За хороскопот и знаците

Гледањето на кафе (со превртувањето на филџанот по пиењето) некако замира со годините и не е толку популарно како порано, но читањето хороскопи останува омилена занимација за многумина во нашава средина.

Животот често знае да биде комплициран и крајно непредвидлив, па луѓето отсекогаш изнаоѓале начини како да го скротат, разберат и да му се прилагодат. Како да ги донесат вистинските одлуки и да живеат во хармонија со себе, со другите и со светот што ги опкружува? Во врска со тоа одговорите можеле да ги побараат во соодветната вера што луѓето ја практикуваат и живеат на своите простори, но во нашево урбано живеење најбрзите и наједноставните одговори ги дава еден глобален феномен - хороскопот: дневен, месечен, годишен. А брзината и едноставноста се она што се бара денес, нели? Суеверието дека судбината ни е запишана во ѕвездите не само што не се искоренува, туку станува некакво општо прифатено насетување, „инстант-мудрост" и можност да се живее во согласност со иднината. Верувањето во знаците на зодијакот всушност го сведува човека на марионета кому животот му е запишан и предодреден во мигот на неговото раѓање, и единственото што може да го стори е да дознае предвреме каков ќе му биде следниот ден, недела, месец... Гледањето на кафе (со превртувањето на филџанот по пиењето) некако замира со годините и не е толку популарно како порано, но читањето хороскопи останува омилена занимација за многумина во нашава средина. Еве, помислете, во комуникација со луѓе кои допрва ги запознавате, колкупати сте го чуле прашањето: Извинете, а што сте во хороскоп? (Кога јас ќе го чујам ова прашање некако скиснувам и не ми се разговара понатаму, ама нè има секакви) Или, знаете ли за некој дневен или неделен весник кој нема редовна рубрика ХОРОСКОП? Значи, зодијакот има многу приврзаници и хороскопџиите се насекаде околу нас и лесно нè препознаваат. А штом им кажете што сте (дали риба или рак, водолија или стерелец...), тие веќе имаат поим за вашата личност, однесување, доблести и мани...

Сигурен сум дека сте слушале доволно за вашите знаци и подзнаци, натални карти и други астролошки финти, но во оваа пригода еве и јас се решавам да ги дополнам вашите знаења и да ви помогнам во толкувањето на буквалното значење на вашите хороскопски знаци. Значи, да се осврнеме на нив, на она што тие се... суштински:

Овен. Овенот е домашно животно, живее во стадо со пастир и кучиња. Во стадата има многу повеќе овци од овни, а младите што ги раѓаат се викаат јагниња. Овните кога ќе пораснат имаат рогови и скокаат еден на друг за превласт или онака. На турски, овенот го викаат КОЧ. Луѓето родени во овој знак би требало да се тврдоглави и да внимаваат секој да не ги стриже.

Бик. И бикот, како и овенот, е домашно животно. Ако доживее да созрее а претходно да не го скопат и да стане вол, машкото теле станува бик. Биковите раснат големи, мускулести се, имаат рогови, јаки торза и нервозна природа. Сакаат да се во друштво на крави. Луѓето родени во овој знак би требало да се импулсивни и цврсти. Омилена боја им е црвената.

Близнаци. Близнаците се двајца родени во исто време од иста мајка. Може да се машко и машко (браќа близнаци), машко и женско (брат и сестра близнаци), или женско и женско (сестри близначки). Ако се еднојајчени, близнаците си личат како јајце на јајце и тешко се распознаваат. Луѓето родени во овој знак никогаш не се сами.

Рак. Ракот е членконого создание. Има морски и слатководни видови. Скоро сите ракови имаат клешти, со кои може јако да штипат. Некои ракови (како крабите) не можат да одат право, туку само странично. Луѓето родени во овој знак би требало да можат да се бават со политика и дипломатија и треба да избегнуваат силно сонце, да не поцрвенат (не за џабе во нашиот народ се вели: црвен како рак).

