Пред нецели 24 часа, сопругата на британскиот престолонаследник Вилијам, Кејт Мидлтон, му роди ќерка. Бебето кое го очекуваше добар дел од англиската јавност и од горе-долу разбирливи причини милиони луѓе низ целиот свет, е живо и здраво и со своите родители веќе ја имаше првата фотосесија.
Првиот плач на детето кое ќе види престол ако нејзиниот постар брат се откаже од идејата да биде отелотворение на детските соништа на многу вонаби принцези го забележаа сите глобални медиуми. Дел од нив веќе информираа и за првите сменети пелени на малечката на Вилијам и Кејт, а само моменти после првото доење во кое бебето имало прилика да се уштека на кралските цицки на мама Мидлтон, се појавија и првите теории на заговор, од тоа дека бременоста била лажна до оние кои тврдат дека Кејт Мидлтон се породила со снесување јајце бидејќи на планетава живеат рептили и дека целата кралска династија на Островот е дел од рептилијанската тајна светска влада.
Чест и част на децата кои гледале цртани со принцези, па токму затоа ги интересира и состојбата на мистичниот водењак на војвотката Мидлтон; поздрав за оние кои некогаш биле деца и не ги стасале дизниевите легенди, туку ги читале бајките со принцези; честитки и за фановите на народните приказни кои исто така осетиле што значи ројализмот од делото на Царот Ѓорѓи Колозов, последниот македонски цар.
И јас го поздравувам кралското бебе на британската круна. Да е живо и здраво, да има секогаш добро приготвена храна, да не му фалат пелени, да не се разболува пречесто, да не ги буди тато и мама во 3 наутро, за да може да се наспијат за да работат и да имаат пари да му купуваат барбики и шаткини јајца за јадење, бидејќи биле поздрави од кокошкините. Му посакувам да биде добар ученик, да си помине добро во средно, да учи и да заврши факултет за да си најде добра работа и да се омажи од љубов. На малечката принцеза ѝ посакувам и прабаба ѝ Елизабета да ѝ прави попара со бисквити и млеко, да ѝ дава пари да си купи тост на мал одмор, а дедо ѝ Филип да ја учи да вози точак и да ја шета во зоолошка каде ќе ги хранат мајмуните со смоки.
Ама, сакам нешто да признаам.
Мене деновиве многу повеќе ме нарадува раѓањето една друга принцеза која ја нема во британските весници бидејќи тие не знаат за нејзиното раѓање. Бременоста пред нејзиното доаѓање на свет не беше пренесувана на локалните и националните телевизии низ Македонија, а ја одмолчивме и на интернет. За тоа не ги обвинувам новинарите на Дејли Телеграф, Сан, Индепендент, БиБиСи и останатите за пропуштањето на оваа за нив еднакво важна информација, колку што е за нас важно раѓањето на сестрата на малиот бакингемски принц со барем славно име, принцот Александар. Не е крив некој кутар уредник во Гардијан што нема како да дознае за овие за него еднакво важни бебешки очиња, колку што за нас е реално важна информацијата дали баба Елизабета Втора сама правела мекици за правнуката, или нарачала кај некоја комшика.
Па затоа, сакам да им дадам можност да дознаат и да се израдуваат и развеселат, како што ние се радуваме и веселиме за раѓањето на првата ќерка на принцот Вилијам. Зошто некои лондончани да не може да седнат денес во некое пабче и да нарачаат по кригла за секого и 2-3 големи порции со риби и чипс, во чест на малата Македонка која исто така поседува сина крв, според зборовите на нејзиниот татко?
Во средата во Скопје се роди принцезата на Цобе, човекот кој секогаш ми е на услуга кога ќе седнам кај „Рори" во мојата омилена рок-кафана. Рацете кои ми донеле 800 пати за јадење и никогаш не ме оставиле жеден, чесно ми враќале кусур и ме поздравувале на доаѓање и заминување, пред неколку дена држеа мало бебенце, прв женски престолонаследник во фамилијата на наш Цобе.
Веројатно затоа и доаѓањето на свет на неговата малечка принцеза пред пет дена ме израдува малку повеќе од раѓањето на ќерката на Вилијам. Иако британскиот престолонаследник ни „добар ден“ ми нема кажано, не му го земам за зло и сум сигурен дека и идниот крал располага со калибар да ја постигне срдечноста и трудољубивоста која ја поседува Цобе. Сигурен сум дека Вилијам има и потенцијал искрено да ги развеселува луѓето со кои ќе дојде во контакт и со сето задоволство да се потруди да им го разубави денот.
Верувам дека би можеле да бидеме и добри колеги со Вилијам, и ако можеби еден ден одлучиме да ја работиме работата на Цобе, ќе бидеме коректни, срдечни и на сервис на луѓето за кои сме дошле да работиме. И тие нема да знаат дека ни се родила принцеза кога нашите кралици ќе се отворат со сета сила. Ќе нарачаат една македонска, две мастики и мени една секунда после нашето „добар ден, повелете“. И веројатно вториот пат кога ќе се видиме ќе нè прашаат, мене и колегата Вилијам, што препорачуваме, што е тазе и какво пиво имаме на точење. Ни третиот пат кога ќе им однесеме уште една тура за пиење, ни четвртиот пат кога ќе им смениме пепелници или петтиот пат кога ќе нарачаат сметка (или сè одново, како што обично бидува) нема ни случајно да разберат дека и ние сме добиле принцези во фамилијата. И ќе добијат сè што сакаат, ќе добијат царски третман, бидејќи кога работиш нешто што го сакаш - го работиш како цар.
Затоа, денес одлучив да пишувам за еден цар кој доби ќерка за која не пишуваа таблоидите. Бидејќи реално, не мора да те има по весници за да си цар.
Цобе, да е жива и здрава.
п.с. И умна, ако го чита ова на офф.нет за едно 15-20 години. Ок, малечка? :)
Вит лав,
Бетмен.