проблемот хонорарец да плаќа придонеси, туку тоа да биде слободен избор. До вчера им се чаталевме на колегите од некои земји од ЕУ дека сме во даночен рај, а сега излегува дека тие со нивните 40% даноци добивале и ќе добиваат многу повеќе од нас.

Патем, не можам да не забележам дека во последно време власта покажува синдроми на одредени душевни заболувања - како алергија на критики, на пример. „Јас го смислив ова и нема погенијално и ќе биде како што ќе кажам" е многу симптоматичен предзнак за голем пад во најава, гледано од христијански аспект. Но, од истиот аспект, има и клаузула за „преумување" што поништува и брише грешки и ги претвора во доблест на квадрат. Ама, големи сте, вие си знаете по кој пат ви се оди.

Финалменте, успеаја да нѐ буцнат да искочиме на улица. Моменталниот распоред е следниов: Сабота 20-ти декември, отворен состанок во Жена парк - да се артикулираме. Понеделник, 22-ри, еснаф по еснаф... уметничката фела ќе се собира пред МНТ, а едни преведувачи (два-тројца до сега) ќе се собираат пред Богородица во 11.30 за да стигнат во 12 пред Собрание. Инаку, 22-ри е зимски солстициум (најкраток ден во годината на нашата полутопка), по кој, дај Боже, „...се раѓа ново сонце на слободата" оти „Македонците се борат за своите правдини" и „старо, младо, машко и женско на нозе се кренало" (хм... иако би било финта да одиме сите на раце :). Еден ремикс на химната на разглас би дошол добро. А ако веќе има разглас, може и целодневна журка да се стегне. И, во најдобрата традиција на анархистичкиот капитализам, нема тендер за шанкови - кој дојде со најмногу залихи, најмногу ќе се офајди.

П.С. И да не ти се веруе ова пиши-бриши на ПИОМ пред објава. Некој ми ѕирка преку рамо? Сеедно, пак има нерамноправност со изземањето хонорари за тендери на општини. И тоа ќе го бришеме?

Клео

18 декември 2014 - 20:37