Априлските баби ми се чуден феномен. Немам логична причина да верувам во нив, ама денојве во април ко ќе требит да дојдет на сцена, температурата паѓат ко пролетта да угинала среде битка со последните војници на зимата. Храбро со инатливата логика играм контра „бабите“: чаша вино и на тераса. Ја пуштам „Jersey Girl“ oд Вејтс, кавер верзија на Спрингстин. Виното е за терморегулација, Брус и Вејтс за медитација. И ете ја пред мене една од првите ѕвезди на небото, смирено после денскиот дожд и облаци како синиот чадор над нас да ја истури сета вода од себе за да направи место за малку вино, македонски вранец кој секогаш знае да го помогне воспоставувањето на редот во универзумот. Тој во секој човек, тој на секое небо. Сега од сино, со вранецот во себе станува темно лилјаково.
Ја гледам точката која трепка пред мене. Некое сонце околу кое си се возат планети, абер немам дали е џуџесто како нашето или џиновско како специјалец во полиција. Се пали и гаси пред очи, иако знам дека она што го гледам е светлина која е испалена пред десетици, стотици години. Можеби се сменила власта на ѕвездата која ја гледам од моментот кога ми го пратила ова лајт-шоу, светлечко намигнување. Можеби сите луѓе кои живеат во тој сончев систем исчезнале од некоја болест. Можеби живеат во симбиоза со диносаурусите. Можеби нема луѓе, можеби сè уште диносаурусите си го чекаат својот метеор на некоја од планетите околу тоа сонце.
Дури ја гледам како ми намигнува се деси чудо: почна да ми зборува. „Чао дечки, шо има? Не, не си сам бе Боби на тераса, ете ме мене. Ќе ти правам друштво додека се разбудат другите стотици милијарди ѕвезди кои ќе може да ги видиш само ако го штракнеш светлото околу тебе и прифатиш тотален мрак. И дури и тогаш нема да можеш да нè видиш сите. А ние те гледаме тебе сосема јасно. Ете си, на тераса со вранец. Сум го пробала еднаш, страшно добар. А што е тоа? Спрингстин? Чоече, алал. Би ти дошла до тебе, ама ќе ве спржам сите 7 милијарди па ќе ми е малку жал. На здравје друже, ќе си намигаме цела вечер.“
Ко со влажна чорапа да ме земал некој по тиква. Ко да сум на Бродвеј и Сергеј Варошлија да има монолошко туширање на сцена. Така се осеќам во моментов. Втора чаша ми е, не сум уопште пијан, жими сите верни конобари, па да трипам. Стварно ми прајт муабет. Јебемлига, и одговарам во името на верба во сопственото нелудило:
„Чоече, немав појма дека и ѕвездите го слушаат Спрингстин. И шо е финтата со „Jersey Girl“, не е ни негова песна. Зашто толку ти се свиѓа?“, се трудам да сум кул како да разговарам со тетка Жане од маалската продавница.
„Не сум ти чоече, будало. Јас сум ѕвезда. А ти, зошто ти ја сакаш?“
„Сите сме де ѕвезди“, опонашам мудрец и додавам: „Знајш кој одговарат на прашање со прашање?“
„Знам, само ѕвезди“, сака да е шармантна. Мора да е жена. „Сериозно Бетмене, зошто ја сакаш песната, знаеш?“
„Знам. Бидејќи е убава“, како тотален морон и одговарам на ѕвездата. Зашто бе па да си мисли дека е препаметна, ако е 2 милијарди години стара, знае македонски и ми намига? Има да ја шибам со вакви кратки лаконски доскочици дури не експлодира од нервоза.
Ал она е спремна: „Песната која ја слушаш не е на Спрингстин. Ја напишал и испеал Том Вејтс, за неговата тазе девојка, ден-денес жена, Кетлин Бренан која е од Илиноис, но живеела во Њу Џерси. Еден ден Том бил на пат, седел можеби на некоја тераса како ти сега, му недостигала и ѝ напишал песна“
„Епа баш тоа ми се свиѓа. Го сакам Вејтс, го обожавам Брус и ја знам приказната. И баш то ми се свиѓат бе ѕвездице. Затоа што Брус, кој е Џерзиевец до коска ја сака туѓата песна напишана за туѓа жена која не е ни од Џерси и им ја пее на жените низ цел свет, кои во тие 5-6 минути слушајќи го него оргазмираат замислувајќи дека се со нивниот дечко, шофер од Лондон, инженер од Хамбург или сладоледџија од Москва, на брегот на Хадсон, седнати на хаубата на некоја кола, пијат пиво и крстуваат ѕвезди како тебе со имињата на нивните замислени деца“, се отварам по малку ко неискусен шахиста на табла со Каспаров. „Моуст оф ол, сигурен сум дека Спрингстин ја испеал песната само ради неговата жена. Онака бе, ко и секој смртник, слушнал песна, се пронашол во неа, го направил своето сценарио и – ја препеал ко прав шеф, бидејќи ја осетил правилно, под кожа, на кожа. Ко да е леб, а песната паштета, ко да е манџа, а песната вегета“
„Не ти е фејк? Не мислиш дека Спрингстин не е искрен кога пее туѓа песна? Кога чекори во туѓ двор? Ни дека Вејтс лажно шармирал илјадници жени кои навечер ги бодат плочките на тротоарите во Њу Џерси?“, ме шиба во ребра со глупи прашања ко да сум на екстерно.
