Исповед 12

Промоција

Најголем дел од она што проаѓа како "поезија" денес, и кај нас и во светот, може да се сведе на редење "високоумни" зборови, псевдоинтелектуалност, празнословие, тропање неповрзани работи, вербална перверзија, претенциозност или просто... немукает. И од таквата, било квазивозвишена или аплавулгарна "поезија" на нормални луѓе им се темни, и потоа некој може да си помисли дека сите стихови се глупост. А не е така. Никако.

Си лежам јас така, пред 11 години точно, беше јуни 2002, липите мирисаат по Скопје... а јас еднакво си лежам и нешто си мислам. А тогаш само што бев напишал книга, поезија јасно, и ми беше сосема новонапишана. Ми надојдоа така зборови, па го запишав тоа што ми беше на душата и во умот, во стих. И си мислам, ова расположениево сега ме држи, а кога ќе дојде ред книгата да излезе, тоа ќе биде по неколку месеци, може и подолго, па треба да се бара и најде издавач, па печатница, а до тогаш сигурно ќе сум во сосема друг филм... и си мислам, да си направам јас едно читање сега, една промоција на оваа напишана а сè уште неиздадена книга. Дури ме држи истото расположение од песните.

И свртев неколку телефони, се рашетав низ град оригинал и пешки... и најдов место, широко место за таа промоција... а тоа беше дворот на кафеаната "Кула", во Центар. Во него имаше убави дрвја, и камчиња долу како на речен брег, и беше таман. Значи, најдов читачи, закажав ден, викнав луѓе и договорив сè... и така и би. Се собравме вечерта таму, Крле од Дејоф во име на старото пријателство донесе микрофон и појачало за озвучување, и промоцијата бидна. Се случи. Народ имаше доста, дворот полн, песните си одат една по друга, читачите се менуваат на микрофонот. Сè си помина оригинал, и јас бев задоволен многу.

Нејсе, си седнувам јас потоа на маса, тивка летна вечер... и нарачувам рипчиња и вино, оти многу им беа добри гириците во "Кула". Седам така и си муабетам со една баш-госпоѓа и еден бош-философ и тераме шарен муабет за сè и сешто. Кога, чувствувам некој стои зад мене... и слушам непознат глас. –Извинете, да ве прашаме нешто? –Мене? –Да. –Ајде! А тоа беа двајца млади, келнерот од "Кула" и тамошната шанкерка. -Каде може да ја најдеме вашата книга? –Оваа уште не е излезена, им викам, ама ене на онаа маса има од постарите мои книги. И им покажувам каде. –Се продаваат? Може да земеме од нив? –Може бе дечки, кој ви брани? (одговарам јас). -Знаете, да ви кажам, вика келнерчето, ние мислевме поезија, тоа е нешто глупо, неразбирливо... а ова беше добро. Не знаевме дека... може и вака. Е, ова беше најголемиот комплимент што некогаш сум го добил за поезијата моја. Од тоа младо дете, тогашното келнерче во Кула. И шанкерката. Оти и јас им бев истомисленик, и мислев исто и тогаш и сега, дека најголем дел од она што проаѓа како "поезија" денес, и кај нас и во светот, може да се сведе на редење "високоумни" зборови, псевдоинтелектуалност, празнословие, тропање неповрзани работи, вербална перверзија, претенциозност или просто... немукает. И од таквата, било квазивозвишена или аплавулгарна "поезија" на нормални луѓе им се темни, и потоа некој може да си помисли дека сите стихови се глупост. А не е така. Никако. Искрено, за мене има само три чисти уметности: музиката, поезијата и сликарството, ама за тоа другпат. А книгата, што ѝ направивме промоција тогаш, излезе дури по три години и се вика "Последно време".

Сега, ова беше како вовед, а главното што сакам да ви го кажам е дека имам нова книга и промоцијата ѝ е во четврток, на 13. јуни, во МКЦ. Се вика: "Староста може а и не мора да се дочека" а ја пишував од јануари до мај годинава. Во неа има четири делови: обични песни, охридски песни, пролетни песни и препеви. Во последниот дел препеав неколу песни од Руми, и од една Индијка, Уша Акела. На скорешната промоција главни гости ќе ми бидат колегите градинари, или ако повеќе сакате, сотрудниците бавчанџии од тука, Бетмен и Дарко. Ги поканив да учествуваат зашто се ем ентузијасти ем фиљан љуге, ми се гледаат нерасипани и во умот здрави, а покрај тоа умеат и да се веселат. И да пеат. Второ, штом имаат фатка да копаат, садат, полеваат и кастрат зборови во бавчите, зар да не знаат на една промоција да се снајдат? Ви се молам. И трето и најважно, зашто Лилјакот и Дарко се од Охрид и Вевчани, а јас освен на Скопје, се сметам за жител и на нивните места. Имам и вевчански пасош, впрочем... и охридски колк.  А по скопскиот настан, со ниет сме да правиме и читања во Охрид и Вевчани,  за да се заокружи целината. Па да видиме дали Македонците се толку неписмени и незаинтересирани за поезија, како што некои врли домашни "поети" со слаба читаност и јака суета милуваат да тврдат. Состаночат, се тешат меѓусебно и се жалат. Не би дека тие самите се генијални, а ја имале таа несреќа да се родат и живеат во никаква земја која не може да ги сфати и вреднува достојно. Толку да ти биле пред времето и над средината. Катастрофа. 

Што се однесува до промоцијата моја, по официјалниот дел, ќе свириме и пееме што ни текне и се надевам дека убаво ќе си поминеме.  Не се сите промоции исти. На моите барем секогаш имало многу народ. И + ќе нема учен промотор што ќе ја гаѓа публиката со книжевно-теориски термини и ќе зборува за мене и за книгата само нај-нај работи - како да сум умрел. Главно ќе се читаат песните - па тие самите нека зборуваат за себе. Така ќе биде. Има промоции и промоции, а јас верувам и се надевам дека оваа ќе биде посебна. Бидете поздравени. 

 

https://www.facebook.com/photo.php?fbid=4718773898820&set=a.13610063567…

Слика од неодамна одржаниот самит посветен на развојот на кул-турата. 

Од лево на десно: Тихомир се муртит, Дарко се смешкат, Бетмен... велит. Мошне конструктивно и концептуалистички, впрочем, со доза на метајазичност во просторот на парадигматичниот формализам и бескупулозност „ин виво“ на пост-нео-кардио-културо-синестезичноста во даден момент. Да, да. Туф, туф. 

 

Apendix: Додадено на 14.06.2013. Промоцијата помина и... испадна убаво. Една широкоаголна слика од настанот. Се' беше оригинал. И учесниците. И Валерија. И ајкуLaта. И публиката.  Да. И бидејќи имаше многу публика, и многу жени во публиката (и тоа дотерани женски, која од која), викаат „било добро“. Значи, ем корзо ем промоција. Да. 

 

 

9 јуни 2013 - 04:20