Читам на Оф.нет, во Министерството за култура постоела комисија што им давала упатства на лекторите како да лекторираат. Откако прво се ВЏАСИВ од податокот дека некој смета дека на лектори со завршен факултет и со положен лекторски испит им требаат упатства како да лекторираат, и дека тие упатства без никаков УГРИЗ НА СОВЕСТА им ги дава комисија формирана во истото министерство во кое тие го полагаат лекторскиот испит, собрав храброст да ја отворам листата на препораки што секој лектор што сака да работи на проектот „Ѕвезди на светската книжевност“ мора да ги почитува.
Ја прочитав листата шестпати и сè уште не можев да им поверувам на очите. Не знам кои се членовите на комисијата што ги дала упатствата, но според нивната листа, тие очигледно врска немаат со јазикот.
Ајде да не се фаќаме за тоа колку е луда идејата покрај ганц-нов толковен речник и жив и здрав правопис, некој по сопствен ќеф да си избира зборови што лекторите треба да ги употребуваат, туку да земеме најпрофесионално да ја излекторираме листата на комисиските „лекторски“ упатства.
Многу од зборовите што на листата се „забранети“ се сосема точни и убави зборови што најприродно спаѓаат во фондот на македонскиот јазик: благодарение, верен, во спротивно, воедно, врвулица, грмотевица, вџашен, виткост, запраша, ѕидини, испрати, јарбол, книжевник, крадливец, плима и осека, споменик, сркна, неред... Зошто ли им пречат? Зошто мора вџасен, а не смее вџашен, кога двете се точни, а второво е во поширока употреба?
Потоа, комисијата често греши во препораките зашто комбинира зборови што имаат сосема различни значења:
Таа наложува вителчиња да се менува со крукчиња и како причина за тоа „стручно“ образложува дека вителчиња бил „невообичаен збор“. Е ама тоа не е исто. Вителче е кружно движење еве да кажеме на вода, ама со мал радиус, а крукче е тркалезна форма, ама мала. Вителчето на некој начин е крукче, ама второво е премногу општ збор и се однесува само на формата.
Комисијата вели недостаток да се менува со недостиг, ама не е исто: недостаток значи мана, грешка, а недостиг значи да ти фали нешто.
Комисијата вели нејзе да се менува со неа, ама не е исто: нејзе е заменка за индиректен предмет, неа е за директен, и се употребуваат во сосема различни контексти.
Комисијата вели неговиот да се менува со својот, ама не е исто. Неговиот е кога се однесува на предметот, а својот е кога се однесува на подметот во реченицата.
Велат после да се менува во по. Е па не е исто. После е прилог, а по е предлог, и се употребуваат во сосема различни случаи. Обата збора. Инаку, како ќе кажеме? Оди ти, јас ќе дојдам по?
Велат поради да се менува во заради, но не е исто. И двете си се точни. Поради е причински сврзник, а заради главно означува целна врска.
Освен што ги меша зборовите, Комисијата често препорачува погрешен збор наместо правилниот, а дава и погрешни објаснувања:
За да не е синтагма, како што велат тие, туку е сврзник, и не само што може да се оддели од глаголот, туку може да се одделат и самите негови два члена, за и да. Точно, да не се одвојува од глаголот, ама само да. За потоа да му се врати, дел-реченица за која комисијата вели дека е погрешна, е сосема правилна граматичка конструкција. Исто како и не се задржувај, која сосема убаво прилега во разговорен контекст, којшто сигурно често го има во преведените книги.
Комисијата вели издигнувала да се менува со издига; пристигнувајќи со пристигајќи: неточно. Наставката –ува е една од главните карактеристики на глаголскиот систем на македонскиот јазик и двата збора си се точни, а препорачаните се погрешни.
Комисијата вели когошто да се менува со кого што: неточно. Којшто, којашто, когошто се пишуваат споено...
Велат раменици да се заменува со рамења. Грешка. Точно си е раменици.
Комисијата вели лисје лекторите да го менуваат во дабови лисје? А ако се од бука?
Комисијата вели исполегнаа да се менува во изналегнаа, а исто е.
Таа вели не може карши, веројатно зашто е турцизам (нема друго објаснување), а малку подолу корици го менува со калаф (претпоставувате – турцизам).
Комисијата вели не грижа на совеста, туку угриз на совеста.
Ма дајте, луѓе, УГРИЗ НА СОВЕСТА? Сериозно? Ако ми најдете еден човек во цела Македонија што некогаш во својот живот доброволно рекол „Имам угриз на совеста“, а не е член на комисијата, јас од угриз ќе се фрлам во првото крукче во Вардар!
Па дури и сите овие упатства да се најточни на светот, а не се, кој е тој што мисли дека има право да го стави јазикот во калап, да го делка во лабораторија, да го униформира? Со кое право некој решил дека преводот на сета светска литература, од антиката до современите автори, од Америка до Токио, треба да биде во ист стил? Со кое право некој решил да оди против речниците и правописот и да диктира превод и лекторирање спротивни на она што го наложува официјалната норма, која ја создал природниот развој? Со кое право како аргумент се наведува дека нешто е „прекрасен збор“ или „необичен збор“, односно од кога тоа „дозволените“ и „забранетите“ зборови се нечиј субјективен став?
Освен тоа, во овие упатства со иронично име „глосар“ нема никакво чувство за јазичен стил. Лектурата зависи од самата содржина, особено во убавата литература, и не може исто да звучи говорот на некој необразован лик од планинско селце и на некоја урбана интелектуалка, на пример. Сосема разбирам зошто преведувачката Калина Малеска-Гегај се оградува од својот превод на „Хаклбери Фин“, кој ѝ бил во толкава мера искасапен, односно вклопен во комисискиот калап, што на крај 14-годишниот Хаклбери, необразовано уличарско дете, зборувал како 70-годишен академик од одделот за македонски јазик во МАНУ.
Навистина не знам која е оваа комисија, не знам која ѝ е целта, но знам дека сигурно нема ни најмала врска со македонскиот јазик. Па би било фино од неа да престане да си игра со него!
Ружица Пејовиќ,
лекторка