Oва со кучињава во последно време ме потсетува дека светов навистина отиде по ѓаволите. Сè повеќе гледам кутриња што личат на господарите. И не зборам за раса, туку за облека, за парфеми, лак за канџи, шампони за бели влакна... накратко, зборам за кучешка мода.
Читајте!
Јас лично, не би се дефинирала како фешниста, зашто не сум роб на трендови, поинтересна ми е улогата на набљудувач, особено кога актуелниот тренд е исклучително бизарен! Кога се работи за "Pet fashion", ми се плаче, ми доаѓа мачно во стомакот, се разочарувам од човечкава раса и се надевам дека барем на кучето му е удобно.
Одам кај Моника, во "Pet and the city" и се распрашувам за оваа релативна новост, допирам сè што ми доаѓа под раце и поставувам милион прашања. Сфаќам дека главните жртви се кучињата, иако името на продавницата е преопшто. Посоодветно би било "Dog and the city" ама ај.
Освен сите оние предмети за кои знам дека постојат, Моника ми открива цел нов свет. Фустанчиња со тул, со чипка, со Сваровски кристали, блузони, мини монтки, лак за нокти, шампони, ташни за транспорт. Ми открива еден нов тренд.
"Јас се уште не сум купила, ама многу муштерии во последно време ми бараат количка!"
"Што?"
"Количка за бебе-куче. Знаеш, за да не се извалкаат, за да ги носат надвор на воздух и кога врне, за да ги стават внатре кога се малку уморни!"
Тишина.
"Аха", одговарам. "За кога ќе се уморат... како не ми текнало порано!"
Н е знам кого сожалувам повеќе, газдата или кучето. Ми открива уште еден многу посакуван предмет: бикини.
"Бикини за куче?"
Баш така. Најчесто, како за сите непотребни предмети, таргетот на муштерии се припаднички на понежниот пол. Срам ми е во моментов.
Одиме понатаму. Ми вади монтки, розеви, црни, сиви и ми кажува дека најчесто служат за малецки кученца кои професионално ги нарече "Toy pets". Греота, мали карикатури. После тоа, маички, фустанчиња од волна со карнери, ролки од кашмир и штрасови.
Ај сега замислете си мало едно мало кутре, тешко кило ипол облечено во мини фустанче со карнери или во маичка со костурче ала МекКвин, (и не морам ни да спомнам дека истите маички ги има и за газдите во човечка големина) со налакирани нокти и со златно ланче на коешто виси понекое привезоче во стилот на charmed by Tiffany и е намирисано со "Dog Parfume". Еве, пак ме фаќа жал.
Да ви зборам за нивните чинии со бисери или разни натписи, не ми изгледа многу оригинално, земајќи предвид дека постојат посебни шампони за кучиња со бели влакна, со долги или со кратки. Случајно ми паѓа око на цената. Дваесет евра. "Глуг" -подголтнувам. И мислам дека ние дома не употребуваме шампони во вредност од дваесет евра.
Денот е врел, а изненадувањата не престануваат. Отвора една од фиоките. Ми вади гаќички за менструација.
Не! Не е вистина!
Да, вистина е! Специјални мини црни гаќички со чипка. Не коментирам. Кога на крајот ми ги покажува лаковите за нокти кои се сушат брзо и специјален ацетон за канџи, немам веќе храброст да останам. Доста ми е! Ова ми е доволно, а сигурна сум дека и вам ви е довoлно.
Резиме, да не се разбереме погрешно:
Да - за животни,
да - за нега,
да - да ги заштитиме и стоплиме кога треба,
не - за вакви циркузи.
Сакам да можам да се вратам петнаесетина година наназад, во село. Кога кучињата имаа куќичка во дворот. И ги јадеа остатоците од ручекот. Кога ги наркуваа Џони, Белчо, Волчко, а ако ви текне уште некое име, пишете ми.
Она за "кучешки живот", може слободно да се архивира. Или да се реинтерпретира. Можеби во иднина, кучешки живот ќе се однесува на оние кои немаат избор, на оние кои не можат да се побунат, на оние кои не се прашани, туку само едноставно нашминкани, наконтени и употребени за придружба. Скоро како спектакл, скоро како да се циркузанти. Како секој ден да е Први Април.
А да измислиме некои нови права на животни. Што викате?
Емили, Италија