 

Лав. Лавот е цар на животните. И тоа некрунисан, оти не сум видел лав со круна... само со грива. Го знаеме од басните. Во последно време го има многу по цртани и документарни филмови. Прилично е мрзлив и ги остава лавиците да ловат, а тој сака да фаќа сенка и евентуално да се бори... ако мора... и тоа со други лавови, за превласт во глутницата. Oсвен тоа, лавот е и голем патриот. Луѓето родени во овој знак би требало да покажуваат интерес за владеење над сличните на себе.

Девица. Таа е човечки знак, и тоа женски. Се работи за девојка која си нема работа со машки и живее чист и непорочен живот. Педантна е и мила, и најмногу сака да се облекува во бела облека. Луѓето родени во овој знак би требало да се традиционалисти, срамежливи и идеалисти.

Вага. Вагата е предмет, не е ни животно ни човек, се вика уште и терезија и служи за точно мерење. Тежината на едниот тас треба да се изедначи со онаа на другиот. Луѓето родени во овој знак би требало да се склони на постигнување рамнотежа секаде и во сè. Добро би било да станат правници.

Скорпија. Скорпијата исто така спаѓа во членконогите, но за разлика од ракот кој има само клешти, таа има и отровно жезло на опашката со кое може да боцне по потреба. Колку ѝ се помали клештите, толку ѝ е посилен отровот... замисли. Тие не се закачаат ако не ги закачаш. Луѓето родени во овој знак би требало да се независни и... поарно да не ги закачате оти може да покажат одмаздољубивост или да се налутат.

Стрелец. Ова е човечки знак. Машки. Се однесува на маж вооружен со лак и стрела. Во поново време, може да стрела и со пиштол, пушка, топ, или да наведува проектил. Луѓето родени во овој знак би требало да се воинствени и да знаат да погодат кога ќе дојде нивното време.

Јарец. И јарецот, како и бикот и овенот има рогови. Во народот, уште се среќава и под името ПРЧ. Вешто се искачува по падини и карпи, а може и да не мириса најпријатно. Тоа секако не важи за козите. Неговиот мирис ним им е тамам. Луѓето родени во овој знак би требало да се претпазливи и вешти во совладувањето на животните проблеми.

Водолија. Женски, човечки знак. Во руралните времиња, водолии се девојките што одат на чешмата сретсело да налеат вода за дома. Денес, секој е водолија со пуштањето на славината во кујната.. или бањата. Родените во овој знак би требало да се несебични и да им носат вода. т.е да им помагаат на ближните. Мажов водолија на сликава е грешка.

Риби. Не е една, туку повеќе... најмалку две. Рибите се водни животни без раце и нозе, со перки и крлушки. Мазни се и убаво пливаат. До неодамна, за убава девојка кај нас се кажуваше дека е „добра риба". Родените во овој знак треба да се внимателни и да се вардат од животните стапици и јадици...

      Се надевам дека мудроста на зодијакот со овој текст е скромно надополнета и им отвора нови видици на заинтересираните. Од приложеното се гледа дека хороскопските знаци се остаток од едно многу патријахално време. Гледате и сами, животинските знаци во машки род: овен, бик, јарец, лав (наместо овца, крава, коза, лавица) недвосмислено го ислустрираат тоа. Дури и рибите се „РИБИ", а не „РИБА", за да не е чисто женски знак. Неправда. Од приложеното некој може и да заклучи дека не сум многу по хороскопот... и можеби има право. Мора и такви да има. Сепак, чудно е тоа што голем број од денешниве интелектуалци имаат толку многу против религијата и нејзините осмислувања и интерпретации на животните растежи и падови, а се толку рамнодушни или дури и наклонети кон зодијачките „претскажувања". Човекот е битие со слободна волја и за многу работи не му се виновни или заслужни ѕвездите, туку неговиот сопствен избор и одлуките што ги донесува во деновите што му се дадени за живеење.

4 јуни 2014 - 20:05