Во врска со исправно сечење гранки, Алекс Шиго бил еден таков човек, вистинољубив практичар, а не професор кој не излегол никогаш од канцеларија и не фатил алат во рака. Како вистински биолог и фитопатолог (некој кој ги изучува растителните болести), исекол стотици гранки, посебно заболени. Освен тоа, не го затаил она што го заклучил. На тоа продолжуваат да градат и други по него, па и јас. Во Америка е воспоставен стандард (норма) за одржување дрвја во градски средини, ANSI A300. Првиот дел од него е за кроењето.
Пред да објаснам како се сече гранка, неколку збора за тоа како не треба. Каде учиме вака да сечеме гранки? (сликите ќе доаѓаат под описот) Зошто нешто однатре не ни каже дека изгледа многу грдо и дека, по логика, е и штетно по здравјето на дрвцата?
Кога ги сечеме гранките било каде, особено кога така ќе ги исечеме сите главни гранки, ние сме го „скастриле“ дрвото (види поопширно во статијата „Во војна со дрвјата“). Еве визуелен приказ што ќе се случи со листопадно а што со четинарско дрво по ваква лоша интервенција над нив...
Еве како изгледа кога го правиме тоа на неколку гранки. Кога гранките се сечат било каде, тогаш избиваат „диви“ прачки (водопии). Тоа е начин на кој дрвото надоместува за изгубените листови. Заклучоците на практичарите: Не е убаво + штетно е.
Кога гранка се сече подалеку од деблото (главното стебло), честопати остатокот одумира и станува влез за бактериски и габични инфекции...
Уште една грешка се фес-резови, кои нема да се затворат со години, прашање и дали воопшто некогаш ќе се затворат. (Друго прашање: Што се случува со човек кој со години има отворена рана?)
Еве дрво кое не можело да ја затвори раната, распукало на пресекот и создало уште поголем и подлабок влез за микроорганизми. Сега веќе не може да се направи ништо, а и подобро ништо да не се прави, освен да се учи од него како не треба!
Ок, мислам дека досега е јасно како не треба да се сечат гранки. А, како треба? Еве приказ...
Мало објаснување (заради јазикот, не заради друго, зашто приказот е многу јасен). Лево е листопадно, десно зимзелено дрво (не толку прецизна поделба на дрвјата, ама мислам разбирливо за кај нас). Гранка се сече долж линијата C-D. Никако долж C-X (тоа се гореспомнатите фес-резови). Поголемите гранки се сечат со три реза.
Прво, се прави потсек А. Ако се оди без потсек (ако се отсече голема и тешка гранка само со еден сек, наеднаш), гранката ќе се распука под сопствената тежина. Раната ќе биде огромна; некогаш може да се преполови и цело стебло и да искрши нешто или да падне врз некого!
Втор сек е В. Со него се отстранува скоро цела тежина и должина од гранката за да може прецизно и без опасност од отчепување да се изведе последниот и најважен сек, C-D. Од каде знаеме каде е линијата C-D? Очигледно дека е замислена. Некогаш полесно се гледа, некогаш треба да се согледа. Еве предлог. Мене ми е полесно ако гранката ја замислам како рака со рамо, а сечењето како ампутација на гангренозна рака. Се сече само раката, без рамото. Мајстор Алекс (и други со него) открил дека хормоните кои потпомагаат затворање рана најмногу се сконцентрирани во зоната на „рамото“. Значи, „рамото“ треба да остане.
А еве како дрвото си ги затвора раните, ако е исправно пресечена гранката (оставено „рамото“) и со разумен дијаметар...
Знам дека она со „ампутацијата“ звучи малку одбивно за некого. Освен тоа, сечење гранки на големо дрво е и опасно по живот! Но, затоа ни требаат арбористи. Тие се практичари, не филозофи. Тие се “Tree Surgeons”. Тие се мајстори. Макар и да нема ниеден во Македонија, макар и јас да не сум тоа во нечии (па и ничии) очи, макар и да престанам со работа и со зборување еден ден, сепак вистината ќе остане - ни требаат...
Пракса. Тој збор многу го сакам. Толку ми е поинаков од филозофија и надмудрување. Толку ми е поинаков од школскиот систем. Делата (резултатите) се победата на тие кои бараат вистина и спроведуваат на дело. За среќа, практичарите и реалните луѓе наоѓаат начини да се најдат едни со други во овој свет полн со луѓе кои не ги интересира стварноста. Тие соработуваат и се надградуваат едни со други. Така се доаѓа до вистинско знаење со добри резултати... барем за тие кои ќе решат да ги применат во пракса.
Дејан, градинарот
на ФБ тука