Џозеф Рудолф Вуд (на фотосот горе) својот крај го чекаше уште од 1991-ва година кога на смрт бил осуден заради убиство на девојка му и татко ѝ. Како што скоро пишувавме (види: Ме уби пребавна смрт), во Калифорнија смртната казна беше прогласена за неуставна, не заради самиот чин туку заради предолгите чекања што се сметаат за брутално казнување).
Кај Вуд проблемот е поинаков. Нему му била вбризган смртоносен коктел кој требало да го убие безболно и ефикасно. Наместо тоа, од моментот на примање на коктелот до констатирањето на смртта минале два часа. Од нив, цел еден час и 40 минути Вуд се грчел и панично се борел за воздух како риба на суво, сето тоа пред очите на ужаснатите лица кои го следеле извршувањето на смртната казна.
Што се случило? Од стариот рецепт немале доволно материјал па пробале нова комбинација (мидазолам и хидроморфон, злу не требало). Слични контроверзни експерименти со нови супстанци прават и во Охајо и Оклахома.
"Инјекциите се неуспешен обид да ја маскираме бруталноста на егзекуциите и да ги претставиме како убави и спокојни моменти, како што си замислуваме дека и ние еден ден ќе заминеме од овој свет," вели судијата Алекс Козински, еден тежок конзеравативец назначен во регановото доба.
Тој смета дека на јавноста не треба да ѝ се крие дека државата изведува сурови чинови во нејзино име.
Затоа предлага да се врати стрелечкиот вод. Инаку, тој лично преферирал гилотина бидејќи методот нема утка но смета дека јавноста тоа сега не би го прифатила.
"Стрелањето е малку бербат ама е ефикасно," вели Козински.