„Не ме ребрај, не си проста. Ко Штраус кој напишал хвалоспев за Дунав, истиот кој тече и во Виена и во Будимпешта и во Нови Сад. Со то шо Австријците ваљда не ја пеат онаа на Балашевиќ за истата река кога висат по кафани јер имаат премалку време дури се на астал да научат српски“
„И, чија е сега песната, на Вејтс или на Спрингстин? Чија е реката, на Штраус или Џоле? За кого Елвис Костело ја напишал „She“, за неговата девојка или за твојата?“
„Баш си досадна. За мојата, наравно. Чие е се? Ничие и сечие. Секој кој се наежил како еж во пубертет кога слушнал некоја песна има право на таа песна. Секој кој седел на Медитеран и го фрлал погледот од некоја плажа во Барселона накај Италија го има Медитеранот само за него и го сака и обожава затоа што е свесен за неговата нескротливост. И ужива во нескротливоста на просторот и времето. Ужива во идејата дека го дели просторот со други фиљан љуѓе свесни за нивната конечност, свесни за својата прашливост, за сопствената скротливост лимитирана со два најважни здива - првиот и последниот. Некогаш токму поради тоа и се плаши и сака да си присвои нешто што ниту е негово, ниту било негово. Нешто поголемо од него. Туку, тој е нечив колку што сака да биде, колку што му дава пилето, колку што му дава универзумот во него во кој може да има повеќе ѕвезди него на сите неба... или дури ниту една, ако повеќе го сака мракот на небото создаден од измислена светлина“
„Затоа зборувам со тебе. Кажи ми уште ова: Чија сум јас тогаш? Чии се липите во Скопје? Чив си ти? Чии се сите ѕвезди?“
Ја гледам и молчам. Мала точка на небо, која трепка и ми зборува. Мала ал паметна бре. Ми намигнува во морзеов космополитизам ко да е виконтеса со чадор во рака и се штити од сонцето на некоја плава трева од Кентаки намонтирана во двор во Нормандија, јаде холандско сирење, вози германска кола, пие италијанско вино и слуша Аца Лукас.
Мала точка на небо сме и ние за неа, топтан, цела планета. Јас со мојата тераса и Спрингстин и Вејтс. И ти и твојата куќа на село. И сите песни на Вејтс, Штраус, Индијанците и прачовеците со нивните хунка-пунка крикови. Сите кралеви и сите нивни убиства, сите цртежи во пештерите во Алтамира и Ласко, сите сме во таа точка. Сите војни и сите родени деца, сите дрвја и антилопи, сите цртани на Дизни, сите текстови на Офф.нет, сите лимони во Веро, сите гласачки ливчиња уплашени за пенкалата кои ќе ги шараат во недела и ќе им пресудат рециклирање, сите штици по театрите, сите срамежливи љубовници од денес и од пред 943 години кои осеќале еднакви багери кои им роварат во желудник момент пред да се пољубат за прв пат. Во малата точка на небо, плавкастото зрнце прашинка во оваа Галаксија се наоѓаат и сите бродови на Колумбо и Де Гама и Кортез и кајчињата во Дојран и охридските белвици и сите мекици кои ќе ги јадеме ние за нашите внуци. Сите дупки по патиштата и сите златни рамки на огледалата во Версај. Во малата точка на небо е и времето во кое за едно трепкање на ѕвездите на небо, ќе ни мине сето време за да го сфатиме ова. И да го уживаме, ако можеме. Бидејќи е за уживање. Сите животи на сите луѓе во историјата на човештвото и сите цивилизации кои можеби го напуштиле нашево планетче пред зилијарда години и заминале на печалба во друга галаксија, се во таа точка. Една мала точка со се што знаеме и некогаш ќе знаеме.
„Мали сме, ама дали сме паметни?“, шепотам тивко, за да не ме чуе.
Одеднаш, зафучува силен ветар. Дига се пред себе. Прашина ми влегува во очи, чашата се тресе заедно со масата. Де бе, па прашав само дали сме паметни, зошто се нервира толку? Станувам да видам што се случува во двор и одеднаш - една јакна ми се замотува околу глава. Толку, тоа е се што знам. Инстант амнезија. Моментален ресет. Паѓам во несвест. Небото ми стана анестезиолог.
За неколку секунди, ветерот се смирува. Природата се понаша ко ништо да не било. Сељанка. Си доаѓам на себе и ја тргам јакната од глава. Палам сијалица околу мозок. Се гледам, како седам измрзнат на тераса со празна чаша за вино. Дигам глава и гледам на небо, махинално. Милијарда ѕвезди. Уф, каков добар хотел имаат бездомниците, со повеќе ѕвезди од сите хотели.
Мирно си висат на небо и си трепкаат. Будалетинки, и вечерва пак ќе вртат околу нас. Не можам да буљам во нив предолго, тотално е досадно, а јас... имам дилема за решавање. Онака, ми падна на памет ко студент на испит. Важно, најважно прашање за решавање. Чекај, да си го пуштам Брус на пример и да си дотурам вранец... којзнае од каде е виново. Што е важно. Така текнуваат одговори и на најтешките прашања. Какво прашање ми падна на памет во моментот? Не знам ни сам зошто, но помислив: „Их, баш се прашувам... небо е ова или огледало?“
Се зезам. Нормално дека се запрашав за она најважното. „Чие е Скопје?“
п.с. Твојот одговор прати ми го на betmenvelit@gmail.com или на @BatmanSaysT.
п.п.с. Сите запирки во текстов ги посветувам на мојата ѕвезда. Нека, трепка.