Ако веруваш

Чадорот

Деновиве сам себе се прашувам...

Јас ли се сменив, или само секој си ги покажа своите рогови?

Беше тоа уште еден жежок августовски ден. Сосема обичен по својота здодевност и пеколност, но сосема различен од другите бидејќи беше стотиот ден откако се беше затворило небото и капка дожд не беше капнала на земјата.

Луѓето уште и издржуваа некако, но, она што беа посеале по полето неповратно венеше.

Селаните исплашени дека ќе немаат што да соберат нит за зимница, нит за продажба, почнаа да размислуваат да се зберат и заедно да го замолат локалниот свештеник да направат една заедничка молитва за да падне дожд.

Се собраа неколкумина и се упатија кон неговата куќа.

И тој се беше скрил од жегата, и онака без мантија ги ладеше нозете во леген со вода под сенката на свенатите листови од оревот. Кога од далеку ја виде делегацијата, се стрча кон дома и ја препаша избледената од сонце мантија.

- Добар ден попе, рекоа во еден глас.

- Дал Бог добро добри луѓе, возврати... Кое добро ве донело?

И си ја кажаа луѓето маката која и онака му беше позната на отецот.

- Добро, рече попчето, нека биде утре изутрина, и онака е празник, но ве замолувам дојдете сите, и дедовци и внучиња, и младо, и старо.

- Како ќе кажеш попче ти, така нека биде - рекоа и си заминаа.

Другиот ден сабајлето црквата беше претесна за да ги собере сите.

Свештеникот го отвори својот веќе замастен на листовите требник од масло, вино и восок и ја започна молитвата за дожд.

Откако го кажа и последното Амин, се заврте кон народот и праша:

- Верувате ли драги мои парохјани дека оваа молитва ќе помогне да се отвори небото? Верувате ли дека сега ќе заврне?

-Веруваме, веруваме, одговорија во еден глас сите селани.

Свештеникот за момент влезе во олтарот и се врати со својот чадор во рака велејќи:

- Верувам и јас, па си го понесов чадорот. А има ли некој од вас кои велите дека верувате, а да има понесено чадор со себе денес?

Никој не одговори ништо, нити покажа чадор. Во молк ја напуштија црквата.

Та друго ми беше муабетот.

Јас (оној некредибилниот владика со порше и црвени чевли кој го дели народот спротивно на професијата и функцијата на која е поставен наместо да го обедини (според критериумот на позицијата), и оној кој е секогаш правичен и се бори за сите подеднаково, и е против режимските неправди (според критериумот на опозицијата и слободарите)), пред ден два се сретнав со кандидатот за пратеник од дијаспората на позицијата.

Човекот го знам одамна. Скромен, честит, тих и голем работник. Македонец, ништо помал од мене и од многумина од вас што ова го читате. Е арно ама, муслиман. И тоа не обичен муслиман, туку муслиман кој и пред да биде кандидат за пратеник долги години наназад со својот другар Мунир доаѓаат и во Рим на чествувањето на Св. Кирил и Методиј, и на славите на нашите црковни општини во Неиве и Пјаченца за да ни го честотаат празникот, славата.

Како стари пријатели, ми пријде и ме праша дали би го поддржал во кандидатурата. Во глава ми дојде погоре напишаната приказна, и прашав дали му значи и дали верува дека може да му помогне мојата поддршка?

Кога ми кажаа дека не би ни прашале ако не им значи, бев убеден дека е еден од ретките што понел чадор кога молел за дожд. Ја објавивме заедно поддршката на ФБ.

И види чудо наеднаш. Некои од оние за кои сум некредибилен и кои ме обвинуваа за мешање во политика веднаш споделија информација и се израдуваа на поддршката, a некои од оние кои ме почитуваа заради карактерните ставови и револиционерноста ме запцуја до трето колено, па дури и Бога го запцуја.

Се запрашав искрено: јас ли се сменив или само секој си ги покажа своите рогови?

Сфатив дека многумина се залагаме за да нема никогаш крвопролевање, а сепак малкумина тоа го имаме во крвта.

Гласајте и не заборавајте ги своите чадори ако верувате дека нешто може да променат вашите гласови без разлика за која и да е политичка опција да гласате.

O. Pimen

 

21 ноември 2016 - 22:15