Jа сонуваа најдобрите, ја урнаа најлошите

Предраг Луциќ: Југославија беше нашата ЕУ

Нашите националисти најмногу ги жести фактот дека меѓу земјите од поранешна Југославија, и покрај сè, сè уште има силни културни врски. Ги жести затоа што нашите локални бардови можат да бидат големи само во вакви затворени средини и што својата меѓународна кариера можат да ја остварат само во земјите на поранешна Југославија. Покрај тоа, националистите заемно се привлекуваат, знаете; многу се сердаризираат и се војводизираат; и тоа ви е некој посебен вид еротика...


Луциќ вели дека кога тој отишол од Сплит во Белград за да студира во 1984 година, Белград сè уште бил „отворен, југословенски град. Работите почнаа да се менуваат некаде во пресрет на фамозната Осма седница на Централниот комитет на Социјалистичката партија на Србија: дотогаш придушеното националистичко раздвижување преку ноќ се претвори во отворен шовинизам. Така, на пример, некои од моите колеги - за кои инаку знаев дека се шовинисти - нагло се заинтересираа за историјата.

'Боже, Пецо, како си можел?', ме прашуваа.

'Што како сум можел?', изненадено им одговарав.

'Јасеновац...'

И што да одговори човек на тоа?... И покрај мачнината што ја чувствував, таа атмосфера ми помогна да сфатам дека човек никогаш не треба да прави ништо од името на некој колективитет, особено кога станува збор за мнозинска групација.

Што сфативте?

Еве, ќе ви кажам: со својот поган јазик, некои српски интелектуалци во осумдесеттите години се обидува да ја протуркаат идејата за наводна загрозеност на мнозинството. Иако најмногуброен народ, Србите, се велеше, во Југославија се најугнетувани; и таа „неправда“, логично, тргна да се исправа со војна... За жал, денес гледаме дека и оние народи што во СФРЈ беа втори, трети или четврти по бројност, кога конечно избија на првото место, во своите мали губернии ја пласираат истата теза за некаква загрозеност на мнозинството.

Иако толку често ја споменуваат, луѓето очигледно ништо не научуваат од историјата; таа им служи како прирачно средство за докажување на исправноста на националното страдалништво: нашите жртви се поголеми од вашите, вие убивте повеќе... И тука малку работи се сменети.

Се плашам дека во овој поглед се нема сменето - ништо!

Веројатно сте во право.

Во меѓувреме, реагирајќи на белградското, и во другите републики на поранешна Југославија почнаа националистички арлаукања. Пред сè во Хрватска. Така, обидувајќи се сопствените тараби да ги претставиме како граници на вселената, во изминатите дваесет години не само што се испоубивме, туку и ужасно се провинцијализиравме. Впрочем, како денес се нарекува просторот на поранешна Југославија?

Регион, логично.

Е, а во СФРЈ се знаеше што е регион: Истра, Кварнер, Санџак, Далмација... Денес, сите заедно, не сме држави; ние сме - регион!

Ех, лесно ви е на вас што влеговте во ЕУ да ламентирате...

Извинете, Југославија беше нашата прва ЕУ. Со сите свои добри и лоши страни. И неа, како и ЕУ, ја сонуваа најдобрите. А ја урнаа најлошите... Знае да ме изнервира кога ќе ги слушнам европските бирократи - но и овие нашите во Хрватска - како велат дека Хрватска од Балканот конечно им се вратила на своите. На кои?! Па не постои Европа без Балканот. А ни обратно.

За жал, на просторот на поранешна СФРЈ денес имате многумина такви на кои поимот „регион“ им е поблизок од поимот „Југославија“; веруваат дека сето тоа треба да се прегради со нови берлински ѕидови, да се oпаше со боцкава жица, да се продлабочат рововите... Во таа смисла, нашите националисти најмногу ги жести фактот дека меѓу земјите од поранешна Југославија, и покрај сè, сè уште има силни културни врски.

Зошто ги жести тоа?

Бидејќи нашите локални бардови можат да бидат големи само во вакви затворени средини и што својата меѓународна кариера можат да ја остварат само во земјите на поранешна Југославија. Покрај тоа, националистите заемно се привлекуваат, знаете; многу се сердаризираат и се војводизираат; и тоа ви е некој посебен вид еротика... Конечно, не заборавајте: за тоа се боревме, нели?! Се боревме да се испреградиме, да се знае што е чие и кој е кој во нашите мали, стушени губернии... Не би сакал да бидам неправеден кон младиот и убав свет што шета по улиците на Загреб, Белград, Сараево или Подгорица; но од перспектива на општата провинцијализација, јасно е дека денес повеќето луѓе едвај ги носат своите изветвени животи.

Уште како студент почнавте да соработувате со Ферал?

