Отворено писмо до НЕмороните во власта

Надежта умира последна, па може некој со повеќе акал од мороните на којшто им текнало да им бркне во џеб на хонорарците ДО ПОЛА ќе го прочита ова.

Обично не сурфам по брановите на актуелноста, ама последните дополнувања на Законот за придонеси (за оданочување на хонорарите со здравствено и пензиско осигурување) толку разбранува што струјата ме фати и мене.

Првата информација што ја закачив е дека дополнувањата биле донесени затоа што „управителите на компаниите не се пријавени како вработени во своите фирми, туку земаат хонорари и не плаќаат придонеси за нив", па решиле да ги дисциплинираат. И, што е генијалното решение што им текнало на законодавците? Да ги ребнат сите хонорарци (вработени или не) со плус 35% данок. Ја, мајката...

Тоа ме чепна како преведувач (и не само мене), па по неколку месеци прислушување сметководствени семинари (дали ќе важи за оние што веќе плаќаат придонеси како вработени или не) и тотални нејаснотии околу примената (моронократијата ваљда немала директиви, па не знае како да одговори на тоа прашање), мислев дека ќе им дојде памет и ќе ги остават аргатите како мене што едвај дишат од работа на раат и ќе се задоволат со нашата патриотска свест што плаќаме данок од 10% од секој стресно заработен денар. Ама не, синоќа ми налета следнава вест и видов дека во буџетот веќе испланирале плус 68 милиони евра од џебовите на хонорарците. Генијално.

<rant> Вака, морончиња. Не само што нема да ги има тие пари во буџетот, туку слободно минусирајте уште 100 милиони што ги земавте досега. Прво, ова само ќе ги поскапи домашните преводи (нарачани и исплатени од домашни фирми). Од 100 евра хонорар за превод на филм, на пример, досега се одбиваа 5 евра за данок на приход, па целта е да се земат уште 20? Можеби е изводливо, пошто филмовите се финансираат од буџетот, па парите си ги вртите на сто начини - што е во ред. Буџетите за филмовите ќе ги вклучат и тие проценти, па никому ништо.

Арно ама, со ова се чепка една РЕАЛНА и образована средна класа („реална" значи што создава реален приход што влегува во државата, без цицање на локалната сиромаштија, „образована" дека ќе ритаме и клоцаме со правни средства ко епилептичари), што живее од извоз и ги плаќа редовните 10% годишно. Значи, луѓе што си го водат својот труд како бизнис - минимални трошоци за максимален приход. Гледано така, што ќе спречи извозник како мене да си отвори нерезидентна сметка во некоја од околните земји што се во ЕУ (како што прават некои колеги во Србија, на пример) па да плаќа фиксен многу помал данок на приходите на јабанџии место на државата и банките каде што живее? Затоа што, морам да потсетам, на преведувачите татковината им е јазикот, не плацот каде што е станот/куќата. Да, многу ми се свиѓа каде живеам и супер ми е, ама јас и моите колеги живееме тука по слободен избор, не отшто мораме. Слободно можам да си се отселам во Кина (или Кирибати, шо ме боле) и да ја работам истата работа, ми треба само компјутер и интернет. Па ќе си читам како последните 200 паразити на државна цицка во Македонија си се доцицуваат пред да цркнат од глад.

Значи, пред да ви се случи масовна Жерардепардјеизација (според францускиот носко што стана Русин од даночни причини, види слика), чукнете ги малку тимбите и средете го срањево (а законот ќе падне и на Уставен, бај д веј).

</rant>

12 ноември 2014 - 10:22