Без Паника

Распуст

Мојот омилен непријател ми вели: Тато, 10 дена без вас родители ќе се изнауживам. Доволно е што нема да ве гледам и слушам. Како да ѝ објаснам дека мене ми е поубаво?

Сте приметиле ли дека градот поинаку дише за време на распуст? Околу вас гледате насмеани фаци, сите се шетаат, спортуваат и се журкаат. Нешто е поинаку, иако липите сè уште мирисаат низ делови од метрополата. Дури и по големи згради може да ги осетите мирисите на преостанатата природа поради тоа што и летните балконски кујни се во летаргија, па не ве вознемируваат (толку многу) со аромата на летна манџа со многу лукче, мх мх мх. Птиците некако повеќе се слушаат. А и комарците.

Идиличната атмосфера изгледа како некоја класика од кватроченто. Една работа што сум ја приметил по тие слики е дека се насликани луѓе заедно со мали деца и по некоја животинка. Нема Тинејџери. Зен Ренесанса.

Дваес и кусур посто од популација е алоцирана по летни кампови, охриди, планини, села. Има нешто ситна боранија од деца ама тие се или во количка или премногу мали и сè уште добро воспитани. Толку е фино што човек се чувствува како на годишен одмор во сопствениот град. Ја нема онаа секојдневна и сама по себе жешка комбинација на тинејџерски хормони кои и Далај Лама би го претвориле во Далај Галама. Сува лепота.

Мојот омилен непријател ми вели: "Тато, 10 дена без вас родители ќе се изнауживам. Доволно е што нема да ве гледам и слушам". Како да ѝ објаснам дека мене ми е поубаво? Дека 10 дена ќе се шетам по гаќи низ дома без да се плашам дека ќе изникне од некаде со 4 другарки и исто толку брзо ќе ја снема додека ти не си ни стигнал да се пресоблечеш. Дека ќе си пуштам музика по мој избор и дека ич нема да ми е гајле што има во фрижидер освен пиво за другарите кои, некако, повторно се појавија кај мене од моментот кога ја снема галамата.

Но, така било и така ќе биде, што би рекле во еден филм. Затоа што кога ќе дојде летниот распуст тинејџерите се здобиваат со најмоќното оружје: Времето. Го имаат само за себе на располагање. Па видете ги, спијат кога сте на работа за да ве нападнат одморени кога ќе си дојдете дома, бре. Имаат време да направат планови за сè што им е во фокус дента, а и по неколку варијанти како да ве сјебат. Затоа што вие сте на крај жртва, помирете се. И кога се казнети се снаоѓаат, тогаш и највеќе.

Затоа ви преостануваат 2 варијанти, т.е. една варијанта и една подваријанта:

1. Сун Цу - Избегни го конфликтот (ако можеш)

Избегнување со дислокација. Оваа појава на масовна миграција на младината се појавува со индустриската револуција и развојот на модерниот англо-саксонски систем на образование, во кој, како неизоставен дел се јавува распустот. А распуст како да е предодреден за бељи. Сигурно сте прочитале дузина книги како Том Соер кои се случуваат на распуст.

Затоа се прибегнува кон дислоцирање на тинејџерската популација во еколошки поздрави средини како што се излетнички населби, села и, Дајбоже, езеро или планина. За помош се земаат баби, дедовци, тетки, пријатели и комшии. Ама има и во тоа некоја магија. Сигурно и ден денес јасно се сеќавате на лудoстите со тамунекојси братучеди кои во моментот кога сте ги запознале ви изгледале како паднати од Марс. И не може да ги заборавите тортите со шумски јагоди од баба, како и лакот и стрелите и чудните историски Рипли приказни од дедо. Денес и дедо и баба се на Фејсбук, па може да ви постираат новости. А дека ќе ги размазат, ќе.

Ако имате во посед некаква викендичка или макар и приколка, пуштете ги и сами кога ќе им дојде време. Нема да ја запалат, ќе им се доаѓа пак. Дури и можете да им го искористите друштвото преполно со адреналин за да ви го исчистат плацот од гранки. Е сега, сепак распустот трае, па во даден момент ќе ја загубите стратегиската поддршка и сепак ќе мора да се соочите со непријателот, па како излез ви ја предлагам следната (под)варијанта.

2. Бакунин - Гемиџиски Револуционерен Активизам - Збуни го непријателот

Оваа техника бара мали подготовки и разумна количина време и енергија, но може да доведе до неочекувани резултати. Всушност, работата е во тоа што наместо да се браните и го возите филмот на вашиот тинејџер, нападнете го во најгерилска смисла. Уште пред да може нешто да смрчне, измислете некоја активност која не ја очекуваат. Однесете ги во музеј, на изложба, концерт. Лето е, секој ден има по нешто. Земете ги да гледаат фудбал со вас, ќе се осеќаат пофраерски. Кажете им да си викнат другар/ка да преспие уште пред тие да ве прашаат. Одете заедно на нешто што завршува на инг: картинг, рафтинг, клајмбинг, фотошутинг. И вие добро ќе си поминете.

Воедно, тоа ви се и последните заеднички летни дружби, затоа што кај и да е, баш во моментите кога со радост ќе тргнете да набавувате семејни количини млеко за сунчање, тинејџерот ќе ви каже:

"Не ми се иде више со вас на одмор, досадни сте".

Иво Антов

17 јули 2014 - 11:43