Да... Година дена пред да запишам ФДУ, во Сплит го запознав Виктор Иванчиќ. Беше студент по електротехника и го уредуваше ФЕСБ - весник на Факултетот за електротехника, машинство и бродоградба, кој, иако се занимаваше со студентска тематика, беше попркосен од повеќето југословенски младински весници. Во него лесно ќе ги најдете зачетоците на подоцнежниот Ферал, како и на Викторовиот Роби K... ФЕСБ во секој број на читателите им го поставуваше истото прашање: Имате ли родители? Зошто не ги напуштите? Тоа беше еден вид слоган.

По добивањето на наградата Седум секретари на СКОЈ, Виктор Иванчиќ и Велимир Маринковиќ беа поканети во Недељна Далмација да ја уредуваат претпоследната хумористична и сатирична страница - Ферал. Виктор набргу ми испрати писмо и ми понуди соработка. Текстовите од Белград ги праќав по пошта.

Во центарот на Белград тие години можевте да го купите целиот југословенски печат; па и Недељна Далмација.

Од денешна перспектива, каков беше тој печат?

Тоа беше период на ослободување на новинарството од идеолошките стеги, особено кај младинскиот печат, но и период на воведување нови рамки на неслобода, служење на нови „виши“ цели од името на кои новинарите беа слободни само толку колку да напишат секакви нискости и гадости за новите непријатели на своите господари. Во тогашните југословенски медиуми, се разбира, имаше и навистина дисонантни и непомирливи гласови, но за жал и привремени излетници во слободата. Јас читав, како и денес, сè и сешто: од авторите со свое „јас“ до оние со свое „ние“. Поради овие вториве жалам што уште тогаш не ми падна на памет нивните дела да ги подготвам и да ги чувам во рубриката „Greatest shits“.

Но да се вратиме на Ферал: со оглед на тоа што во почетокот жестоко се деревме по Слободан Милошевиќ, Ферал кон крајот на осумдесеттите во Хрватска кај непаметните читатели имаше статус на еден вид лек за националните фрустрации, со речиси херојски атрибути. Сепак, нивниот ентузијазам наскоро спласна...

Зошто?

Затоа што нашите националисти беа убедени дека ние, како остри критичари на шовинистичките испади на Милошевиќ, кога ќе дојде време први ќе викнеме: „Да живее Хрватска!“. Сепак, и покрај матното време, одбивме да застанеме на чија било националистичка страна; едноставно не се согласувавме со таквата подлост.

Кога влезе во кадар Фрањо Туѓман?

Влезе веднаш штом се појави на јавната сцена. Инаку, во 1988 година, на пример, никој сериозен во Хрватска не се осмелуваше да зборува за излегување од Југославија; се зборуваше за потребата за промена на системот и на односите во рамките на југословенската заедница. Во меѓувреме, работите се менуваа... Сепак, дури и кога веќе почнуваше да се насетува дека и хрватскиот национализам неизбежно ќе одговори на сето она што се случува во Србија, ако случајно некого прашавте кој наскоро ќе го преземе водството во Хрватска, кого ќе исфрли таа матна националистичка вода, Фрањо Туѓман ќе беше на некое 97. место. Кој воопшто знаеше за него?

Се сеќавам дека пред појавата на Туѓман, Драган Благојевиќ, кој на Теразије долго време го држеше прочуениот „анархистички“ киоск со југословенски печат, од каде што подоцна беше протеран во загрепски Потходник, некаде во 1988 година рече дека „ако оваа земја преживее“ - а земјата сè уште беше Југославија - „треба да ѝ се подигне споменик на Хрватска бидејќи, и покрај сè, одби да полуди“.

И што се случи? Туѓман дојде на власт во мај 1990 година...

Сешто се крчкаше пред појавата на Туѓман... Не заборавајте дека во тоа време низ Југославија беа шетани моштите на кнезот Лазар, се отвораа стари прашања; Видовден во 1989 година во Книн се славеше со извици: „Ова е Србија!“ И секаде каде што Србите во поранешна Југославија извикуваа „Ова е Србија!“, со повеќе или помалку жртви - како одговор на обидите Југославија да се претвори во Голема Србија, на сите тие места порано или подоцна се создаваа нови држави.

Но ајде да видиме како Фрањо Туѓман ги полуде Хрватите. Добро се сеќавам кога во книжарниците се појави неговата позната книга „Беспаќата на историската реалност“... Иако имав пари да ја купам и храброст да ја украдам, ја листав, ја листав и ја вратив на место; едноставно, тој дрвен генералско-административен јазик ми одеше на нерви. Меѓутоа, токму со тој јазик и со своите луди идеи Фрањо Туѓман наскоро ќе успее да ја погоди малограѓанската националистичка жица кај Хрватите.

Така полуде Хрватска?

Така... А кога веќе сме кај лудилото, Ферал, повикувајќи се на книгата на Боро Кривокапиќ „Го прашав Крлежа“, направи добар штос. Имено, зборувајќи за Туѓмановото затворање, Крлежа на Боро му вели: „Човекот е болен, има два инфаркти; па сигурно нема да го држиме во затвор... Не знам дали ни Гестапо чувал такви болни луѓе по затворите“. Комбинирајќи ги тие две реченици, не беше тешко да се прочита дека Крлежа за Туѓман зборуваше пред сè како за „болен“.

