Лесно му е нему со сезонската работа од само неколку дена. Не го интересираат и не се замара со двата календари, дали е стар или нов, јулијански или грегоријански. Вчера минав низ центар и го немаше веќе. Ни него, ни санката, ни фотографиите. Не сум го видел никогаш ни на дебатни емисии да каже став дали е за или против промена на календарот, а сепак неговиот бизнис директно зависи од неговиот став. Паметен е тој, виде дека пари ни за новава немаше доволно, па уште и стара да чека две недели. Ја оставил само елката да сведочи за еуфоријата и купчињата од расцветани петарди.
Додуша, на многу тераси уште ги има неговите апликации каде како некој дебелкаст црвено маскиран ''манијак" виси на терасите во обид да се искачи по јажето. Демек службено, ќе носи подароци, а не сака да вознемирува луѓе на ѕвонче или домофон. Па кој не ќе го сака и кој не ќе верува во ваков внимателен дедо. Ем Кока Kола годинава реклама му направи дека тој верува во нас, па со тоа не задолжува и ние да веруваме во него поради реципроцитет.
И така си е... Децата веруваат во него затоа што ние повозрасните ги убедуваме во тоа, а ние веруваме дека тој ќе ги израдува децата па така и нас ќе не смири верата во него. Пак ќе речам, лесно му е нему... Во него барем деца веруваат, а и големите деца исто така.
А ние дедовците од црквата што треба да ја чуваме верата, што да кажеме? Кој верува во нас?
Се почесто слушаме дека луѓето верувале во Бога, па дури според анкети, сме биле едни од рекордерите во светот во изјаснување како верници, ама во Црква и попови не верувале. Е сега, како општо име за цел клир се зема терминот попови, па според и ние владиците не сме изземени од неверувањето во нас. И ѓаконите нека не се смешкаат самозадоволно, и тие се во истиот кош. На никој во мантија не ни верувале. А зошто? Држат ли изговорите?
Еден од изговорите зошто не ни верувале е дека сме имале скап возен парк. Не гледам кај е проблемот бидејќи и тој има скап возен парк. Ај да направиме математика што е поевтино, кола или санка со 3-4 пара ирваси, и тоа не обична санка ами летечка. Скапи ни биле тарифите за требите црковни. Па и тој не прави услуги без пари. Ај прашајте го дали може да се сликате со него за без пари. И тој има униформа, и ние. Неговата црвено бела, а нашата црна за секој ден и во разни бои за на служба. Додуша, тој има капа во задолжителна опрема а поповите немаат. Ама затоа пак владиците имаат, и тоа убаво украсени што многумина се прашаат дали се Сваровски. И тој има брада, и ние. Да не е предност кај него што задолжително брадата е бела, а кај нас тоа е привилегија само на постарите?
Не верувам дека паѓаат луѓето на такви ситници. Некој не обвинува дека поради комодитетот сме биле угоени, добро ухранети, не сме имале аскетски лик и става, ама пак и Дедо Мраз не го личи без стомак. И за тоа дека не сме биле хумани, не сме помагале на сиромашни не окривуваат постојано. Демек дебелково помага? Демек тој носи поклони на децата ако ние сами не им ги ставиме под елката?
И уште една олеснителна околност на негова страна за која не верувам дека е пресудна. Имено родителите често знаат да ги учат децата на послушност убедувајќи ги: ако не бидеш мирен, Дедо Мраз нема да ти донесе подарок, а на крај, секој родител ќе се смилува и ќе му го остави посакуваниот подарок под накитената елка. Истите ако детето не е мирно ќе му кажат: ако не си мирен, попот ќе ти ги исече ушите. И кога попот ќе влезе во домот за водосвет, децата ги покриваат ушите. Излегувајќи од тој дом без трофеј ''пар уши", децата почнуваат да се сомневаат во прикаската на родителите, и да не веруваат во суровоста на попот. И пак не е некоја значителна предност за него.
Можеби му е предност тоа што никогаш не ги советува, нити кара, нити укорува постарите. Евентуално се кара кога детето плаче за да се слика со него, а родителите го одвраќаат детето од таа намера бидејќи им е скапо. А ние пак, од друга страна, постојано напнуваме да го кажеме нашиот став, нашето мислење, да бидеме совест на општесвото. Не велам дека треба да не слуша народ затоа што сме најпаметни, туку дека зборуваме вистини стари 20 века, потврдени преку животот Христов и неговата мисија на земјата, и низ животите на светителите кои црквата ги давала низ сите векови до денес. Ама некогаш рушат комодитет тие наши сугестии, па на народот му е полесно да верува во Дедо Мраз отколу во нашите зборови, во нас
Ама, Дедо Мраз не е само за критика. Има нешто за што би го пофалил. Не се затвора тој како нас по канцеларии и нема администрација која треба да му закажува приеми. Седи на јавни места, плоштади, трговски центри... Сегде онаму каде што има голем проток на луѓе, особено на семејства. И народ го гледа, тој се смешка со познатото ''хо, хо, хо" и комуницира со минувачите, не се преценува, не се брза, позира, се фотографира особено со децата. Децата ги привлекува неговата насмевка како што ги одбива нашата сериозност и строгост кога ќе не видат. Како во опис и попис на работно место да ни е сериозноста. Се си мислам дека тука ја добива клучната предност за него.
А нам? Нам ни останува кога ќе излеземе од оној наш замислен и мaѓепсан круг од кој што тешко собираме храброст да мрднеме, и кога ќе го направиме првиот послободен, можеби за некого и неконвенционален контакт со луѓето кои нè знаат само од слика, од некоја случајна посета на некоја богослужба или од кажување за нас, да констатираат една елемантарна вистина, за потоа од тоа сознание да нè даруваат со еден комплимент: а бе ти НОРМАЛЕН си бил.
Поразен од ова сознание, ќе ми дозволите ли муабетов да го завршам со ''million dollar'' прашање кое гласи:
Ако после споменатиот контакт се констатира дека сме нормални, за какви нè сметале луѓето до тогаш?
а) генијалци;
б) ненормални;
в) занесењаци;
г) марсовци