Мењам срце за Порше 911 Карера

Морам да верувам дека постои проста убавина до бол на оваа земја.
Непоткулива и сурова како гризење на долната усна на ЛИбертанго од Астор Пјацола после седусто деци Кратошија.
Како емоција на тазе мајка која штотуку раѓа и незнаеш дали е тоа болка или смеа на ликата.
Морам да верувам дека постои за мене таква среќа барем на еден ден дојдена со спиење во душава.
како ветер во косава во порше деветсто единаеска со бугарски таблици од двеиљади и трета.
Во пет поручек.
во мај.
во сабота.
Некаде на кривината во синото измеѓу Ница и Трпејца.
Морам да верувам дека еден дека постои таа убавина во градите под мојата бела обична ефтина памучна маица.
Оти од дете јас во љубов не верувам.
Не верувам откога Дилан и раскина на Бренда и оваа се скина од плачење на Лузинг мај рилиџан.
Не верувам во судбина.
Не верувам во судбина откога и ја напишав првата песна и таа ми кажа ко низ пушка па ова не е твое кујзнае од кај си го препишал да ти ебам.
Верувам дека еден ден ќе си ја исцедам таа залудна љубов од мене во песна како серум во ампула.
Низ пенкалото како низ игла за трансфузија
како низ змијата од знакот за апотека
Не верувам дека ќе е долга.
Дотогаш само во тоа верувам.
Само во тоа морам да верувам само во сето напишано и во едно спокојно Порше деветсто и единаеска карера со две седишта.
Верувам во спокојна самотија во таа кола.

Верувам во ритамот од тиии рарара од Орбитал кој тогаш ќе ми струи низ крвта.
Морам да верувам.
Инаку ќе експлодирам како галеб кој пролтал карабит во парче кифла , па се напил од водата.
Морам да верувам во таква убавина.
Во машина.
Морам .
Инаку ќе овенам.
Срам не срам ама понекогаш гуглам дали најдоа ефтини пумпи во замена за човечки срца.
За ова грозно срце на Косово негде да го продадам и ампутирам.
Да си купам Порше деветсто единаеска на старо и бугарски пасош на ново.
И да се возам и да се смеам...
И сонцето , птиците, нејзиното прво треперење од првиот пат под рацеве,
од максим горки цутот од црешите ,
И од баба ми топлото чувај се ,
првото пијанство и после првото лапање близината на ѕвездите,
од Амазон и Тресонче во пролет смарагдите во очиве
и младоста, детсвото , и голтката сино небо за гргара во грлото
да ми екслодираат во черепот дури ркам ко некој сељак од поршето.
Јас не верувам оти човек може да ти ја донесе таа убавина.
Верувам во машина.
Пред некој ден си го најдов Поршето Карера во старата куќа.
Пројдов по него со раката како да галам икона.
Поради таа играчка јас почнав да верувам дека мора да постои проста убавина до бол на оваа земја.
Моите другари ги знаеја на памет составите од фудбалските тимови на Италија на Србија на Хрватска на Македонија на Ѕвезда на Ренова...
јас знаев се за Порше деветсто единаеска од првиот модел од шеестрета со 128 коња па навака...
Некогаш и не знам дали првиот збор ми бил Порше или Мама...
знам само дека верувам во оти мора да постои таа убавина до бол на оваа земја и оти вистинска е само онаа љубов меѓу човек и машина.

Дарко Лешоски


17 мај 2013 - 12:12