Велат дека хрватскиот претседател од погледот на Ферал добивал буквално нервен слом.

Нашето прекрасно пријателство со Туѓман почна уште од времето кога тој не беше ни блиску до власта; но веќе нè имаше регистрирано. Всушност, основајќи разгранок на својата Хрватска демократска заедница во Сплит, Туѓман, веднаш по поздравот „до Хрватките и Хрватите, сплиќанките и сплиќаните“, во своето обраќање рече дека во „хрватски Сплит“ мора да внимава како зборува затоа што тука се „момците од Ферал, кои јазикот на кој зборувам го исмеваат како некаков божем неоусташки“. Е после знаете како оди тоа: кога некој ќе ви покаже дека го погодуваат сатирата и потсмевањето, тогаш е - адио. Така почна: како што Туѓман ја преземаше Хрватска под свое, така нашите третирања на неговиот лик и дело беа сè пожестоки; сè повеќе простор заземаше во Ферал, кој сè уште беше дел од Недељна Далмација.

Неколку месеци по промоцијата во Сплит, и Туѓман и ние ги променивме местата: Туѓман ја презеде власта, а ние од Недељна Далмација се најдовме на улица, за подоцна, по покана од уредникот Јошко Кулушиќ, да преминеме во Слободна Далмација и таму да го работиме Ферал. Оттаму тргна надградбата и сериозната работа со Туѓман и со ХДЗ.

Во склоп на таа „работа“ е и прочуената фотомонтажа: Милошевиќ и Туѓман прегрнати, во кревет?

Тоа беше за време на женевските преговори и шверцерските нагодувања на српските и хрватските „миротворци“ над мапата на Босна и Херцеговина. Тие двајца, всушност, сами се вовлекоа во тој кревет. Нашата фотомонтажа само им даде чиста постелнина, за разлика од онаа што во реалноста беше крвава.

Ако ги оставиме настрана сатирата и исмевањето со Туѓман, Ферал беше првенствено весник во кој можеше да се прочитаат сериозни текстови, коментари, интервјуа, репортажи...

Се разбира, Ферал не беше само сатира и денес не треба да го сведуваат на тоа. Не би сакал да звучи како самопофалба, но морам да кажам дека - формирајќи се на Азра, Панкрти, Клеш, на раните филмови на Емир Кустурица, на Само једном се љуби, на Ко то тамо пева, на конечно извадените од бункер и одгледани филмови од црниот бран, на Мирослав Крлежа, на Витомил Зупан, Данило Киш и Мирко Ковач - се трудевме да го зачуваме оној вид „оган“ - непомирлив и бунтовнички - што во различни историски периоди гореше во поранешна Југославија. Покрај тоа, се поклопија околностите, ни се придружија и некои прекрасни луѓе; на крај, не се скаравме и растуривме како што често знае да се случи кога нешто се прави со такви емотивни влогови.

Како успевавте?

Пред сè, нè држеше страста, нè тресеше треска каква што, за жал, во новинарството на државите од поранешна Југославија денес е тешко да се најде. Покрај тоа, ние што го создававме Ферал совршено се разбиравме: никој никому не му ускратуваше простор, весниците не ги доживувавме како полигон за фурање на сопственото его. Конечно, не само што бевме тим; бевме и другари што, знаејќи дека секогаш ќе ја добијат вистината - ма каква и да е - имаа обичај еден од друг да бараат мислење за текстот што го напишале. И тоа, верувајте, денес најмногу ми недостига.

Ферал и денес има многу обожаватели, но неспоредливо помалку вистински наследници. Тогаш, зошто е толку тешко да се направи „нов Ферал“, што мислите?

Ферал беше создаден првенствено како израз на нашата човечка и авторска потреба да направиме токму таков весник; веројатно и ни се случи затоа што никогаш не беше проект, туку потреба да го кажеме тоа што - онакви какви што сме - ниту знаевме ниту сакавме да го премолчиме. На некои нови и помлади луѓе можам да им посакам најпрво таква потреба, а потоа и среќа да се најдат меѓусебно, без оглед дали ќе се најдат околу весник, портал или нешто трето.

Бидејќи ги читате весниците и порталите од поранешна Југославија, како ви изгледаат тие денес?

За жал, доминира таблоидизацијата, која сопствениците и уредниците се обидуваат да ја продадат како задоволување на вкусот на денешната публика. Притоа, таа публика, јасно ви е, служи само како параван за ниските вкусови и ниските пориви на оние што ги дрмаат медиумите. Сè уште верувам во читателите што им рекле збогум на таквите медиуми, кои од весниците очекуваат дисциплина на кичмата: да не им се умилкуваат ни на моќниците ни на публиката на чиј слеп консумеризам треба да се одржува таа моќ. Зашто весниците не се само чисто медиумски производ, туку, пред и над сè, соговорник. Па макар и да се скарате.

*извор

29 ноември 2016 - 16:41